Средношколецот Нино Наумовски од скопската гимназија „Никола Карев“ вели дека во основно училиште за првпат бил жртва на врсничко насилство. Во разговор за Радио Слободна Европа (РСЕ) вели дека се чувствувал беспомошно - од децата навредуван, од наставниците оставен без помош.
„Мене децата, во однос на тоа колку јас на нив им одговарам или не, ме игнорираа, сите, како клас. Ми зборуваа зад грб, со погрдни зборови. И најмногу ме погоди тоа што наставниците не правеа ништо. Колку и пати да се пожалиш и со родители и се, тие кажуваа- ќе средиме, но средувањето значеше да им кажат: 'Деца, не е убаво така да правите' и наместо да нè учат на прифаќање, тие ја игнорираа ситуацијата. Имам впечаток дека психолошко педагошката служба во моето училиште не правеше ништо кога јас ќе се пожалев. Како да си велеа: 'Деца се...' Чекаа да завршиме основно за да се откачат од нас. Многу беше грда ситуацијата“, раскажува Наумовски.
Некои соученици кои биле жртви на булинг, се преместиле во други училишта, но тој останал. Освен што се чувствувал отфрлен, се сеќава и на непријатното чувство дека бил оставен сам да се бори.
Институтот за човекови права од Скопје, од декември 2021 година до февруари 2022 година спроведе анкета со 995 ученици и 255 наставници во средни училишта на тема „булинг“ или врсничко насилство, говор на омраза и дискриминација. Резултатите покажуваат дека околу 1/3 од младите биле жртва на некоја форма на врсничко насилство во изминатата година.
Навреди од врсниците, но и од нивните родители
Наумовски вели дека не го напаѓале само соучениците, туку и нивните родители.
„Бидејќи се бавам со музика, сум имал ситуации кога родители на деца, мои соученици од основно, ми велеа: 'Па ти пееш како гавран, ти не можеш да пееш, ти не смееш да пееш, ти си машко, а машки не треба да се бават со музика'. Ми велеа и дека мојата поезија не е доволно добра, или: 'Твојот стил мене не ми се допаѓа, што значи дека не треба со тоа да се бавиш, откажи се!'. Тоа се предрасуди чисто на лично ниво кои е навистина грдо да се кажат на дете. Моите родители ме одбрануваа, велејќи 'Кој си ти да му кажуваш на моево дете што може, а што не може да прави?', се сеќава Нино.
Поддршката од родителите е толку силна што, како што ни кажа, му предложиле неговото искуство да го раскаже без да го крие идентитетот, за другите деца да се охрабрат да зборуваат за вакви проблеми. И сега, како средношколец, вели дека може да биде мета на булинг, но во сегашното школо реагираат „брзо и соодветно“.
„Кај нас во 'Карев' имаме многу добра психолошко-педагошка служба која навистина се труди да го спречи булингот. Сум имал ситуации, кога почнав со средно, некој од основно што бил мој соученик, да каже некоја гласина за мене, но јас веднаш ја информирав службата и тоа веднаш беше санирано. Имаме работилници, прашалници... Деца кои се „проблематични“ ќе ги повлечат, ќе разговараат со нив, ќе го решат проблемот“, истакнува Наумовски.
Помош од врсниците
Средношколката Ева Стојчевска, која е четврта година во истата гимназија, била дел од обуки и работилници за врснички медијатори за меѓуврснички конфликти.
„На наша иницијатива, направивме една анкета за тоа дали има булинг во училиштето и така почнавме да соработуваме со Првата детска амбасада Меѓаши. Околу година и половина имавме работилници 2-3 пати месечно, со различни психолози, на кои дискутиравме на тема насилство и врсничка медијација. Сите во мојата генерација знаеја кои ученици учествуваа и дека може да ни се обратат во кој било момент. Немало некои големи конфликти во кои би можеле или би требало да се вклучиме. Но, имало некои мали ситуации помеѓу одредени деца - да не се согласуваат, па да се вклучам јас и некако да помогнам да може полесно да се изразуваат. Затоа што, некогаш треба само трета личност да ги каже нештата што ги кажуваат другите две, за да може да ги слушнат повторно, што всушност, технички, е и врсничката медијација“, изјави Стојчевска за РСЕ.
Видете и ова: Не одам на школски психолог за да не ме озборуваатПример од возрасните
Гордана Блажевска Спиридонова која работи како психолог во СУГС „Никола Карев“, вели дека младите кои учат од модел на однесување - имаат многу погрешни примери, бидејќи се креира култура во која насилното однесување е во ред, низ праќање на прикриени пораки.
„Еве да речеме, како се прават комедии? Комедијата е социјално прифатен начин во кој ние пропагираме - во ред е да му се смееш на некој друг. Ред комедии се правени за тоа како на луѓе им се случуваат незгоди, паѓаат, се удираат, ги малтретираат и ние сите се смееме на тоа и детето така учи дека е тоа во ред. Друг пример се агресивните игри во кои тие слободно можат да газат луѓе низ сообраќајот или добиваат поени ако убиваат луѓе во играта. Детето како што расте може да ја научи разликата меѓу реалноста и фантазијата, но важно е барем да се разговара со децата за да ја направат таа разлика. Ако не се прави разликата, детето ќе експериментира со различни граници. Нема да отиде да убива луѓе, но ќе повредува, ќе удира... Ќе се соберат 15 деца да истепаат едно дете. Ако не трпи последици, зошто да не истепа и следниот пат?!“, вели Блажевска Спиридонова за РСЕ.
„Око за око, заб за заб“
„Микро-просторот на децата или суб-културата на врсници има посебни правила. Правило на „око за око, заб за заб“... Потоа, она што го нарекуваат „роустање“ или исмевање, е стимулирано меѓу младите или како што мене ми го објаснија тие - тоа значи „вежбање на вилица со навредување“ или „фраер си ако добро навредуваш“, „фраер си ако буцкаш, коментираш, задеваш деца“. Во тој случај насилникот е на некој начин стимулиран, а излегува дека жртвата ако се жали е ранлив, е слабак, ако некому каже е „цинкер“, истакнува училишниот психолог.
И возрасните „хејтаат“
„Можеби возрасните нема да го наречат тоа - навредување, но дискриминираат. Децата се барем фер па кажуваат- хејтаме на сите страни. На пример: „Многу се хејта на Тик- Ток, ха ха ха...“ И тоа најчесто со насмевка го кажуваат“ додава Блажевска Спиридонова.
Како да се помогне?
Спиридонова вели дека насилството е дел од човековата природа и луѓето го имаат тој капацитет со раѓање, но задача на социјализацијата и на средината е да тоа да го корегира и контролира, а искуството покажува дека средината потфрла во оваа задача. Според неа, ако децата се оставени сами на себе, насилството ќе биде присутно, а тоа е особено случај во 7-мо, 8-мо и 9-то одделение.
„Во основно училиште се случува да има проблем со тоа дека нема реактибилност и децата се оставени сами на себе. Како детето учи дека не смее да применува насилство кога ќе влезе во кој било облик на образовен систем? Зависи дали средината реагира и каква политика на неприфаќање на насилство има. Пораките ги праќа средина којашто вели - ние нема да прифатиме ваков облик на однесување, а потоа развива стратегии. Децата велат дека кога биле да се пожалат, добиле одговор - ништо не може да се направи, почекај, ќе помине. Тоа е срамота, тоа е апсолутно немање на никаква стратегија и чувство на беспомошност на возрасниот дека може да му даде поддршка на детето. Тоа се начини на кои системот го учи детето, дека насилството се толерира. Во овие микро-култури, ние праќаме погрешни пораки од сите страни, прво од возрасните, потоа од медиумите, што значи дека ние никаде не го контролираме овој процес. Освен во образовните институции кои имаат законски обврски, ставено е дека ќе не казнат ако не реагираме. И тоа е сега, од скоро, до пред некое време беше на добра волја на училиштата да работат со ова. Сега веќе има парична казна за директорот и училиштето ако не реагираат, бидејќи навистина не се реагираше“, потенцира Блажевска Спиридонова.
Таа вели дека родителите мора да разговараат со децата за тоа како тие да постапат и да повлечат граница кога некој е агресивен кон нив, но потенцира дека во училиште, одговорните имаат обврска да го спречат насилството по секоја цена, а децата имаат право да бараат помош.
Учениците и наставниците различно гледаат на булингот
Според анкетата на Институтот за човекови права од Скопје, направена од декември 2021 година до февруари 2022 година, меѓу 995 ученици и 255 наставници во средни училишта на тема „булинг“ или врсничко насилство, говор на омраза и дискриминација, околу 1/3 од младите биле жртва на некоја форма на врсничко насилство лани. Повеќето сметаат дека само мал дел од булингот се пријавува, а најмногу се случува во основно училиште.
Според истражувањето, на младите им е тешко да зборуваат за личното искуство со говор на омраза, од перспектива на жртва. И учениците и наставниците сметаат дека говорот на омраза е најраспостранет на социјалните мрежи. Резултатите покажале и дека има значителни разлики меѓу перцепцијата на учениците и перцепцијата на наставниците за постоењето на говор на омраза и дискриминација во училиштата. Имено, перцепцијата на наставниците за постоење на овие феномени во училиштатата е значително пониска.