Со 68 гласа „За“ пратениците во Собранието денеска ги усвоија заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Неколку часа подоцна на 66-та владина седница беше донесена одлука за прифаќање на францускиот предлог.
„Со оваа одлука го започнуваме процесот на пристапни преговори на С. Македонија со ЕУ. Со оваа владина седница заокружуваме уште еден објективно историски чекор за нашата земја“, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција по седницата.
Тој порача дека благодарение на тоа сега државата има преговарачка рамка во која се заштитени македонскиот јазик и идентитет, а историските прашања се надвор од истата. Ковачевски додаде дека првата меѓувладина конференција на С.Македонија и ЕУ ќе се одржи на 19 јули во Брисел.
Претходно усвојувањето на предлогот во Собранието беше дочекано со аплауз од пратениците од владејачкото мнозинство кои си честитаа меѓу себе и го развиорија македонското знаме и знамето на ЕУ. Немаше против и воздржани пратеници.
Видете и ова: Што со преговорите и можните блокади по усвојувањето на преговарачката рамка?Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на дебатата и пред гласањето ја напуштија собраниската сала, а на нивните столчиња останаа само транспарентите против францускиот предлог.
Во меѓувреме усвојувањето на заклочуците беше дочекано со извици на негодување и фрлање на тоалетна хартија кон законодавниот дом од страна на граѓаните кои протестираат против францускиот предлог.
По гласањето лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција информираше дека 44 пратеници од опозициската партија се потпишале на нотар дека нема да гласаат за измените на Уставот, односно за внесување на Бугарите во него. Не се потпишале на нотар само пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои се болни од Ковид-19.
„Не очајувај народе Уставот нема да се менува. Рамката нема да биде прифатена. Стоп за предавниците. Долу предавници. Нека живее Македонија“, рече Мицкоски и им се заблагодари на сите што излегле да протестираат.
Според него, кога ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе одговараат сите, за како што рече, предавството на државата. На прашање кои им се следните чекори и дали ќе продолжат протестите, Мицкоски додаде дека за секој нареден чекор јавноста ќе биде информирана.
Ковачевски на прес-конференцијата рече дека е горд оти во Собранието немало ниту еден глас против за заклучоците на францускиот предлог. Според него, владината коалиција е цврста и ќе опстои до редовните избори 2024 година.
За однесување на ВМРО-ДПМНЕ, тој рече дека се надевал оти опозициската партија ќе се реформира, но, тоа не се случило. За тоа дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потпишаа нотарски изјави дека нема да поддржат промена на Уставот, Ковачевски рече дека според Устав пратениците се независни во своето одлучување во Собранието.
„Тие таму не претставуваат политичка партија или пак претседател на политичка партија кој што им бара нотарски изјави и мафта со нив по прес-конференции. Тие таму ги претставуваат граѓаните кои што ги избрале. Во однос на уставните измени ВМРО-ДПМНЕ треба да објасни што има против внесувањето во Уставот на граѓаните на РСМ кои што јасно се самоопределиле како Црногорци, како Хрвати, како Бугари“, рече тој.
Одлуката ја поздравија ЕУ и САД
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го поздрави гласањето во Собранието со кое, како што напиша, и се дава јасен мандат на Владата да започне првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ.
„Со нетрпение очекуваме да ги отвориме пристапните преговори со С.Македонија“, порача Вархеји.
Воедно слична честитка упати и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој порача дека ова е значаен чекор за Северна Македонија и ЕУ.
„Нашата иднина е заедничка и ве пречекуваме со отворени раце“, напиша Мишел на Твитер.
САД соопштија дека ја поздравуваат одлуката на Парламентот кој ги усвои заклучоците за францускиот предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции.
„Ги препознаваме тешките размени направени со овој компромис, кој го признава и го почитува културниот идентитет на Северна Македонија и македонскиот јазик“, е наведено во изјавата на американскиот државен секретар Антони Блинкен.
Три дена дебата
Првата меѓувладина политичка конференција е првата фаза од почетокот на пристапоните преговори кои по кластери ќе почнат откако ќе се промени Уставот со внесување на бугарското малцинство во Преамбулата.
Три дена пратениците раправаа за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Една од клучните барања на Бугарија е внесување на Бугарите во македонскиот Устав пред да почнат преговорите со ЕУ.
Дебатата во Собранието постојано се одвиваше во слична атмосфера како што започна со користење на вувузели и свирежи од пратениците на ВМРО ДПМНЕ додека се обраќаа пратениците на СДСМ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на денешната дебата рече дека не верувал оти ќе дојде ден во Собранието кога ќе се расправа за, според него, ретуширање на историјата со која се газат предците и им се плука на нивните маки и жртва со цел Владата да остане уште некој ден на власт.
„Ова што се случува денес е злостроство врз цел еден народ. Ова што се случува денес е триумф на 150 годишна империјалистичка бугарска политика“, рече Николоски, кој додаде дека ваква грешка немало од независноста на Македонија.
Неговата колешка од СДСМ, Снежана Калевска Ванчева му реплицираше дека најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ направивила македонскиот народ и граѓаните на државата да се поделат и да немаат консензус за историско прашање за кое од 1991 година имало консензус- државата да биде демократска и да биде дел од НАТО и ЕУ.
„Многу ми е жал ми е што не успеавте да се надминете себе си и да си подадеме рака да заедно поддржиме нешто што може да не води напред. Дали ова е идеален предлог, сигурно - Не. Дали имаме проблеми во нашите односи со Бугарија - Да, и не само Бугарија“, рече таа и додаде дека треба да се градат мостови за генерациите кои доаѓаат.
Видете и ова: Пратениците гласни, граѓаните тивки против францускиот предлогЗаклучоците сега од Собранието се испраќаат до Владата, која треба да ги усвои. Во меѓувреме Владата за 16:00 часот ја закажа 60-та седница, по што прес-конференција ќе одржи Ковачевски.
Информација за содржината на Нацрт-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија беше предложена од француското претседателство на Советот на Европската Унија на 30 јуни. Таканаречениот француски предлог за укинување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори, зад кои застана целата ЕУ, во Македонија наиде на отпор од македонската опозиција, дел од граѓаните, академската јавност и невладините организации.
Почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија е блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата, а Брисел го врза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Македонија. Една година претходно, европскиот пат на двете земји беше блокиран од Франција, инсистирајќи на промена на методологијата за преговори.