Достапни линкови

Вувузелите погласни од повикот на премиерот да се поддржи францускиот предлог


Собрание седница за францускиот предлог за почеток на преговори со ЕУ
Собрание седница за францускиот предлог за почеток на преговори со ЕУ

Во тензична атмосфера надополнета со звуци од вувузели заврши првиот ден од расправата за францускиот предлог во Собранието. Премиерот Димитар Ковачевски побара пратениците да го прифатат документот. Власта му аплаудираше, опозицијата извикуваше дека е предавник. Пред седницата на пратениците им се обрати и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која рече дека македонскиот јазик е заштитен, а историјата не е услов за преговори.

Во тензична атмосфера, со силни свирежи и извикувања почна разгледувањето на францускиот предлог во Собранието. Премиерот Димитар Ковачевски побара поддршка од пратениците за предлогот со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции, оти како што рече, државата е заедничка. Додека зборуваше, едвај можеше да се слушне од големата врева со вувузелите што ја создаваа опозициските пратеници.

Тој на крај го цитираше „Пиреј“ од Петре М Андреевски, по што пратениците од власта му аплаудираат, а останатите извикуваа „предавник“, „предавник“. Опозициските пратеници носеа транспаренти против францускиот предлог и како што велат „бугаризацијата“ на државата.


„Предлагам да го прифатиме предлог и да продолжиме напред, со заштитено минато, со извесна и стабилна сегашност и во конечна подобра иднина. Ова го правам не затоа што морам, не затоа што е лесно, тука затоа што силно верувам во исправноста. Не се согласувам да плачеме над својата судбина, туку да се бориме на вистински начин за сегашноста и иднината, сигурни во себе и во својот идентитет, како дел од Европа, вреди да се избориме“, рече Ковачевски.

За збор се пријавени 42 пратеници. Првиот ден од расправата заврши во 18 часот, а седницата продолжува в петок во 11 часот. По говорите, ќе треба и да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.

Ковачевски вели дека пред Самитот на ЕУ на 23 и 24 јуни добиле сет на идеи, не финален предлог, и затоа пред сите членки и европска јавност во Брисел, тој гласно го отфрли тој предлог.

Потоа, како што вели,успеале да издејствуваат предлог во кој се заштитени македонски јазик, во кој билатералните прашања не се дел од преговарачката рамка и да се дефинира одржување на првата меѓувладина конференција веднаш.

„Кажав „да“ затоа што мислам дека овој европски предлог е најдобро можно решение во моментов, но и во следниот период. Предлог кој ги задржува црвените линии и во исто време дава конечно почеток на преговори. Многу се прашуваа со право - Дали можеше да биде подобар? За секоја работа во животот може подобро, но во исто време треба да се прашаме дали можеше да биде и полош. Одговорот е ист – Сите други работи може да тргнат на полошо. Не сакам да зборувам за полоши работи , верувам дека треба да ги најдеме подобрите работи“, порача Ковачевски.

Пратениците од позициите на ВМРО-ДПМНЕ свират со вувузели за време на делото на премиерот Димитар Ковачевски во Собранието на седницата за францускиот предлог.
Пратениците од позициите на ВМРО-ДПМНЕ свират со вувузели за време на делото на премиерот Димитар Ковачевски во Собранието на седницата за францускиот предлог.

Опозицијата дава примери зошто не треба да се прифати предлогот

На седницата пратениците од опозицијата наведуваат примери зошто не треба да се прифати предлогот и бараат реципроцитет од Бугарија за македонското малцинство и почитување на пресудите од Стразбур. Тие ја обвинуваат власта дека дозволила македонскиот јазик да биде сведе на дијалект на бугарскиот. Пратениците обвинуваат и дека ова со Бугарија веќе го договорил поранешниот премиер Зоран Заев.

Пратениците од СДСМ, порачаа дека сите лаги и манипулации на ВМРО-ДПМНЕ паднале во вода и дека македонскиот јазик и идентитет се заштитени.

Свирежи за власта, но не и за Павле Трајанов

Пратениците од опозицијата ги исвиркуваа нивните колеги од власта додека говореа, но тоа не се случи со говорот на Павле Трајанов од Демократски сојуз, иако и тој е дел од владејачката коалиција. Трајанов веќе даде свои предлог заклучоци за тоа што треба да се смени во договорот. Пратениците од опозицијата бараат Трајанов да каже дали го подржува или не предлогот. Претходно од партијата ДОМ, коjaисто така e во владејачката коалиција, се изјаснија дека не го прифаќаат договорот.

Пред седницата на која се разгледува предлогот, во Собранието се обрати претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен. Таа во обраќањето пред пратениците порача дека ЕУ ја чека Македонија. Таа вели дека ја разбира фрустираноста што земјата се уште не е членка, но додава дека ако се прифати францускиот предлог веќе следната недела ќе има меѓувладина конференција.

„Европа ве чека“, порача Лајен, а пред Парламентот протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:08 0:00

„Внимателно ги слушав, почитувани Македонци, вашите аргументи во однос на јазикот и идентитетот, нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. Затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик без квалификација од ЕУ. принципот на самоидентификација е важен за секој од нас“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање денеска пред пратениците. Таа вели дека предлогот, исто така го почитува и македонскиот идентитет.

Пратениците од власта обраќањето на Фон дер Лајен го поздравија со аплауз, а пратениците од опозицијата со транспаренти и посочија на претседателката на ЕК дека не се откажуваат од јазикот, идентитетот и се против асимилација.

Фон дер Лајен пред пратениците рече дека државата повторно покажала смелост и решителност, како што тоа го направила со Договорот од Преспа. Таа вели дека ја разбира фрустрираноста кај граѓаните во земјава, но, како што рече и ЕК е фрустрирана, оти во последните 13 години дава препораки за почеток на преговори, но тоа не се случува.

Во обраќањето таа рече дека добрососедските односи и соработка се дел од ДНК-та на европската интеграција и во процесот на стабилизација на сите земји.

„Дозволете да ве уверам уште еднаш дека билатераланите прашања како што се историјата не се услов во пристапните преговори. Некои велат би било подобро да се чека подобар предлог секако ваше право е да го направите тоа, но размислете колку се обидувавме да стигнеме до овде преку различните претседателства, ве охрабрувам да ја искористите оваа можност“, рече таа.

Фон дер Лајен се сретна со државниот врв

Фон дер Лајен претходно се сретна со министерот за надворешни работи Бујар Османи, со претседателот на државата Стево Пендаровски, со премиерот Димитар Ковачевски, а непосредно пред обраќањето во Парламентот, имаше средба и со собранискиот спикер Талат Џафери.
На седницата на која се обрати претседателката на ЕК присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министри од Владата, како и високи претставници од земјава и странство.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG