Достапни линкови

Пратениците гласни, граѓаните тивки против францускиот предлог


Скопје, 15.07.2022, Противници на францускиот предлог ја слушаат на разглас дебатата во Парламентот
Скопје, 15.07.2022, Противници на францускиот предлог ја слушаат на разглас дебатата во Парламентот

Втор ден по ред се одвива расправа во Собранието за францускиот предлог. Со слични методи како и вчера опозицијата се спротиставува на обраќањето на пратениците од СДСМ. Пред законодавниот дом е мирно и има само мала група на граѓани „опремена“ за протести.

Расправата во Собранието за францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за преговори со ЕУ денеска се одвива во слична атмосфера како што започна и вчера со користење на вувузели и свирежи од пратениците на ВМРО ДПМНЕ додека се обраќаат пратениците на СДСМ. Пред законодавниот дом пак собрана е мала група на граѓани кои носат знамиња и транспаренти и се „опремени“ со по некоја табла јајца и тоалетна хартија.

Дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на говорница и денеска ги кинеа листовите хартија на која е испишана „Информација за содржината на Нацрт-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, што беше предложена од француското претседателство на Советот на Европската Унија на 30 јуни“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски најпрвин ги прочита забелешките на невладините организации кои го следат процесот на проширување на ЕУ за францускиот предлог и потоа рече дека Македонија прави и се согласува на преседан во врска со започнување на прва фаза на преговори, што досега не било случај со ниту една држава.

„Вие како Влада може да одлучите што сакате. Но, не можете како Влада да одлучите и да превземете обврска што не може да ја исполните. Вие превземате обврска дека ќе го смените Уставот. Немате број на пратеници за да го смените Уставот“, рече Милошоски.

За реплика се јави пратеничката на СДСМ, Марија Ѓорѓиевска која побара одговор на прашањето од опозицијата каде државата ќе оди понатаму без отворање на преговори со ЕУ и која е другата алтернатива и како ќе го променат ставот на Бугарија. Единствената причина што се противат на францускиот предлог, според неа, е дека ВМРО-ДПМНЕ се против власта.

„Ниту договорот е во прашање. Ниту браните национален интерес. Чиста шовинистичка партиска пропаганда да се дојде на власт по секоја цена. Калкулантски пресметан театар за рушење на власта ако треба со жртви. Кукавички, лажно, манипулативно, срамно“, рече Ѓорѓиевска.

Милошоски и возврати дека лошиот договор, според него, може да се смени како што се сменила Лисабонска декларација од 1992 година која првично не била поволна за земјата.

„Многу е срамно што Зоран Заев за додворување кажа во едно интервју за бугарски медиум-Македонскиот народ и Бугарскиот народ се исти. Не е точно. Македонскиот народ и Бугарскиот народ се различни и имаат посебна историја“, додаде тој.

Што нудите вие и ако имавте што да понудите немаше да свирите, му порача на Милошоски колешката од СДСМ, Жаклина Лазаревска, која додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нуди поделба на граѓаните и изолација на државата.

„Што нудиме ние. Заклучоци со кои што сите ќе излеземе и ќе и наредиме на Владата никогаш да не ги доведе во прашање, дали на почеток или на крај, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Кои сте вие нас да не нарекувате предавници. Вие кои што имате по неколку пасоши во вашите џебови. Јас имам само еден пасош, македонски“, порача таа.

Одговорот на Милошоски дека состојбата во државата е полоша во последните месеци беше дочекан со извикување од пратениците на СДСМ со зборовите „Пасошот“.

„Европа ве чека“, порача Лајен, а пред Парламентот протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:08 0:00


Претходно Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот Димитар Ковачевски дека избегал од дебатата иако според Деловникот требало да биде во Собранието.

„Кој да не слушне Османи?, кој што имаше десет различни изјави. Кој што кажува протокол има, протокол нема. Ќе ви го покажеме. Нема да ви го покажеме. Го знаеме. Не го знаеме. Дај да видиме дали Ковачевски го знае тој протокол. Нека дојде тука. Нека седне овде. Нека не слуша. Нека ги чита коментарите на граѓаните кои што се надвор, а Маричиќ слободно може да се симне во бифе да види дали има бифтек. Нас ни треба да дојде овде Ковачевски, оној што го потпишал овој документ“, рече Панова и додаде дека Ковачевски требало прашањето да го реши во Владата, а не да го прати во Собранието.

Владата на Ковачевски, на барање на опозицијата до Собранието достави додаток на Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, кој беше проследен до парламентот на 7 јули за „разгледување и донесување дополнителни заклучоци“.

Таканаречениот француски предлог за укинување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори, зад кои застана целата ЕУ, во Македонија наиде на отпор од македонската опозиција, дел од граѓаните, академската јавност и невладините организации. Во Скопје од 2 јули, граѓаните скоро секојдневно демонстрираат против предлогот, а тие протести ги поддржа и коалицијата околу ВМРО ДПМНЕ на Христијан Мицкоски и Левица на Димитар Апасиев, барајќи предлогот да биде отфрлен, бидејќи, како што оценуваат, води до бугаризација на земјата.

Почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија е блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата, а Брисел го врза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Македонија. Една година претходно, европскиот пат на двете земји беше блокиран од Франција, инсистирајќи на промена на методологијата за преговори.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG