„Во оваа држава сите имаме очекувања од младите луѓе. Еден тон тежина има на грбот на младите луѓе и јас сум свесна за ова бидејќи постојано работам со нив“, вели Билјана Стојчевска од Младински Сојуз Крушево.
Една од нивните мисии е барањето на работа. За младиот политиколог Бојан Никовски, кој во моментов работи во локалната власт сликата не е „црно-бела“, па не важи она дека има работа за тој што сака да работи, а тие што немаат работа се мрзеливи. Според него, во Македонија нема основа на која младите би почнале сè повеќе да бараат работа во професии кои во денешно време не се толку популарни.
„Не е тоа така црно-бело бидејќи има работа за тој што сака да работи, но, во Македонија има работа за тој што сака да создаде работа. Ние уште немаме создадено бизнис клима која ќе поддржи толкав број на работни места колку што се бараат, особено од страна на младите. Така што, не значи дека тој што не работи е мрзелив, но исто така значи дека младите треба малку повеќе да се мотивираат и малку повеќе да преземат во однос на тоа да создадат работни места, да работат различни работи во различни професии, не само она што се бара како дел од професиите на иднината, туку и она со коешто располагаме во моментот“, изјави Никовски за РСЕ.
Генерациски јаз меѓу работодавачите и младите
Според Никовски, некогаш големата разлика во години меѓу работодавачот и младиот работник може да биде пречка, но тој смета дека со текот на времето повозрасните ќе мораат да го прифатат „новиот“ концепт и очекувањата на новите генерации.
„На долг рок, работодавецот кој има поразлични сфаќања, кој сака да го гледа вработениот на работа постојано покрај него или да му дава задачи кои тој може да ги изврши на друг начин...Тоа со тек на време ќе почне да се менува, бидејќи примарна цел на работодавецот е да најде работник. Oна што го бараат младите ќе стане принцип што старите ќе мораат да го прифатат“, додаде политикологот.
Слободата на младите во работната средина беше една од темите во фокусот за време на јавната дебата насловена „Што сакаат младите - Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ која се одржа на 5.јули во „Јавна соба“, во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).
Според официјалната статистика, во земјава се бележи висок процент на младинска невработеност, а дел од компаниите велат дека има недостаток на кадри, па каде е јазот меѓу перцепцијата и бројките? - посочија и прашаа од ИДУЕП.
„Од она дали е некој мрзелив или не, треба да разбереме дека треба да се даде слобода секој да може да избере своја професија, свој приход и времетраење во коешто ќе работи. И токму новото време тоа го нуди, но многу слабо се препознава. За жал ние сè уште робуваме на оние 7 до 3 или 8 до 4 навики на работа. И тоа нешто кое го руши комуникациски целокупниот пазар и сфаќања особено кај денешните генерации. Не дека нема млади луѓе кои го сакаат тоа и тоа е апсолутно за поздрав, но, има многу млади луѓе кои бараат флексибилно работно време, можност за работа од дома, работа од каде било во кој било дел од денот. Зошто е тоа очекувано и нормално? Заради тоа што вие денес можете да испратите мејл во колку часот сакате или да најдете информација на дигиталните платформи во кое било време од денот. Како да им објасните на младите луѓе дека и работата не може да се заврши во кое било време од денот, туку дека има одреден период и рок?“, изјави за РСЕ комуникологот Бојан Кордалов, кој преку ИДУЕП беше организатор на настанот.
И младите мораат постојано да се адаптираат
Дваесетитригодишната Теодора Бошкова од Германскиот институт Хајделберг во Скопје, која е дел и од Првата македонска банкарска академија АБИТ, работи од 16 години. Прво волонтерски, а потоа и за плата. На почетокот била келнерка и како што вели, така стекнала „меки“ вештини, па една година била на размена во Америка, а потоа и ангажирана во Фондот за иновации, а сега е во бинзис водите. Таа смета дека нема одмор од адаптација за младите кои мора да го „фатат“ текот.
„Ние сме презаситени од настаните секојдневно, па и од побарувањата на работа и од побарувањата на тие нови вештини коишто ни требаат за да си ја вршиме работата денес. Самиов тек денес бара од нас што побрзо да се адаптираме и да учиме нови работи, а настани како овој ни помагаат да се вмрежиме и да си помагаме меѓусебно, да се придвижиме кон текот и да бидеме најефикасни“, изјави Бошкова за РСЕ.
Капацитетите на младите vs. нивните очекувања и желби
Според претседателот на Трговска комора при Сојузот на стопански комори, Михаил Кирков, последниве 5-6 години сликата на понудата на работа е драстично променета.
“Веќе имаме само барања за некакви услови, а веќе немаме добра понуда. Затоа што младите имаат многу мали знаења кога ќе завршат факултет, а тие што не завршиле факултет немаат никакви знаења, а веќе имаат одредени барања за висока плата - колку се нивните потреби, а не колку се нивните можности. Тоа малку се должи и на домашното воспитување. Дали се воспитуваат дека треба да понудат нешто на работното место, а не само да бараат и затоа еве сите овие дискусии се за некаква иновативност, какви услови ќе понудиме... Да размислиме малку и што нудат младите во овој момент. Се бараат само некои исклучиво платени професии, програмери, а ги запоставивме малите професии, односно би ги нарекол едноставните професии каде не треба диплома, но треба одредено искуство, она повторување на работите кое понатака искуствено ќе ги направи вешти во својата професија и ќе бидат одлични во неа“, сподели Кирков за време на дискусијата.
Видете и ова: „Има леб од факс“ во Македонија, ако си IT и не си мрзеливСпоред податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2022 година, речиси 120.000 лица од активното население во Македонија се невработени. Стапката на невработеност меѓу младите на возраст од 15-24 години е 34,8.
„Серијата на заклучоци од дебатата ќе биде доставена до сите креатори на политики и на јавно мислење со цел да тргнат работите во интерес на сите, инаку залудни се самите конфронтации ако не водат кон решение“, вели комуникологот Кордалов.