Само за Преговарачката рамка или во пакет со билатералниот Протокол, на што точно ќе се однесуваат заклучоците кои парламентарните партии денеска седнаа да ги усогласат во Клубот на пратеници? Ова е клучното прашање кое се наметна на самиот старт на разговорите на пратеничките групи за францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за почеток на пристапни преговори на земјава со ЕУ.
На тркалезната маса денеска седнаа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторите на пратеничките групи на СДСМ и ДУИ Јован Митревски и Арбер Адеми наспроти пратениците од ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски и Антонијо Милошоски, лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов и Елми Азири од Алијанса на Албанците.
Видете и ова: Координации на пратеничките групи за францускиот предлог - секој со свое толкувањеСпоред Митревски во денешните разговори нема да станува збор за промена на европскиот предлог туку за забелешки кои партиите ќе ги презентираат и ќе се обидат да ги усогласат во предлог заклучоци што после тоа ќе се разгледуваат на пленарна седница кои ќе бидат обврзувачки за Владата. Први на дневен ред ќе бидат забелешките на СДСМ.
Тој вели дека предлозите кои СДСМ денеска ќе ги стави на маса се однесуваат на исклучување на билатералните прашања од преговорите со ЕУ и предлози кои ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски и јазични посебности на македонскиот народ.
„Цело време зборуваме дека билатералните прашања се исклучени од преговарачката рамка и затоа како Собрание уште еднаш ќе потврдиме дека билатералните прашања ќе бидат исклучени од преговарачката рамка и ќе ја задолжиме Владата, затоа што овие заклучоци се обврзувачки за Владата, да се исклучат билатералните прашања од аспект на историјата и образованието “, вели Митревски.
Од друга страна, пак, пратеникот и лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов смета дека денеска не може да се очекува усогласување на заклучоците ако пред нив не се достават сите документи од пакетот информации со кои располага Владата.
„Има еден главен хендикеп е што ние го немаме Протоколот, кој се усогласува меѓу Македонија и Бугарија и кој е клучен дали ќе се прифати рамката или не. Затоа што практично на сè она што реагираме како партии, граѓани, медиуми е вградено во Протоколот, кој пак на еден или друг начин е составен од пакетот што се носи заедно со преговарачката рамка. Оти се за што денеска ќе дискутираме без протоколот не можеме да го верифицираме“, вели Трајанов.
Трајанов е дециден - врската меѓу Протоколот и преговарачката рамка мора да се прекине. Според него Протоколот и другите дополнителни документи кои ќе влезат во целиот пакет да бидат реципрочни односно да важат и за Македонија и за Бугарија.
Тој сугерира „францускиот предлог“ да се стави на пленарна седница за десетина дена, после усвојување на ребалансот на Буџетот, за да има време за сериозна расправа и да се донесат заклучоци кои ќе добијат поширока поддршка.
Митрески на новинарското прашање кога може да се очекува предлог заклучоците да се разгледуваат на пленарна седница, изјави дека за тоа одлучува претседателот на Собранието.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пратеникот и потпретседател Николовски, по рече дека претставиле шест барања за промена на преговарачката рамка, за кои како што истакна немале слух од власта поради што повика на протести.
Така, меѓу барањата на ВМРО ДПМНЕ на оваа средба е бришење на унилатерланата изјава од Бугарија која се однесува на македонскиот јазик, тргање на билатералните работи од преговарачката рамка, како и нема поделба на првата меѓувладина конференција и отворање на Уставот.
„Ние сметаме дека уставни измени не се потребни за Македонија да почне преговори со ЕУ“, истакна Николоски кој додаде дека се спремни на разговори за да се усвојат нивните шест барања за како што вели, заштита на националните и државни позиции.
И додека траеја разговорите во Клубот на пратеници, десетина луѓе со автомобили ја блокираа улицата пред Владата во знак на протест против европскиот предлог.
Адеми пред почетокот на денешната средба со колегите од Собранието ги квалификуваше како лажни вести информациите дека Протоколот е дел од преговарачката рамка. Тој појасни дека старт на преговори ќе има, и дека заедно со Албанија ќе го почнеме периодот на скрининг. Тој во изјавата е дециден дека македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка без фусноти, без ѕвездичка, без дополнителни објаснувања.
Но, не е сигурен дали ќе има две посебни изјави, една бугарска и една македонска за тоа која земја како го толкува јазикот.
„Унилатерална изјава можно е да има, но со ЕУ ние ќе комуницираме на македонски јазик и македонскиот јазик е чист во овој правец“ вели Адеми
Тој на новинарското прашање што би стоело во дефинирањето на македонскиот јазик дали тој почнал да постои од 1945 година, кусо одговори.
„ Македонскиот јазик што и вие и јас го зборуваме“, рече Адеми, додавајќи дека на македонски јазик ќе се потпише и договорот со Фронтекс, кој беше закочен поради тоа што беше оспоруван македонскиот јазик од Бугарија.
Коалициската „тројка“ сочинета од Либерална партија, ДОМ и Демократски сојуз бараат со заклучоци да се задолжи Владата да бара измени во преговарачката рамка, односно од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија, рамката да биде согласно европските принципи и стандарди, да се овозможат гаранции дека Бугарија нема да се меша во внатрешното уредување на Македонија и уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Инаку, илјадници граѓани поддржани од политички партии и граѓански организации неколку дена протестираат против францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на процесот на преговори за членство на Македонија со ЕУ.
Демонстрантите сметаат дека со францускиот предлог се бугаризира Македонија, не се признава македонскиот јазик и историја и бараат Владата да го отфрли. На вчерашниот протест во Скопје демонстрантите ги турнаа оградите пред Владата во и парламентот во Скопје а кон зградите фрлаа со камења, јајца, шишиња и тоалетна хартија.