Официјалната Фејсбук страница на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ повеќе од 24 часа е хакирана и на неа наместо образовни содржини и студентски информации се објавуваат видеа од стрижење овци, лепење плочки, видеа од „жени кои секој маж ги посакува“, детски лудории...
Ваквите постови се проследени со мноштво коментари со прашања - што се случува со страницата?
Од Ректоратот ни изјавија дека се запознаени и дека хакерскиот напад го пријавиле кај надлежните.
„Страницата е хакната и направивме сè што можеше. Известивме и во Министерството за внатрешни работи и секаде обжаливме и чекаме“, изјави за РСЕ, Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.
Тој вели дека немаат идеја кој би можел да стои зад ваквиот напад и зошто токму страницата на скопскиот универзитет е мета.
„Сите поинтересни страници се мета, а УКИМ е поинтересна страница. Не би можел да претпоставам кој би можел да биде и зошто“, додаде Јанкуловски.
Од Ректоратот велат дека во моментов немаат пристап до страницата, па затоа не можат да ги избришат објавените видеа и чекаат надлежните нешто да преземат.
„Се извинуваме за настанатите непријатности и се оградуваме од сите објави на неа, до повторно преземање на администрирањето од страна на службите на УКИМ“, се вели во соопштението на УКИМ до јавноста.