„Кога младите се жалат за недигитализираното пријавување на испити, на пример, или за непотребните процедури, тоа е нешто коешто ги задржува во Македонија или ги одделува. Кога младите луѓе треба да изгубат цел ден за бирократска процедура што може да се заврши со еден клик преку интернет, тоа е дефинитивно причина да размислат дали сакаат да останат во Македонија или да си одат“, вели за РСЕ, Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).
Со идеја да се даде простор за прашањата, проблемите и интересите на младите, поврзани процесот на дигитална трансформација и да се добие поддршка од пратениците, петмина младински претставници на ИДУЕП се сретнаа со четворица членови на Клубот за младински прашања и политики при Собранието, од кој дел се пратеници од различни политички партии, сите на возраст до 35 години.
„Среќни сме што подадоа рака за соработка, бидејќи подготвени се идеите коишто се од интерес за државата и за младите да ги стават како надпартиски приоритет. Разговаравме во наредниот период да се остварат голем број на активности коишто ќе ги вклучуваат младите, давајќи им можност да влезат во Собранието, да диксутираат, да даваат свои иницијативи. Едноставно да го креираат општеството. Нас ни значи јасно да кажеме дека теми што се за млади и за дигитализација, не се ниту партиски, ниту политички, туку тоа се теми коишто се од интерес на сите граѓани, а во прв ред на младите“, вели Кордалов.
Тој потенцира дека младите треба да се тие коишто ќе кажат што е она што сакаат, што е она што им треба и како сакаат да изгледа општеството.
Дваесетгодишната студентка Теа Димковска е една од петте млади кои се сретнаа со пратениците. Половина година е дел од ИДУЕП, каде е активно вклучена во иницијативите за дигитална трансформација на општините, а истражува и на тема - климатски промени.
„Нашето општество е конзервативно, па мислам дека треба да работиме на тоа дигитализацијата за да им ја „наметнеме“ и на повозрасните, бидејќи целиот свет е веќе дигитализиран. Тој процес е долг и скап на некој начин и самата иницијатива и заинтересираност треба да е поголема. Пратениците се трудат да го наметнат тоа на седници и да стигне и до Владата. А ние сме како иницијатори од ИДУЕП и тие коишто ќе ги бодрат и поддржат“, изјави Димковска за РСЕ.
Видете и ова: Фали село, живеј во град или бегај од државатаДел од диксусијата беа пратениците Моника Зајкова, Бојан Стојаноски, Дарко Каевски и Јован Јаулески. Впечатокот на Димковска е дека младите пратеници се трудат сето ова да не се испартизира, да работат без предрасуди и без некои лични интереси.
На средбата насловена како „Дигитализацијата како алатка на младите за воведување нови практики на добро управување“ младите од ИДУЕП со младите од Собранието се договориле заеднички да работат на имплементација на иницијативи за дигитална трансформација на општеството, со кои како што велат од ИДУЕП, ќе придонесат да им се обезбеди полесен и подобар живот на младите во земјава како и да се мотивираат иднината да ја гледаат дома.