Украина ги обвини руските воени сили за бомбардирање на детска болница во Мариупол. Градскиот совет на Мариупол попладнево соопшти дека болницата е уништена.
„Руските окупаторски сили фрлија неколку бомби врз детската болница. Уништувањето е големо“, се вели во објавата на градските власти.
Сликите на социјалните мрежи покажуваат дека зградата претрпела огромни штети. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот, велејќи дека децата лежеле заробени под урнатините како резултат на руското бомбардирање.
„Ужас! Уште колку повеќе светот ќе биде соучесник во игнорирањето на теророт?“, напиша Зеленски на Твитер.
Би-Би-Си: Примирјето не се почитува во сите градови
Русија пак денеска објави нов прекин на огнот во Украина за да им овозможи на цивилите да избегаат од опколените градови. Во шест града е договорено примирје, но според Би-би-си, прекинот на огнот не се почитува во сите градови. И Русија и Украина соопштија дека ќе го почитуваат прекинот на огнот за да обезбедат безбеден премин од Киев, Чернихив, Суми, Харкив и Мариупол.
Во Изум, во источен Харкив, регионален функционер тврди дека евакуацијата на цивилите била запрена со руско гранатирање.
Во Мариупол, на југоисток, ситуацијата е помалку јасна. Украинскиот министер за надворешни работи напиша на Твитер дека Русија продолжува да ги блокира обидите за евакуација и испораката на хуманитарна помош.
Во Суми, во североисточна Украина, сликата е сосема поинаква. Таму денеска луѓето можеа да го напуштат градот со приватни автомобили и автобуси. И во Енерходар, на југот на Украина, конвои претежно од жени и деца успеаја да се евакуираат.
Видете и ова: Руските напади во Украина продолжуваат, најавени нови преговориНа 7 март се одржа третата рунда разговори меѓу руските и украинските преговарачи додека двете страни се обидуваат да изнајдат начин за ставање крај на инвазијата на Москва врз нејзиниот сосед.
Најавите за безбедни коридори следуваат по завршувањето на разговорите, а по кои висок украински функционер изјави дека има мал напредок кон воспоставување безбедни коридори. Воспоставувањето на коридорите беше точка за расправа меѓу двете страни, а неуспехот на претходните обиди остави илјадници заробени во градовите кои се бомбардирани.
Кремљ: Вашингтон ѝ објави економска војна на Русија
Кремљ денеска соопшти дека Соединетите Држави и објавиле економска војна на Русија и дека Москва сериозно ќе ги разгледа следните чекори откако американскиот претседател Џозеф Бајден го забрани увозот на руска нафта и други извори на енергија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Русија отсекогаш била, е и ќе биде сигурен снабдувач на енергија, нагласувајќи дека испораките продолжуваат во таа смисла. Песков изјави дека Соединетите Држави дефинитивно и објавиле економска војна на Русија и дека Вашингтон ја води таа војна.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера соопшти дека го забранил увозот на руска нафта и други енергетски извори, што е значаен чекор во зголемувањето на меѓународниот притисок врз претседателот Владимир Путин да го запре неговиот разорен напад врз Украина.
„Го забрануваме секој увоз на руска нафта и гас. Ова значи дека руската нафта повеќе нема да биде прифатлива во американските пристаништа и дека американскиот народ ќе и нанесе уште еден силен удар на воената машина на Путин“, додаде Бајден.
САД не се водечки купувач на руска нафта, но Бајден соработува со сојузниците во Европа, кои се многу повеќе зависни од руската нафта, за да ги изолира руската енергетска економија и Путин, пишува Ројтерс. Британија непосредно пред изјавата на Бајден објави дека постепено ќе престане да увезува руска нафта и нафтени деривати до крајот на 2022 година.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Оваа одлука следува по барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски до американските и западните официјални лица да го прекинат увозот, што не беше направено со масовните санкции наметнати на Русија.
Природниот гас од Русија сочинува една третина од потрошувачката на фосилни горива во Европа. САД не увезуваат руски природен гас.
Европската унија пак договори дополнителни санкции што ќе ги погоди руските претставници и олигарси, поморскиот сектор и три белоруски банки. Русија пак, ја намали употребата на американски долари по западните санкции.
Исклучена струјата во Чернобил, постои опасност од истекување на радијација
Во меѓувреме Украина повика на привремен прекин на огнот за да се овозможи обновување на струјата и во нуклеарната централа во Чернобил. Тие предупредија на потенцијално истекување на радијација доколку прекинот продолжи, иако нуклеарното набљудување на ОН вели дека прекинот на електричната енергија немал критично влијание врз безбедноста.
„Снабдувањето со електрична енергија на нуклеарната централа Чернобил и нејзината безбедносна опрема беше целосно прекинато поради руските воени дејства“, објави денеска украинскиот оператор Укренерго.
Видете и ова: Втор ден прекин на огнот во Украина, во тек е евакуацијаНуклеарната централа Чернобил, каде што во 1986 година се случи најголемата цивилна нуклеарна катастрофа, беше целосно исклучена од електричната мрежа поради воените дејствија на руските окупатори.
Како што се додава, бидејќи офанзивата е во тек, нема можност за повторно воспоставување на линиите.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба денеска изјави дека Русија мора итно да го почитува привремениот прекин на огнот за да дозволи поправка на далноводот до нуклеарната централа Чернобил. Тој додаде дека радијацијата може да истече ако прекинот на струја продолжи.
„Резервните дизел-генератори имаат капацитет од 48 часа за напојување на нуклеарната централа во Чернобил. После тоа, системите за ладење на складиштето на потрошеното нуклеарно гориво ќе бидат стопирани, што ќе го направи истекувањето на радијацијата неизбежно“, напиша Кулеба на Твитер.
Централата во Чернобил, која се наоѓа во посебна зона ги затвори реакторите и објектите за заштита од радиоактивен отпад.
Меѓународната агенција за атомска енергија претходно денеска објави дека е прекинат преносот на податоците за растојанието на контролните системи на централата. Тоа се камерите и другите средства што таа ги постави како дел од мисијата за мирнодопско набљудување на нуклеарните програми во светот. Повеќе од 200 техничари и чувари се блокирани во централата, а работат 13 последователни дена под руски надзор.
Жртви и бегалци
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации соопшти дека потврдила 474 смртни случаи и 861 случај на повредени цивили, но вистинската бројка се очекува да биде поголема. Украина соопшти дека нејзините сили убиле повеќе од 11.000 руски војници. Русија потврди околу 500 жртви.
Околу 2,1-2,2 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија. Официјални претставници на ЕУ велат дека бројката би можела да достигне до 5 милиони, ако конфликтот продолжи.