Вотр ден по ред се отворени хуманитарните коридори за луѓето кои бегаат од главниот град на Украина и четири други градови, Чернихив, Суми, Харкив и Мариупол поради руската инвазија врз земјата. Илјадници луѓе вчера се обидоа да ги напуштат градовите низ земјата преку хуманитарни коридори со ограничен успех бидејќи континуираното руско бомбардирање пресече некои од излезните правци.
Триесет и три годишната докторка Алина Кондрашова од Кривој Рог во Украина, која денеска пристигна во Полска со своето тригодишно дете, нејзината мајка, сестра и бебето на нејзината сестра, се надева дека ќе отпатува за Естонија со автобус.
„Ние немаме семејство таму, но мајка ми е родена таму за време на советско време и има каде да остане“, изјави таа за Ројтерс.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека Киев ќе се обиде да ги евакуира цивилите преку шест хуманитарни коридори, вклучително и од Мариупол. Таа во видео изјава рече дека украинските вооружени сили се согласиле на прекин на огнот во тие области од 9 до 21 часот. Верешчук притоа и ги повика руските сили да ги исполнат своите заложби за локални прекини на огнот.
„Апелирам до Руската Федерација: Презедовте официјални јавни обврски за прекин на огнот од 9 до 21 часот. Имавме негативни искуства кога обврските што беа преземени не функционираа“, рече Верешчук.
Околу 3.000 луѓе веќе се евакуирани од Ирпин, кој, според жителите, беше под најинтензивното руско гранатирање.
Олександар Лисенко, градоначалникот на Суми, во близина на границата со Русија, изјави дека цивили во приватни автомобили денеска почнале да го напуштаат градот, откако околу 5.000 луѓе успеале да побегнат во Полтава претходниот ден.
Но, илјадници луѓе во Мариупол сè уште се заробени бидејќи нивната рута за излез од градот беше блокирана, а украинската влада ја обвини Русија за гранатирање на областа.
Градот веќе неколку дена е без вода, топлина, санитарни системи или телефони, што претставува една од најочајните сцени од двонеделната војна. Се проценува дека 200.000 луѓе или речиси половина од населението од 430.000 се надева дека ќе го напушти Мариупол.
Шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст Петер Маурер денеска изрази надеж дека коридорите ќе почнат да работат подобро.
Тој порача дека неговата организација работи со денови за да ги зближи завојуваните страни и да ги охрабри да одржат детални разговори за да им се овозможи на цивилите да ја напуштат Украина.
Над 2 милиони бегалци
Шефот на агенцијата за бегалци на Обединетите нации, УНХЦР, Филипо Гранди денеска изјави дека бројот на луѓе кои ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија веројатно сега достигнал 2,1-2,2 милиони луѓе.
Гранди на прес-конференција за време на посетата на Стокхолм рече дека „сега е време да се обидеме да им помогнеме на границата“, наместо да се разговара за поделбата на бегалците меѓу земјите.
Досега, повеќето бегалци одеа кај роднини, пријатели или контакти во украинската дијаспора наместо во прифатни центри што ги формираа властите, додаде тој.
„Ова е најдобриот начин тие да се чувствуваат добредојдени, да се чувствуваат во познато опкружување и исто така да имаат помал товар на јавните услуги, искрено, што е многу важно за овие земји“, рече тој.
Но, според него, тоа веројатно ќе се промени како што ќе пристигнуваат повеќе бегалци и ќе треба повеќе да останат во прифатните центри. Гранди додаде дека особено Молдавија која не е членка на ЕУ е многу ранлива во сегашната ситуација.
Повеќето од луѓето заминале во Полска, како и во Унгарија, Романија, Молдавија и Словачка. Украина пред почетокот на војната имаше повеќе од 44 милиони жители.
Русија за дијалог
Русија ќе ја постигне својата цел да обезбеди неутрален статус на Украина и претпочита да го направи тоа преку разговори, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Според неа, целите на Москва не вклучуваат соборување на владата во Киев и земјата се надева дека ќе се постигне позначаен напредок во следната рунда разговори со Украина. Захарова додаде дека руската воена операција се одвива строго во согласност со нејзиниот план.
На 7 март се одржа третата рунда разговори меѓу руските и украинските преговарачи додека двете страни се обидуваат да изнајдат начин за ставање крај на инвазијата на Москва врз нејзиниот сосед.
Најавите за безбедни коридори следуваат по завршувањето на разговорите, а по кои висок украински функционер изјави дека има мал напредок кон воспоставување безбедни коридори. Воспоставувањето на коридорите беше точка за расправа меѓу двете страни, а неуспехот на претходните обиди остави илјадници заробени во градовите кои се бомбардирани.