Достапни линкови

Евакуација на Украинци од неколку градови


Повеќе од два милиони луѓе ја напуштија Украина од почетокот на руската инвазија соопштија денеска од Обеденитети нации
Повеќе од два милиони луѓе ја напуштија Украина од почетокот на руската инвазија соопштија денеска од Обеденитети нации

Маршрутата по која луѓето тргнаа денеска од Суми е една од петте ветени од Русија преку кои би требало да им се овозможи на цивилите да избегаат од борбите. Во меѓувреме останува скептицизмот на Киев предизвикан од сличните ветувања за евакуација кои не беа реализирани.

Со автобуси преполни со луѓе кои бегаат од руската инвазија во Украина во вторникот започна првата фаза од евакуацијата на локалното население од источниот украински град Суми, јавува агенцијата Асошиејтед прес. Рускиот напад врз соседна земја натера два милиони луѓе да ја напуштат Украина, според изјавите на официјалните лица од Обединетите нации, но истовремено во опколените градови останаа милиони други на кои им снемува храна, вода и лекови.

На видеото објавено од украинската државна агенција денеска се гледаат луѓе со торби како се качуваат во автобуси кои потоа заминуваат по снежниот пат.

„На украинскиот град Суми му беше даден зелен коридор, започна првата фаза на евакуација“, објави агенцијата на Твитер.

Суми, кој се наоѓа во близина на руската граница на околу 350 километри источно од Киев, е подложен на интензивно руско бомбардирање. Последните денешни извештаи од официјални украински лица кои ги пренесуваат светските агенции наведуваат дека вкупно 21 човек загинале во руските бомбардирања на тој град.

Маршрутата по која луѓето тргнаа денеска од Суми е една од петте ветени од Русија преку кои би требало да им се овозможи на цивилите да избегаат од борбите. Москва денеска соопшти дека отворила хуманитарни коридори од неколку украински градови додека останува скептицизмот на Киев предизвикан од сличните ветувања на Москва кои предвидуваа евакуација само кон Русија и нејзиниот близок сојузник Белорусија.

Зеленски- дете умре од дехидрација

Руското Министерство за одбрана соопшти дека коридорите се отворени денеска од 10 часот по московско време од Чернихив, Суми, Харкив и опколеното црноморско пристаниште Мариупол, каде што се проценува дека 200.000 луѓе, речиси половина од населението, се надева дека ќе побегнe.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски во денешното видео обраќање, како што пренесува агенцијата Ројтерс, рече дека едно дете починало од дехидрација во Мариупол кој со денови нема вода, струја или греење.

„Во 2022 година, од дехидрација“, рече Зеленски во видео обраќањето, споредувајќи ја хуманитарната криза поврзана со руското бомбардирање на украинските градови со онаа создадена од нацистичката инвазија за време на Втората светска војна. Смртта на детето не можеше веднаш да се потврди независно.

Сигнали за пукање кон хуманитарната рута

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук утринава потврди дека договорот со Русија за отворање на хуманитарен коридор ќе им овозможи на цивилите да почнат да го напуштаат опколениот североисточен украински град Суми. Подоцна таа наведе и дека триесет автобуси се на пат кон Мариупол за да ги земат цивилите кои сакаат да го напуштат градот, но нагласи дека имало знаци дека руските сили пукаат во насока на рутата за хуманитарна помош без да даде дополнителни детали.

Најавите за безбедни коридори следуваат по завршувањето на третата рунда разговори меѓу Русија и Украина која се одржа вчера, на 7 март, а по кои висок украински функционер изјави дека има мал напредок кон воспоставување безбедни коридори. Воспоставувањето на коридорите беше точка за расправа меѓу двете страни, а неуспехот на претходните обиди остави илјадници заробени во градовите кои се бомбардирани.

По завршувањето на разговорите, советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак рече дека нема резултати кои би ја подобриле ситуацијата воопшто, но тој нагласи дека разговорите ќе продолжат. Владимир Медински, лидер на руската делегација, исто така, рече дека разговорите ќе продолжат, но посочи дека биле тешки.

Два милиона бегалци

Повеќе од два милиони луѓе ја напуштија Украина од почетокот на руската инвазија, објавија Обединетите нации денеска во Женева. Повеќето од луѓето заминале во Полска, како и во Унгарија, Романија, Молдавија и Словачка, изјави портпаролката на агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР). Според Организацијата на ОН за миграција (ИОМ), меѓу нив има околу 100.000 луѓе од други земји. Украина пред почетокот на војната имаше повеќе од 44 милиони жители. Светската здравствена организација (СЗО) се обидува да ги снабди болниците со материјал за што особено голема потреба има на истокот на земјата, каде борбите го отежнаа снабдувањето.

Во меѓувреме, украинската војска на 8 март соопшти дека успеала да го забави рускиот напад, велејќи дека иако „непријателот продолжува со офанзивната операција, темпото на напредување на неговите трупи значително забавило“.
Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека рано денеска украинските сили сè уште ги бранат своите позиции во јужниот, источниот и северниот дел на земјата и дека Киев и северниот град Чернихив сè уште се под украинска контрола.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG