Грковска - Сакам да верувам дека има правда и за богатите и моќните

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Грковска – Ќе се соочиме со недостиг на информатичари во јавниот сектор

Сакам да верувам дека има правда и за луѓето со пари, моќ и влијание. Законот мора да важи подеднакво за сите. Нам ни треба владеење на законот, а не владеење на луѓе, вели вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Грковска, нужно ли е навистина постоењето на овој ресор во владата?

Позиција за креирање политики за добро владеење е прилично важна позиција на која огромно значење и придаваат и европските институции. Имајќи го предвид фокусот на нивниот интерес и во извештаите и генерално, токму заради тоа една ваква позиција се покажува како нужност, имајќи предвид и од истакнувањето на сите странски претставници со кои имав средби изминатиот период. Креирање на политики за добро владеење е позиција која во суштина има функција да ги координира институциите за наоѓање на механизми за поефикасно и потранспарентно функционирање на системот. Многу често во тој ланец на носење на одлуки учествуваат повеќе институции за кои некогаш да се најде решение кое е многу лесно и едноставно потребно е само некој да ги седне на иста маса и да ги координира, тогаш решението многу лесно и брзо се наоѓа, во секој случај барем се детектира каде е проблемот што кочи во натамошно функционирање и ефикасност и соработка меѓу институциите и како тој проблем да се надмине. Така што мислам дека една таква позиција, во ова кратко време колку што постои оваа позиција од три и пол недели и бројните состаноци што во меѓувреме сме ги имале покажува дека овој начин на функционирање е прилично ефикасен, заради тоа што досега прилично сме напреднале во консултациите и во имајќи партнерски однос со другите институции и во нивната координација во изнаоѓање на решенија коишто се функционални.

Најавивте подготовка на стратегија за дигитализација во соработка со експерти од Естонија. Сега е 2022 година, а ние допрва ќе правиме стратегија. Не е ли малку доцна?

Видете, Македонија нема стратегија за дигитализација и мене ми е многу жал што е тоа така, меѓутоа тоа не значи дека не треба да се направи. Нужна е стратегија за дигитализација, затоа што е нужно да се даде една рамка во којашто тој процес мора да се движи. Процесот не завршува брзо, треба да имаме предвид дека тоа е еден долг и скап процес, во ниту една држава не завршил брзо, прашањето е само која држава колку порано почнала. Се одвива дел од процесот во одредени институции паралелно, тоа не е спорно, меѓутоа треба постратешки пристап и поорганизирано и посистематизирано организирање на овој процес.

Има ли кадровски потенцијал во администрација за спроведување на таква реформа?

Е тоа е многу интересно прашање. Дополнително ќе се соочиме со недостиг на кадри, како што кажав, од една страна од ИТ секторот, телекомуникации, од друга страна убедена сум дека во Македонија има квалитетен човечки потенцијал којшто сака да се стави во функција и којшто ќе придонесе многу за овој процес.

Антикорупциската комисија се пожали дека од 165 иницијативи за кривично гонење во изминатите две децении, само три стигнале до суд. Која е смислата на нивната работа ако никој не реагира по нивните укажувања?

Јас воопшто не би го довела во прашање постоењето на Државната комисија за борба со корупцијата, напротив, сметам дека е исклучително важно како независно тело, коешто претставува гласот на народот. Јас така гледам на Државната комисија за борба против корупцијата, особено овој состав и со законските измени што се направени во 2019 година, заради тоа што, сигурна сум дека се сеќавате дека претходно, минатиот период Државната комисија за борба против корупцијата практично не постоеше. Можеме само да се сетиме на ретко прес конференции на кои што имаше некои чудни формулации од типот нема веќе прашања, немој да ме прашувате за тоа, за разлика од овој состав на Комисијата кој е прилично охрабрен, има гласност, покренува иницијативи, покренува прашања, меѓутоа тоа што е многу важно да се напомене тука е дека Државната комисија за борба против корупција е само една алка во синџирот на институции кои треба да се борат против корупција. И ако само една алка од тие институции не функционира, тогаш не можеме да зборуваме за успешност.

Високопрофилните случаи за корупција ретко стигнуваат на суд, а и кога ќе стигнат се добива впечаток дека постапувањето против обвинетите е со поголемо внимание, отколку кон обичните граѓани. Има ли во оваа земја правда за луѓето со пари, моќ и влијание?

Јас сакам да верувам дека има. Се обидувам да најдам зборови со кои не би ја нарушила независноста на судството, меѓутоа сепак сметам дека во судството има одговорни и професионални луѓето коишто одлично си ја вршат својата работа, како и во секоја друга професија, меѓутоа има еден мал дел коишто внатре треба да најдат храброст како да ги санкционираат заради тоа што мислам дека не заслужуваат еден огромен број судии кои професионално си ја вршат работата да бидат етикетирани да бидат ставени во истиот кош на непрофесионални судии за коишто сме сведоци, согласно реакциите во јавноста. Сметам дека законот мора да важи подеднакво за сите. Очекувам и обвинителството и судовите и сите независни институции во овој дел да си ја вршат работата крајно професионално, без да водат сметка за името и презимето или пак некој од која позиција доаѓа, заради тоа што правда подеднакво заслужуваат од најмалиот до најголемиот, условно кажано, заради тоа што зборуваме за владеење на законот, а не за владеење на луѓе.

Целото интервју со вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.
-
-