Меѓународна правна помош е неопходна за предистражната постапка поврзана за кривичната пријава за лиценцата на Балкан Енерџи груп, изјави во интервју за Радио Слободна Европа шефот на Јавното обвинителство Љубомир Јовески. Тој посочи дека обвинителството активно работи на предметот.
Станува збор за кривична пријава што Министерството за внатрешни работи во мај 2019 година ја поднело против поранешниот претседател на Регулаторната комисија Димитар Петров и три члена на комисија за нелегално издавање на три лиценци во 2012 година за вршење на енергетски дејности на ќерките фирми на Балкан Енергџи Груп за регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, без да бидат исполнети услови и критериуми.
„Не го потврдувам вашето мислење дека предметот е заборавен во фиока, Обвинителството постапува ажурно по овие предмети, се работи за еден сложен предмет за кој е неопходна меѓународна правна помош за еден предмет помеѓу повеќе деловни субјекти и обвинителството ги истражува сите околности во врска со овој предмет за да може да донесе соодветна одлука“ вели Јовески.
Кривична пријава била поднесена и за компанијата Те-То од Топлификација но и од Финансиската полиција во 2019 година. На прашањата на Радио Слободна Европа од Финансиската полиција одговорија дека се уште стојат на ставот дека постои основано сомнение дека Те-То незаконски спровел стечајна постапка и дека е осомничена за перење пари.
ЕСМ го презема управувањето со БЕГ и Скопје Север
Од друга страна, пак Основното обвинителство и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција смета дека при стечајната постапка не се направени кривични дела.
И по три години од поднесување на кривичната пријава од Финансиската полиција велат дека остануваат на својот став за основано сомнение. Според нивниот одговор за Радио Слободна Европа нивната истрага и проверка на документите на Те-То покажеле сомненија дека се сторени кривичните дела „Злоупотреба на службена положба“,„лажен стечај“ и „перење на пари и други приноси“
„Со горенаведените инкриминирани дејствија пријавените овозможиле пријавеното правно лице ТЕ-ТО АД Скопје да се стекне со противправна имотна корист,преку несолвентност ,стечај и неможност да си ги плати обврските по правосилна судска пресуда,при што нанеле значителна штета на акционерот-доверител на пријавеното правно лице,на Топлификација АД Скопје,во вкупен износ од 721.683.587,00 денари, односно 11,7 милиони евра“, се вели во одговорот од Финансиската полиција.
Во него е посочено дека добиле одговор од Обвинителството во кој се посочува дека Обвинителството за гонење на организиран криминал донело решение со кое истрагата за перење пари е прекината, додека кривичната пријава со наводите по кривичните дела злоупотреба на службена положба и лажен стечај се отстапува на Основно јавно обвинителство Скопје заради натамошно стварно и месно надлежно постапување.
Од Обвинителството посочуваат дека за овие предмети веќе во 2020 година е донесена конечна одлука со која се отфрлаат сите пријави.
„Воедно постапката за отварање и спроведување стечај е регулирана со посебен закон кој претставува Lex specialis, а од анализа на доказите и правната регулатива произлезе дека постапувањето по овој закон во конкретниот случај исто така не претставува основ за кривично гонење.
Причината за различното читање на двете институции за документите и постапките со за прогласувањето на стечајот на Те-То во 2017 година Јовески во интервјуто за РСЕ ја гледа во разликата на надлежностите на инстутициите.
„ Обвинителството мора да ги провери и утврди сите факти, со оглед на тоа дека во конкретниот случај, ако поднесе обвинение мора да ги провери и утврди сите факти, со оглед на тоа дека во конкретниот случај ако поднесе обвинение, мора да има релевантни докази тоа да го документира, и со тие докази да издејствува одлука од надлежниот суд“ вели Јовески.
Директорот на ТЕ-ТО и член на управниот одбор на Балкан Енерџи Груп Димитар Кочовски во интервју на Телма изјави дека шпекулациите му штетат на имиџот на компанијата.
„Многу често институции се повикуваат на шпекулации и некои претензии за легалноста и законитоста. Тоа само наштетува на работата на компанијата. Го нарушува имиџот. Ние како компанија ги покажавме нашите квалитети во изминативе десет години. Во однос на пријавите за лиценцата мислам дека е време тоа да се заврши, три години се зборува за тоа, треба да се затвори, да не се остави отворено, ние сме убедени во легалноста на нашите лиценци. Тоа само предизвикува штета на компанија која работи и се обидува да обезбеди услуга на пазарот“ изјави Кочовски.
Тој додава дека сопственик на Те-То и БЕГ е Битер Холдинг Компани, но објаснува дека вистинскиот сопственик на Те-То е руската компанија ТГК 2 поточно Територијал Генератинг Компани. Според јавно достапните податоци станува збор за руска компанија која функционира од 2005 година на рускиот пазар, особено во северниот и северозападниот дел на Русија.
Според податоците на веб страната на компанијата, единствена топлана што ја поседува оваа компанија надвор од границите на Русија е Те-То во Скопје. Македонската топлана е најмалата од седумте топлани кои се наоѓаат во северниот дел на Русија. Според податоците на Блумберг руската компанија ТГК2 е во делумна сопственост на рускиот Гаспром, односно Гаспром поседува 49 проценти од акциите на ТГК2.