Достапни линкови

Фирмата Провиз специјализирана за тендери од општина Бутел


Фирмата Провиз за целото работење добивала само тендери од општина Бутел во вредност од над 1 милион евра. Најмногу за време на владеењето на СДСМ со општината, а сопственикот на фирмата е екс советник на ВМРО-ДПМНЕ. За едни исти производи на тендерите се нуделе екстремно различни цени.

На поранешен советник во општина Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е фирмата Провиз која ги добила тендерите за уличното осветлување во општината за време на мандатот на Велимир Смилевски од СДСМ преку кој опозициската партија обвини дека се испумпувале пари. Фирмата од тендери со општина Бутел заработила над 1 милион евра.

Нејзин директор, според податоците на Централниот регистар, е Круме Шишковски кој од 2009 до 2013 година бил советник додека градоначалник на Бутел беше неговиот сопартиец Петре Латиновски. Но, највредните тендери фирмата ги добива додека прв човек на општината е Смилевски од СДСМ.

Сомнежот за злоупотреби го отвори ВМРО-ДПМНЕ, пред се, поради големата разлика во цените понудени за исти производи. На пример една светилка за сијалица од 70 вати е понудена за 10.881 денари, додека друга сијалица од истиот вид, но појака од 150 или 250 вати е запишана со цена од 1,81 денар, како што се наведува во документацијата, за еден од тендерите кој беше и еден од примерите, за кој пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на прес-конференција рече дека се крие сериозна манипулација и злупотреба.

„Во услови на вакви разлики на цени за производи кои имаат слични спецификации, постои основано сомнение дека поскапите секогаш биле преферирани за набавки, и на тој начин освен што се злоупотребувал тендерот, биле трошени енормни народни пари со цел богатење на приватни фирми. Со други зборови производот кој се набавува во огромни количини чини суво злато, а после истиот следуваат 9 производи кои чинат по едвај два денари. Тие девет производи имаат за цел да ја избркаат конкуренцијата“, рече Лефков.

Конкретниот тендер во вредност од 12 милиони денари или околу 190 илјади евра „Провиз“ го добил во септември, мината година врз основа на најниска понудена цена. На тендерот учествувале уште три фирми.

Есктремни разлики во цени

На општина Бутел, според тендерската документација од потпишаниот договор, и биле потребни 60.000 светилки и тоа од најскапите од 70 вати кои чинеле речиси 11 илјади денари. Додека пак од далеку поевтините од 150 и 250 вати, чија цена е помалку од 2 денари и биле потребни само 20 парчиња.

Што значи дека 60.000 светилки со помала моќност чинеле околу 10.500 евра. Наместо светилките со поголема моќност со пониска цена кои за 60.000 на број би се издвоиле нешто над 1700 евра. Сличен пример има на екстремни разлики во цените и со столбови, кабли и друг вид на сијалици.

Смилевски вели дека им биле потребни поскапите светилки бидејќи тие биле адекватни за уличното осветлување во општината.

„Користиме помали, економични сијалици од 75 вати. Што ако ставиме од 150 или 300 вати, ефектот го немаме, а имаме голема потрошувачка. Тоа се случуваше и во претходниот период кога имаше набавувано 150 ватни сијалици. Искрено уште во првиот месец имавме драстично намалување на сметките на струја и заради тоа џабе некој да ни даде и без пари кога во текот на годината веќе се исплаќа инвестицијата“, вели Смилевски.

Го прашавме обвинителството дали ќе отвори случај за наводните злоупотреби, но оттаму соопштија дека кривично дело треба да се пријави во институцијата.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги следи информациите во врска со неправилностите во работењето и наводно сторени кривични дела што секојдневно се пласираат во јавноста преку прес конференции. Воедно, укажуваме дека прес конференциите не се облик за пријавување на кривично дело и дека секој што има докази или смета дека е сторено кривично дело, треба да поднесе кривична пријава, по што обвинителството ќе постапи во рамките на своите надлежности“, велат оттаму.

Од Државната комисија за спречување на корупција велат дека првин ги разгледуваат наводите, па потоа решаваат дали ќе отворат истрага. Но, оттаму додаваат дека со работата на општина Бутел сепак ќе се бави Државниот завод за ревизија.

„Општина Бутел е во планот за ревизија на Државниот завод за ревизија, така што ние нема сега да отвораме предмет“, велат од ДКСК за РСЕ.

Се обидовме да стапиме во контакт со Провиз, но на телефонскиот број никој не одговара.

Провиз, според Централниот регистар, постои од 2009 година. Но, првиот тендер за улично осветлување од општина Бутел го добива во септември 2019 година, две години по победата на Смилевски на локалните избори. Вкупно оттогаш досега фирмата добила 5 тендери и изминативе години е задолжена за одржување и изградба на новото улично осветлување во општината. Вкупно вредност на тендерите на фирмата со општината се речиси 64 милиони денари или над милион евра. Три од нив се за изградба, а два за одржување на улично осветлување. Во сите тендери, според документацијата, а не само споменатиот од ВМРО-ДПМНЕ исто така по истиот принцип за исти производи се понудиле екстремно различни цени.

Смилевски додава дека законот избира кој ќе го добие тендерот, односно најниската понудена цена.

„Инаку човекот кој што е сопственик во изминатиот период работел против мене за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е тоа и бизнисот и бизнис. Тој конкурирал и добил. Не можеме да одбереме ние кој сакаме, туку најевтината цена“, додава Смилевски.

Тендери само со општина Бутел

Од своето постоење, фирмата Провиз тендери добила само од оштина Бутел и ниту од една друга институција. Оние за улично осветлување и уште два, неколку години нанзад за новогодишно украсување. Еден во 2014 година во вредност од 362 260 денари или речиси 6000 евра. Друг во 2013 година за истата намена за новогодишно осветлување и за идентична сума само неколку евра пониска.

За овие два тендери Провиз земала само речиси 12 илјади евра се до 2019 година кога започнала да ги добива тендерите за улично осветлување кои и донеле над милион евра.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG