Дневните бројки на новозаразени со коронавирус во Македонија од пред десетина дена повторно почнаа благо да растат, а се намалува и интересот за вакцинација.
Видете и ова: Калкулирање со ковид мерките поради изборитеПовеќе од година и половина од почетокот на епидемијата на коронавирус во земјава, заштитните мерки речиси и да не постојат, иако формално сè уште се на сила. Преполни автобуси, маска носи кој како стигне, половина под нос, луѓето се вратија на работа, а децата на училиште.
Владата пред два месеци воведе задолжителен вакцинален сертификат за влез и излез од земјава и за влез во угостителски објекти и затворени трговски центри, а пред неколку дена ги укина ограничувањата за максимално дозволен број на гости на една маса во кафеаните, како и за дозволениот број гости во објектите.
Вакциналниот сертификат, односно доказ за вакцинација, почна да важи од 1 септември и тоа драстично го зголеми опфатот на вакцинација во земјава, па така само во овие два месеци бројот на вакцинирани се зголеми од 500 на скоро 800 илјади луѓе, но во последните недели интересот за вакцинација спласна. Стапката на вакцинација од околу 40 отсто од населението сепак е ниска за зауздување на епидемијата. Во земјите во кои вакцинацијата оди добро, веќе е вакцинирано над 80 отсто од населението и рестрикциите за спречување на ширење на вирусот веќе се укинуваат.
Доктор Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија смета дека треба да се интензивираат напорите да се едуцираат граѓаните за тоа кои се бенефитите, ефикасноста и безбедноста на вакцините. Тој повеќе не гледа можност за какви било мерки за мотивација за вакцинација.
„Во наредниот период можеме да очекуваме дека ќе се зголемуваат бројките на новозаразени, пред сè поради тоа што ни претстојат студени месеци. Зимскиот бран се очекува секаде во светот. Тоа нема да биде исклучок кај нас. И веројатно доколку не се интензивира процесот на вакцинација преку едукација на населението, затоа што тоа ни остана како една од најнеискористените мерки, односно да имаме една добра централизирана кампања за тоа какви се бенефитите од вакцинацијата. Доколку тоа не се случи, ќе имаме сè уште низок број на вакцинирани и сè уште мал интерес за вакцинација и веројатно дека зимата ќе биде потешка за да ја пребродиме кризата од пандемијата која што ни претстои“, вели Мехмедовиќ.
Сепак, епидемиологот, доктор Драган Даниловски вели дека со оглед на имунитетот од заразување и вакцинирање, бранот не би требало да биде толку интензивен како претходните.
Видете и ова: Маската на затворено не е задолжителна за функционерите?„Ќе се соочиме со едно покачување на бројот на новите случаи, значи на заразените, но не мислам дека епидемиската крива ќе биде во форма на шилец со остар и висок врв, туку тоа ќе биде крива која ќе има едно зарамнето плато со не многу висока амплитуда и дека ако сè биде како што треба и не се појави некоја нова варијанта, дека целата епидемиска приказна веројатно ќе заврши со настапување на пролетта. После тоа ќе го имаме вирусот во ендемична форма, тој постојано ќе биде со нас. Ние сите во меѓувреме ќе стекнеме имунитет кон него. Тој полека ќе ја губи силата, така да се изразам, и понатаму секоја година ќе се соочуваме со сезони, наместо како досега на настинки и грипови, туку сега ќе биде едно тројство, односно сезони на грип, настинки и ковид“, рече неодамна Даниловски.
Од почетокот на пандемијата пред година и половина досега во Македонија се регистрирани околу 200 илјади случаи на коронавирус, што значи дека секој десетти човек ја прележал болеста. Над 7 илјади луѓе починаа од вирусот. Во моментов има над 6 илјади заболени.
Официјалните податоци покажуваат дека новиот бран од епидемијата во земјава е веќе започнат. Од 8 октомври бројот на новозаразени постојано благо расте, но со заладувањето на времето се очекува тие бројки да почнат да растат побрзо.
Микробиологот, професор Никола Пановски вели дека кампањата за вакцинација треба да продолжи, но противепидемиолошките мерки треба да се зајакнат.
„Во оваа фаза не треба да ги заборавиме мерките. Ако гледавте спотови на некои партии, имаше по 70-80 луѓе без маски во затворен простор, а во тие спотови имаше и доктори-епидемиолози. Кога тие забораваат, што останува за обичниот свет? Сега кога, според мене неправилно, се дозволени свадби во затворен простор, собирања во затворен простор, каде што гледаме дека вакцините го намалуваат заразувањето само за 20-30 отсто, вирусот се шири и меѓу вакцинираните, мерките треба повторно да се зајакнат. Треба да се продолжи кампањата за вакцинација која не знам зошто не постои“, вели Пановски.
Министерството за здравство почна да спроведува кампања за вакцинација, но се чини дека во предизборниот период сите заборавија на тоа. Во Министерството како ќе се мотивираат граѓаните да се вакцинираат, оти во последните денови паѓа интересот за вакцинација.
Видете и ова: Гостиварци и преку прозор влегувале во ковид болница на посета„Заштитата на здравјето, на граѓаните, треба да им е најголемиот мотив за да се вакцинираат против ковид-19. Бројни истражувања, анализи покажуваат и ја докажуваат ефикасноста и безбедноста на вакцините. Како здравствен систем, на граѓаните им ги овозможуваме сите поволности за вакцинација и истата е достапна буквално за секого кој сака да се вакцинира“, одговорија од Министерството за здравство.
Трета доза вакцина за засилување на имунитетот
Истражувањата покажуваат дека ефикасноста на вакцините се намалува шест месеци по примањето на втората доза, па многу земји воведоа вакцинирање со трета доза како засилувач на имунитетот, најмалку шест месеци по примањето на втората. Од крајот на минатиот месец и во Македонија почна вакцинација со трета доза, но засега интересот е многу мал. Со трета доза се вакцинирани околу 2500 луѓе. Причината може да се бара и во тоа што вакцинацијата кај нас почна многу доцна, па сè уште не се поминати шест месеци од првичното вакцинирање на граѓаните.
Со оглед на тоа што истражувањата покажуваат дека кинеските вакцини, со кои се вакцинирани најголем дел од граѓаните во Македонија се помалку ефикасни, Националниот комитет за имунизација пред неколку дена препорача, граѓаните кои се вакцинирани со „Синовак“ и „Синофарм“, да може да примат трета доза Фајзер три месеци по вакцинирањето.
Здравствените власти велат дека мешањето на вакцините, односно примањето трета доза Фајзер по примена друга вакцина не е штетно, туку уште повеќе го засилува имуниот одговор.
„Првенствено да се заштитиме од доста поинвазивниот делта-сој и бидејќи шесте месеци од почетокот на вакцинацијата упатува на тоа дека ефективноста на дел од вакцините се намалува и токму заради тоа беше иницијалната препорака за трета доза“, изјави претседателката на Националниот комитет за имунизација, професор Александра Грозданова.
Во земјава процесот на вакцинација започна во февруари, кога беа вакцинирани здравствените работници, а потоа и работници од таканаречената критична инфраструктура. Но, масовната вакцинација во земјава стартуваше во мај. Досега, според податоците на Министерството за здравство, досега се вакцинирани над 800 илјади граѓани, односно околу 38 проценти од населението.
Досега е аплицирани над еден милион и 570 илјади вакцини, од кои најмногу луѓе се вакцинирани со кинеските вакцини. Аплицирани се над 485 илјади дози Синовак и 300 илјади дози Синофарм. Потоа следува вакцината Фајзер од која се дадени над 610 илјади дози. Околу 130 илјади дози од вакцината АстраЗенека и 45.613 дози од Спутник.
Министерството за здравство соопшти дека во периодот од 6 август заклучно со 21 октомври на територија на државата 42.945 граѓанин биле позитивни на ковид- 19, од нив 26 отсто биле целосно вакцинирани, односно 11.253 лица. Од оние кои се хоспитализирани, 24 проценти биле целосно вакцинирани. Од Министерството посочуваат дека анализата покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Во посочениот период на територијата на државата починале 1506 лица со ковид- 19, 1246 пациенти, односно 83 отсто од починатите не биле вакцинирани, а 260, односно 17 проценти примиле вакцина.
Досега се регистрирани и 663 реинфекции, односно луѓе што по вторпат фаќаат ковид-19, а има и еден случај кој го фатил вирусот третпати. Шестмина од реинфицираните починале.
Непотребно вакцинирање на прележаните
Големи контроверзи предизвика владината одлука за и прележаните да мора да се вакцинираат 45 дена по оздравувањето за да добијат сертификат. Пановски вели дека тие што прележале најмалку 6 месеци не треба да се вакцинираат.
„Последните податоци што ги знам од кај нас се 5 смртни случаи од прележаните и 210 од вакцинираните. Вакцината кај нас масовно трае четири месеци, а епидемијата 18 месеци. И после сето тоа да тврдиш дека вакциналниот имунитет е подобар, и да си производител на вакцини ќе престанеш“, вели Пановски.
Тој исто така препорачува Министерството за здравство итно да испрати протоколи за лекување на ковид-19 до матичните лекари. Македонија е на трето место во светот според бројот на смртни случаи од ковид-19 по жител. Повеќе починати од Македонија имаат само Перу и Босна и Херцеговина.
Вакцини, ковид-пасоши и маски ја намалија заразата во Израел
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Четири месеци по еден од најлошите бранови на ковид-19, Израел бележи пад на нови инфекции и тешки случаи на заболување, со помош на употреба на трета доза на вакцините, ковид пасоши и задолжително носење маски.
Гоце Атанасов
Израел во јуни годинава беше изненаден од четвртиот бран на ковид-19, поткрепен со брзото ширење на делта варијантата. Наместо наметнување нови мерки за заклучување, владата препорача трета доза на вакцината Фајзер за лица на возраст над 12 години, задолжително носење маски и задолжителен таканаречен „Зелен пасош", односно доказ за вакцинација, закрепнување од болест или негативен тест - во ресторани и други места, па дури и за децата. Сега дневните инфекции во Израел паднаа за повеќе од 80 насто, додека тешки случаи се речиси преполовени.
Премиерот Нафтали Бенет оцени дека ваквиот флексибилен пристап овозможува да се живее и со коронавирусот.
„Ние сме на нашиот излез од делта бранот, без еден ден затворање, што е извонреден подвиг“, рече тој.
Стратегијата „Живот со ковид-19“ во Изреал не е без контроверзии, но помогна училиштата и економијата да останат отворени.
Израелското Министерство за здравство деновиве ги презентираше најновите податоци за безбедноста и ефикасноста од кампањата за трета доза. Тие покажуваат дека кај луѓето над 60 години инфекциите започна брзо да опаѓаат на околу две недели по третата примена доза, додека сѐ уште има пораст меѓу другите старосни групи. Главно невакцинираните, често помлади луѓе сериозно се погодени од коронавирусот. Тие сочинуваат околу 75 насто од пациентите хоспитализирани во тешка состојба, додека оние кои се вакцинирани со две или три дози се само една четвртина од ваквите случаи.
Досега третата доза е ефикасна во намалувањето на тешки случаи меѓу вакцинираните лица на возраст од 40 и нагоре, соопшти Министерството за здравство.
Ран Балицер, експерт кој го предводи Советодавниот панел на владата за коронавирусот, изјави дека со комбинација на мерки успешно е совладана делта варијантата.
„Она што го сруши делта сојот во Израел беше комбинација од неколку компоненти. Тоа беа задолжителните маски, зелените пасоши, политиката за вакцинација, масовното тестирање со антиген и ПЦР тестови. Но, несомнено најважниот ефект фактор беше кампања за масовна вакцинација со засилувачи кои ни овозможија да постигнеме многу висок процент од оние претходно вакцинирани со две дози, со трета доза“, рече тој.
Доктор Јаел Хавив-Јадид, раководител на Единица за интензивна нега во Медицинскиот центар Шеба, пак, вели дека таа политика е добра.
„Гледаме дека целата болница работи редовно, всушност ние сме среќни за тоа, не сакаме пациентите да бидат дома. Но, можеме да видиме дека луѓето кои не се вакцинирани, се повеќе болни. Станува збор за млади луѓе кои доаѓаат тука многу болни, па мислам дека тоа е добра политика, но има своја цена“, рече тој.
Во Англија, каде што бустери се администрирани на околу 5% од населението, задолжителното носење маски во голема мера беше напуштено, а вакцина-пасошите не се задолжителни, бројот на случаите на ковид-19 е во пораст. САД и неколку европски земји досега овластија бустери само за постарите возрасни лица, лицата со ослабен имунолошки систем или работници со висок ризик на изложеност на коронавирусот.
Светската здравствена организација побара од побогатите држави да не даваат трета доза, бидејќи многу земји немаат пристап ни до првата доза на вакцината.
Во Израел досега, 3,7 милиони луѓе добија трета доза што е една третина од популацијата на земјата. Според Балицер, Израел беше првата земја што се справи против делта сојот со комбинација на мерки и оти овие искуства можат да ги искористат и другите земји:
„Ова ќе биде значаен предизвик за другите земји и се надевам дека некои од научените лекции од Израел ќе им овозможат подобро да се подготват и подобро да ја ублажат оваа закана“, вели Балицер.