За некој ден, на 8 Септември се одбележува голем јубилеј – 30 години независност. Ваша оценка – можеше ли подобро и повеќе?
Јас мислам дека одговорот на тоа го знаат сите наши граѓани. Се разбира дека можеше и подобро и посреќно да се живее. Тука сега ако ја даваме таа квалификација можеме да цитираме проблеми од деведесеттите – долга транзиција, блокади, регионален контекст и на крајот на денот мораме да се погледнеме во очи, сите политички гарнитури од деведесеттите години до денес и оваа актуелната од која сум јас дел и да видиме кои беа нашите субјективни слабости и зошто ние не направивме повеќе за граѓаните денеска да живеат подобро.
Видете и ова: Дводневен Преспа форум - разочараност на Балканот од ЕУЗемјава е членка на НАТО, но по блокадата на Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ, има големо разочарување, евроскептицизмот расте, според истражувањата на Балкан барометар, а со тоа се отвора просторот за Русија и Кина. Како натаму?
Мене ме загрижува евроскептицизмот кој неспорно е во нагорна линија, и во регионот, не само кај нас, немојте да заборавите дека и регионот на Западен Балкан, за жал, е заборавен од Европската унија, од различни причини, меѓутоа е заборавен. Ние сме на маргините на европската агенда, дел поради причини коишто лежат во главните градови тука кај нас, дел затоа што Европа се бави самата со себе со години, практично со децении. После тие неуспешни референдуми за европскиот Устав од 2004 и 2005, Европа има сосема друга политичка агенда и политички приоритети. Она што ме загрижува, не ме загрижува пенетрацијата на други држави, тоа е легитимно нивно право, нивни национални интереси и не само овие две држави што ги спомнувате. Ние немаме проблем со тоа, имаме проблем со тоа што нашите луѓе губат верба во европските вредности. Јас се сомневам дека тие европски вредности се пополнуваат со нешто друго, со некој друг сет на вредности, бидејќи објективно во денешниот свет тоа е најдобриот сет на вредности. Не верувам дека постои држава во светот или регионална организација која нуди подобар сет на вредности. Меѓутоа ако е тоа така, ние практично влегуваме во една ситуација која ја имавме во деведесеттите, од аспект на сет на вредности во кои веруваат младите генерации. Старите вредности кои ги имавме во таа идеологија и во таа држава заминаа во историјата, во историските архиви, нови не формиравме или им влегува во главите, во умовите на многу мала бројка на луѓе, не и кај доминантното мнозинство. И ако сега луѓето се хранат со сет на вредности кои не припаѓаат на западната цивилизација, на таа демократска култура, ние ќе имаме проблем. Веќе утре да ги почнеме преговорите со Европската унија ние ќе имаме проблем, особено младата генерација да ја убедиме дека ова, а не тоа е европска вредност.
Рековте дека Европската економска заедница (ЕЕЗ) не може да биде замена за ЕУ, истото го велите и за Отворен Балкан? Гледате во оваа регионална иницијатива таков обид – да биде замена за ЕУ?
Не гледам. Моето прво прашање упатено до сите потписници, иницијатори и до ден денеска единствени учесници на таа иницијатива, моето прашање беше дали тоа е алтернатива на Европската унија, сите тројца во моите одвоени средби со нив, децидно рекоа „не“. Меѓутоа она што, во тој контекст во којшто и Вие го поставувате прашањето, го спомнуваат и некои европски функционери, тие навистина мислеа овие регионални инцијативи или Европската економска зона да бидат дефинитивна алтернатива на полноправното членство. Јас се плашам, бидејќи Западниот Балкан во целина е се уште во чекалницата на Европската унија, Црна Гора и Србија преговараат 8-9 години, скоро деценија, крајот не е на повидок, Босна и Херцеговина и Косово, од икс причини, се практично на апсолутна маргина, не само на европската агенда, тие се заборавени држави. Ние и Република Албанија, исто така од различни причини, но третирани во пакет, сме оставени во чекалницата. Ако тоа се оддолжи, јас се плашам дека повторно ќе добиваме такви предлози и се плашам дека тогаш доминантното расположение кај нас во државата нема да биде толку против таа алтернатива на членството. Не велам дека таа алтернатива е лоша, меѓутоа би сакал да ја видам заедно со полноправното членство.
Какво влијание евентуално може да има ситуацијата во Авганистан врз Западен Балкан, во смисла на тоа дека се очекува нов бран на бегалци?
Можно е да очекуваме нов бран на бегалци, не овие што доаѓаат сега, кои се извлечени преку таканаречените хуманитарни конвои на организиран начин, таа бројка е мала, не сама кај нас, туку генерално во светот, станува збор за неколку илјади луѓе, меѓутоа можно е, бидејќи јас очекувам тој режим да биде еднакво суров како и тој претходниот, пред 20 години, да предизвика нов бран на беглаци и тоа ќе биде веројатно слично на она што го видовме во 2015 и 2016 кога милион и пол луѓе транзитираа низ наша територија и низ целиот овој регион.
Со опозицијата односите ви се топло – ладно. Неколку укази на владини закони не потпишавте, за некои одлуки искажавте несогласување, како на пример со онаа за изборниот праг за независните листи за претстојните локални избори во октомври? Какви ви се односите со власта?
Во однос на власта, мојот став е исто така во однос на тие неколку проекти за кои јавно искажав несогласување е базирано на тоа во што верувам, не за да не ѝ се допадне или да ѝ се допадне на власта и мислам дека тоа што одвреме-навреме имам дисонантни тонови и гледишта, ставови во однос на владејачката коалиција, која ме предложи и ме поддржа за претседател, мислам дека покажува дека навистина се трудам, граѓаните ќе кажат колку тоа го оправдувам, и навистина да бидам натпартиски претседател.
Од друга страна, го потпишавте од прва Законот за изградба на автопати без тендер од страна на американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка, иако Државната комисија за спречување на корупцијата ја достави до Уставниот суд Иницијатива за оценување на уставноста на овој закон. Критиките се дека овој закон отвора можност за корупција. Зошто одлучивте да го потпишете?
Мојата надлежност не е да ја оценувам уставноста на законите кои ги потпишувам, тоа е работа само на Уставниот суд, од тој аспект ја почитувам иницијативната на Антикорупциска, меѓутоа јас немам таква надлежност. Да кажам овој закон не го потпишувам само затоа што е противуставен по мое размислување, немам таква надлежност независно од знаењето што го имаме јас и мојот правен тим. Станува збор за закон кој практично ќе биде, неговата имплементација ќе биде во две фази. Законот е само една генерална рамка за она што следи и што е конкретизација на законот, станува збор на една одредба на законот која мене ми дава за право дека нема да одиме во таа насока која ја сугерирате со вашето прашање. Треба да се формира преговарачки комитет кој ќе ги утврди сите детали на тој проект, значи прво станува збор за фирми со меѓународна репутација, едната од нив е во топ 10, всушност најдобра во светот во својата област, другата е исто така меѓу фирмите со најголема репутација.
Мислите на Бехтел и Енка?
Бехтел е број еден во светот, зависно од годината кога го мериме, Енка исто така е со меѓународна репутација прилично висока. Преговарачкиот комитет треба да утврди цена, детали, сè што следува за еден комплетен договор.
Да, но зошто без тендер?
Образложението на владата беше дека за да се забрзаат генерално работите, тргнувајќи од многу лошото искуство што го имаме со автопатот Кичево-Охрид, независно кој го гради, не сакам да кажам овие се кинески, овие се американски фирми, не мислам на тоа, меѓутоа станува збор за процедури и во делот на имотно-правните односи и проблеми што ги имаат долж таа траса, кои можат да земат години и години, значи за да биде тоа побрзо направено. Поентата ми е преговарачкиот комитет допрва треба да биде направен, јас го реков тоа и претходно јавно дека имам намера на премиерот и на владата да им предложам во тој преговарачки комитет да не влезат само актуелни министри, кои по дефиниција не би можеле да бидат толку автономни во однос на премиерот и владејачката структура, туку да влезат и луѓе од невладиниот сектор, зошто не и претседателот на антикорупциска комисија.
Власта на Никола Груевски почна да паѓа по опозициските аудио снимки во кои се слушаа и индиции за корупција, за недемократско однесување итн. Потоа следуваа протести, вие лично бевте на улица и баравте промена на системот. Сега, како претседател кој беше кандидиран од оваа власт на СДСМ, каков е вашиот впечаток, подзаборавени ли се тие идеали, за демократија, транспарентност и борба против корупцијата?
Мислам дека употребувате добар израз, прецизен - подзаборавени се, но не се сосема заборавени. Сакам тука да споменам неколку параметри кои ги мерат и ги презентираат меѓународните организации со репутација во таа област. На пример во делот на демократијата, или ако сакате во делот на слободата на медиумите, ситуацијата не може да се спореди, апсолутно не може да се спореди со она што го имавме од 2006 до 2016. Во делот на политичките прогони, ние во тоа време имаме политички затвореници, до овој момент не постои извештај на Стејт департментот, ниту на која било друга меѓународна организација, која е во областа за заштита на човековите права и слободи, која тврди дека кај нас има политички затвореници. Кај нас во владеењето на ова политичка структура не може да се замисли настан како што е насилен упад со специјални полициски сили во најголемата телевизија и апсење на сите сопственици од претекст дека не плаќале данок итн.
Да, но меѓународните извештаи кои ги спомнувате не покажуваат дека ситуацијата во однос на корупцијата и криминалот е...
Во однос на корупцијата точно е. Најболната точка на нашето општество, на целата наша држава од 90-та до денес е корупцијата. Дали порано тоа било детектирано или не толку затоа што имавме и воени закани и внатрешен конфликт во 2001, тоа е друго прашање, меѓутоа таа корупција, особено сега зборувам за високата корупција, за жал, стана начин на живеење, и тука имаме прилично многу за домашна задача на домашната агенда. Во тој дел, а тоа го покажува и последниот извештај на Транспарентност да бидете на 111 место во светот не е за фалење.
Тоа е историски најлошо рангирање.
Се согласувам, ги знам образложенијата дека тоа е перцепција, дека тоа е бизнис заедницата што мисли, дека сега мислењата полесно се искажуваат, меѓутоа мене ме интересира, ја знам методологијата како се доаѓа до таа бројка и до тоа место, меѓутоа ме интересира местото и јас мислам дека оваа држава и како влада и сите ние имаме огромна задача следниот извештај на таа организација, па и на некои други кои детектираат слабости на тој план, мора да бидат подобри. Резултатот мора да биде подобар, 111-то место практично, за жал, ги поништува и другите добри реформски зафати во другите области.
По речиси 20 години се одржува попис кој, иако битна статистичка операција за економско и социјално планирање на државата, во земјава како се уште да се сфаќа како само пребројување на Македонци и Албанци. Мислите ли дека овој наратив може да ја поткопа операцијата?
Имаше такви обиди јас мислам пред да го одложиме пописот минатиот пат. Сега тој политички наратив кој се обидува да го поткопа пописот и да го претстави само и само како пребројување на етнички глави е прилично слаб, прилично ослабен во меѓувреме. Јас не очекувам дека поради политички тензии некој може да ги компромитира резултатите од пописот кој треба да почне на 5 септември, но ситуацијата претходно не беше таква. Ние не можеме сосема и да сакаме да излеземе комплетно од таа матрица на пребројување по етничка припадност оти во нашиот Устав има одредба дека одредени права и статуси им припаѓаат и на оние немнозински заедници кои се најмалку 20 отсто од популацијата, така што тоа е одредба од Рамковниот договор, тоа е одредба од нашиот Устав, мораме да ја почитуваме, инаку се согласувам како што одминуваме, неодамна прославуваме 20 годишнина од Рамковниот договор, мислам дека пребројувањето само и само по етничката припадност треба да стане дел од историјата.
По пописот следуваат локални избори - може ли според вас да донесат нов квалитет земајќи предвид дека има наплив на независни листи за советници па и за кандидати за градоначалници?
Тоа е еден, јас би го нарекол, мал чекор кон демократизација на нашето општество, тоа може само да не радува. Диверзификацијата, разновидноста може само да ја обогати македонската демократија, не може да ја направи полоша. Мене ми е драго што тоа се случува, иако мислам дека во таа насока власта преку својата нормативна дејност во наредните месеци и години, заедно со опозицијата, бидејќи тие изборни законодавности се менуваат со целосен консензус, ќе мора да направи уште неколку исчекори, на пример една изборна единици, без праг, за да се овозможи и помалите политички субјекти да не бидат приврзоци на големите политички партии, туку да имаат една своја автономија и конечно да понудат нешто ново на политичкиот пазар.