Преговарачки тим составен од членови на Владата и американско-турски конзорциум Бехтел-Енка допрва ќе треба да договорат колку ќе чини целосната изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10, како и деталите околу самата изградба. Од Владата велат дека се уште не е формиран ваков тим.
Според законот кој беше неодамна донесен во Собрание за изградба на автопати без тендер е предвидено во Комитетот за преговори да учествуваат членови на Владата, Инвеститорот и, како што е наведено, други соодветно заинтересирани страни.
„За целите на преговарањето на Договорот за градење, преговарачките тимови на Владата и Стратешкиот партнер можат да поканат други советници, заинтересирани страни, експерти и специјалисти од областите релевантни за Проектот, “ се вели во законот.
Антикорупциската комисија го оспори овој закон пред Уставниот суд поради висок ризик од корупција. Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе биде објавено во целост в недела вели дека за да биде целиот процес по транспарентен во преговарачкиот комитет не треба да членуваат само владини претставници.
„Имам намера на премиерот и на владата да им предложам во тој преговарачки комитет да не влезат само актуелни министри, кои по дефиниција не би можеле да бидат толку автономни во однос на премиерот и владејачката структура, туку да влезат и луѓе од невладиниот сектор, зошто не и претседателот на антикорупциска комисија“ изјави Пендаровски.
Од Антикорупциска не се согласуваат со таквата иницијатива. Комисијата е независен орган и не треба да членува во такви тела, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска.
„Државната комисија за спречување на корупција е самостоен и независен државен орган кој пред се има превентивна улога, но од друга страна има задача и да контролира. Доколку членуваме во такво тело ние може да се најдеме во ситуација на судир на интереси, односно сами себе да се контролираме за нешто за што претходно сме учествувале во донесување на одлука. Тоа значи дека ние не можеме да бидеме дел од такви тела. Дотолку повеќе што тука станува збор за предмет за кој ние имаме јасен став дека е противуставен“, вели Ивановска.
Антикорупционерите побараа времено стопирање на примената на законот додека судот не се произнесе. Но, до денеска, како што вели Ивановска, Уставниот суд не се произнел за иницијативата, нити ја известил Антикорупција дали воопшто се разгледува и дали ќе одговорат на барањето за привремено стопирање на законот.
Според антикорупционерите, овој закон „претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно“.
Претседателот Пендаровски вели дека не можел да го исполни барањето на Антикорупциска да не се потпише на законот пред тој да стапи во сила.
„ Да кажам овој закон не го потпишувам само затоа што е противуставен по мое размислување, немам таква надлежност независно од знаењето што го имаме јас и мојот правен тим. Станува збор за закон кој практично ќе биде, неговата имплементација ќе биде во две фази“ вели тој.
Во законот за изградба на автопати без тендери се посочува дека нема да важат правилата за јавни набавки, односно одредбите од Законот за јавните набавки нема да се применуваат за доделување на договорите поврзани со подготовката и реализацијата на Проектот. Со законот е предвидено издавање на концесии за истражување и експлоатација на минерални суровини неопходни за изградба на државни патишта со важност до завршување на Проектот.
„Додека се користат експроприраните јами и каменоломи за целите на Проектот, Инвеститорот и Стратешкиот партнер ќе ги почитуваат сите применливи регулативи за минерални суровини, со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот“ се вели во законот.
Со законот е утврдено конзорциумот да ги изгради делниците на Коридор 8 Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан и делницата од коридорот 10 делница на автопатот Прилеп Битола.
Бехтел е најголемиот американски контрактор по приходи додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји. Градат големи инфраструктурни проекти ширум светот, а во регионот градеа автопати кои ги следеа низа контроверзии. Ги градеа автопатите во Косово, Албанија, потпишаа договор за „Моравскиот коридор“ во Србија. За сите овие имаше обвинувања дека се преплатени.