Преку проект од ИПА фондовите ќе се набават потребните делови за акцелераторот за зрачна терапија на болните од канцер кои од Југозападниот Регион се лекуваат во Битолската клиничка болница, најави министерот за здравство Венко Филипче. До почетокот на следната година здравствената услуга треба да профункционира по исчекување од повеќе години, па пациентите да не мора за зрачење да патуваат во Скопје.
Видете и ова: Милионска опрема за третман на рак со години фаќа прашина во магацин
Една од пациентките од Битола вели дека ставањето во функција на акцелераторот ќе биде од голема полза зашто досега „трошоците за патување паѓаа на пациентите, а сите немаа пари да ги покријат.
Министерот Филипче најави дека опремувањето на акцелераторот ќе значи добивање на комплетна терапија за заболените од малигни неоплазми на Одделението за онкологија во Битола. Тие покрај хемотерапија, која во Битола ја добиваат веќе неколку години, ќе имаат можност и за радиотерапија.
„Тоа што треба дополнително да се направи за да се стави во функција делот за Онкологија, односно акцелераторот, аплициравме на проект за првпат достапен во нашата земја преку ИПА инструментот на ЕУ и преку тој инструмент ќе ги добиеме сите потребни делови кои во овој момент недостасуваат и компјутерска томографија за компјутерска симулација. Тоа значи дека од почетокот на следната година во овој дел на функционирање на Онкологијата на Битолската болница, пациентите од овој Регион нема да се упатуваат во Скопје, туку услугата ќе ја добиваат во овој центар“, рече Филипче.
Инаку, од Југозападниот Регион годишно околу 1500 пациенти имаа потреба од зрачна терапија, а од Битола околу 450 заболени.
Уште една услуга што пациентите меѓу кои и оние со канцер ја добиваа на клиниките во Скопје, а од овој месец ќе можат да ја користат во Битолската болница е снимање со гама камера. Набавена е најсовремена гама камера која помага за дијагностицирање на болести на повеќе органи како бубрезите, тироидната жлезда, венска циркулација и малигните заболувања.
„Досега Клиничка болница работеше со гама камера во Одделението за нуклеарна медицина, но со овој апарат има интегрирано испитување спектар и компјутерска томографија, ќе се скрати времето на снимање, поголема искористеност на радиоактивните материјали. Ваквата камера има во Скопје и предностите на жителите од Југозападниот Регион ќе биде што услугите ќе ги добиваат во Битолската болница. Предвидено е покрај досегашните снимања што се правата од идната година да воведеме и нови испитувања“, рече Билјана Гагачовска, директор на Битолската клиничка болница.