Од касата на Општина Битола донесена е одлука да се донираат 600.000 денари за опремување на микробиолошката лабораторија за молекуларна дијагностика во Центарот за јавно здравје во Битола, да може да се врши тестирања за КОВИД-19. Целта е ефикасно и навремено детектирање на пациентите со коронавирус.
Средствата од Општината ќе бидат искористени за обезбедување на просторни услови, а компанијата „Кромберг и Шуберт“ ќе набави апарат во износ од 1,8 милиони денари. Со ова Битола ќе биде единствениот град надвор од Скопје во кој ќе може да се вршат вакви тестирања.
„Информациите што доаѓаат се дека оваа криза нема скоро да помине. Можеби со летните месеци малку ќе стивне. Но, очекувањата се дека барем уште година до година и половина ќе го имаме додека не се пронајде ефикасна вакцина. На крајот од март веќе се појави потреба од зголемен број на лаборатории кои ќе прават анализи, но според СЗО тие треба да бидат по многу високи стандарди и во простор и во опрема. А како институција немаме финансиски средства, не сме планирале во годишниот план да го направиме тоа сами“, вели Елизабета Крстевска, директор на Центарот за јавно здравје во Битола.
Градежните активности околу просторот се веќе започнати, а апаратот треба да пристигне за скоро, па се очекува кон крајот на мај лабораторијата да отпочне со работа.
„Оваа инвестиција ќе биде многу важна не само за градот туку и пошироко, зашто ќе бидеме прва лабораторија надвор од Скопје за КОВИД-19. Сега секојдневно носиме брисеви до Скопје и тоа се огромни трошоци. Пациентите и докторите чекаат по неколку дена за резултат, па ова ќе биде голем исчекор во справувањето со оваа криза“, додава директорката.
Во претстојниот период се очекува да има потреба од уште поголем број тестирања зашто има најави дека за патувања и престој во некои од државите на Балканот ова лето, ваков резултат не постар од 72 часа ќе биде исто што и пасош.
Инаку молекуларната микробиолошка лабораторија во Битола беше отворена во 2016 година со средства на Центарот за јавно здравје. Таа е една од најсовремените во државата, но кога се опремувала коронавирусот не постоел.
„Таа е единствена лабораторија која работи со молекуларна микробиологија во Југозападниот регион, но и во другите делови во земјава надвор од Скопје. Во неа веќе стандардно се врши детекција и типизација на ХПВ вирусот, кој е еден од најчестите предизвикувачи на рак на грлото на матката, како и утврдување на присуството на патогени пренесувачи на полови преносливи болести, како што се хламидија, трихомонас, вагиналис и слично. Лабораторијата нуди можност квантитативно да се анализираат и генотипизираат и хепатитис вирусите, e како и детекција на херпес, варичела, ентеро и други вируси, па со право може да се каже дека таа е лидер во овој дел на молекуларната микробиологија во регионот“, вели епидемиологот Тони Коњановски.
Дневно ќе се прават по 50 тестови, што ќе биде доволно за Југозападниот регион. Лабораторијата во иднина ќе може да се користи и за тестирање за други респираторни и вирусни инфекции.