Достапни линкови

Битола со само еден случај на корона, но економијата боледува


Околу 5800 работници од фабриката „Кромберг и Шуберт“ од Битола заминаа на колективен одмор, угостителските објекти на Широк Сокак, познатата улица за пиење кафе, не работат, како и рестораните во Подпелистерието, a по дуќаните ги нема купувачите од Грција.

Битолската и онака кревка економија е многу погодена од моменталната ситуација со коронавирусот. Економијата во градот под Пелистер и сигурноста на вработените останаа да ги крепат РЕК „Битола“ и Клиничката болница како најголеми работодавачи во градот за време на вонредната состојба.

Битолчани запрашани за економијата претежно зборуваат за „Кромберг и Шуберт“ со надеж дека ќе продолжи што побрзо со производството зашто од таму зависи егзистенцијата на работници од Битола, Прилеп, Демир Хисар и Ресен..

„Слушнавме дека се на колективен одмор, се надеваме дека за некоја недела ќе почнат на работа. Таа фабрика е важна за Битола бидејќи таму работат многу луѓе кои ги хранат семејствата земајќи плата. Затоа е многу важно економски градот да опстои во овој период.

Важна фабрика е не само во Битола туку и за околните општини.

Не само битолската туку и за цела економија, прилепската, демирхисарската.

Најголемиот дел од битолчани кои беа без работа, таму најдоа вработување“, велат битолчани.

Од „Кромберг и Шуберт“ како еден од најголемите работодавачи во државата, ја известија јавноста дека неизбежно се афектирани од генералната ситуација во која се наоѓа автомобилската индустрија (намалена продажба на постојните возила на европскиот пазар) поради што во изминатиот период беа приморани да го прилагодат бројот на вработени соодветно на обемот на работа, па во изминатите три месеци од работа беа испуштени 280 работиници. Дополнително, ситуацијата со корона вирусот ги доведе нивните клиенти во Шпанија и Германија со вонредни услови и тие беа приморани да го сопрат нивното производство, што следствено резултираше и со привремен прекин на производниот процес и во „Кромберг и Шуберт“.

Во моментов 5800 вработени користат одмор и платите и придонесите за март ќе бидат исплатени редовно и на време, а планиран е застој од 2 до 6 недели, соопштија од фабриката.

Досега ниту еден странски инвеститор не најавил отпуштање на вработените ниту пак повлекување на инвестициите од индустриските зони, информираа од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, оствари контакт со надлежните во фабриката „Кромберг и Шуберт“, адобиените информации ги проследи и до Владата.

Очекувањата за помош на приватниот сектор од Битола од страна на државата се големи.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG