Достапни линкови

Вонредна дезинфекција во Битола поради коронавирусот


Во најголемиот енергетски комбинат во земјава - РЕК Битола, каде што работат неколку илјади битолчани, се вршат вонредни дезинфекции, а се почитуваат сите мерки за заштита од ширење на коронавирусот. Од Комбинатот гарантираат дека производството на струја тече непречено. Дезифекција се врши и во другите фирми и јавни претпријатија. Од Битола ни јавува Жанета Здравковска.

Тринаесет луѓе во Битола се во изолација и нив ги чува полиција поради тоа што биле во контакт или во близина со луѓе заразени од коронавирусот. Во меѓувреме низ Битола се врши дезинфекција на сите поголеми комбинати, фирми, работни простории, колективни превозни средства, со цел да се спречи евентуално ширење на вирусот.

Во најголемиот енергетски комбинат во земјава - РЕК Битола, каде што работат неколку илјади битолчани, не може да се влезе без дезинфекција на рацете, ставање заштитна маска и ракавици. Забранет е влез на други лица однадвор, освен на добавувачи, а вработените на работа доаѓаат претежно со свои возила за да избегнат колективно собирање во автобуси.

„Ние 24 часовно функционираме во однос на активностите што се наши задачи, пред се безбедноста и здравјето на вработените во РЕК Битола. Почнувајќи од информативните табли на кои има информации како да се заштитиме, потоа обезбедени се материјали за дезинфекција на рацете, работните простории, тоалети, а извршена е и дезинфекција на возниот парк и работните простории, обезбедени се маски, ракавици и сè она што е потребно. Нашата служба прима и информации за наши луѓе кои патувале во странство или нивни блиски патувале. Ја следиме ситуацијата и досега во нашата компанија немало случај на заболен од коронавирус“, рече Кире Климевски од Службата за техничка сигурност на РЕК Битола.

Од Комбинатот соопштија дека има ротација на работни места, но гарантираат дека производството на струја тече непречено.

„Производството на струја се реализира согласно со нашите годишни планови. Немаме никакви застои во делот на работата. Нормално, се вршат соодветни прераспределби на работното време кај вработените. Оние наши вработени кои во моментот не се неопходни за работниот процес се упатуваат на отсуство, односно годишни одмори, се врши ротација. Не очекуваме проблеми, гарантираме дека производството на електрична енергија ќе се остварува согласно зацртаните планови“, рече Златко Ќурчиевски, генерален директор на РЕК „Битола“.

Дезинфекција се врши и во Фабриката за опрема и делови која е во рамки на ЕСМ и РЕК го снабдува со потребни механички делови за работа, потоа во Јавното претпријатие „Стрежево“ кое стопанисува со вештачката акумулација од каде со вода се снабдува индустријата и во некои делови од годината, градот. Дезинфекција има и во јавните претпријатија, редуцирани се на минимум директните средби со странки, а плаќањето на сметките ќе биде одложено и нема да се исклучуваат должниците додека трае опасноста од Ковид 19.

„Поделени се навремено и заштитни ракавици и маски за вработените и средства за хигиена, сапуни за дезинфекција. Ситуацијата е под контрола. Извршивме дезинфекција на работните простории, хали, сите вработени околу 32 кои по некој основ дали чување на дете помало од десет години или хронична болест ги ослободивме навремено од работните обврски. Работници кои допатуваа од странство се исто така ослободени и пријавени во Заводот за здравствена заштита“, рече Методија Тасевски, директор на ФОД.

Започна и акцијата за дезинфекција на улиците низ Битола. Дел битолски фирми донираа средства за дезинфекција во Јавното претпријатие „Комуналец“.

„ЈП Комуналец редовно одржува средби со претставници на Центарот за јавно здравје, со кои се координираат за начинот на превентивното делување. Миењето и чистењето на улиците редовно се одвиваше, по што веќе премина во фаза на дезинфекција на улиците“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG