Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 15 Мај 2021.
Некои во Охрид, Струга или Дојран, некои едвај чекаат олеснување на условите за патување за да може да летуваат во странство, на други, пак, им е сеедно – и да се отворени границите – пари за летување нема. Туристичките работници очекуваат оваа туристичка сезона во земјава да биде подобра од минатата, но сепак, бројот на туристи ќе биде далеку помал од годините пред пандемијата на коронавирус.
Граѓаните што ги анкетиравме во Скопје велат дека се плашат од коронавирусот, но ако имаат можност би летувале во странство.
„Во Аланија, Турција. Мислам дека до 31 мај е забраната, а после ќе видиме.“
„Во Хрватска, на Јадран, таму ми се децата. Бараат ПЦР, меѓутоа ние сме вакцинирани, па може да одиме“.
„Прво треба да се праша со финансии како е за одмор. Спрема економската ситуација како е, тешко“, велат анкетираните граѓани.
На тие што немаат пари им е сеедно дали ќе се отворат границите.
Минатата година домашните туристи колку толку ја извадија туристичката сезона. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристи во 2020 се намалил за 60 отсто во однос на 2019, а бројот на ноќевања се преполовил од над 3,2 милиони на нешто помалку од 1,7 милиони ноќевања. Бројот на странски гости се намалил за околу 85 отсто, додека бројот на домашни паднал само за 15 проценти.
Во тоа во голема мера помогна и владината кампања „Дома си е дома“, односно доделувањето ваучери за летување во вредност од 6000 денари за луѓето со ниски примања. Ваучери им беа доделени на околу 100 илјади граѓани, но само половина од нив ги искористиле. Оваа година тоа ќе биде во многу поскромен обем. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека во наредните денови ќе го објават јавниот повик за туристички ваучери, но за разлика од лани кога се доделуваа автоматски, сега заинтересираните граѓани со ниски примања ќе треба да аплицираат.
Претседателот на Туристичко – угостителската комора Владимир Граматиков вели дека тоа би можело да му помогне на туризмот во земјава.
Видете и ова: Земјава очекува туристи од регионот, Македонците кај што не се бара ПЦР тест„Доколку државата ги имплементира оние ваучери за туризам се надеваме дека ќе имаме домашен туризам и добар дел од луѓето ќе останат во Македонија, но сите оние коишто се вакцинирани и имаат можност да патуваат надвор, секако дека ќе отидат во Грција или во Албанија. Главно би оделе во Грција затоа што голем дел имаат ваучери од туристичките агенции и ќе си ги искористат ваучерите од минатата година коишто ги уплатија пред ковидот“, вели тој.
Со отворањето на границите годинава, се очекува поголем број македонски граѓани да летуваат надвор од државата. Туристичките работници велат дека интерес за патување во странство има, но сè уште се нејасни условите, а речиси сите држави постојано ги менуваат.
„Најголем интерес засега има за тие земји за кои не е потребен ПЦР тест, односно Албанија и Црна Гора, а исто така имаме интерес и за Турција, иако моментално е продолжена одлуката до 30 мај за задолжителен ПЦР-тест за влез во државата. Исто така со најавата дека Грција ќе се отвори од 15 мај имаме интерес и за таму. Меѓутоа, сè уште има прашања додека да се дефинираат условите под кои ќе може да се оди за да може луѓето да си резервираат“, вели Ана Марија Алексова од туристичката агенција Стаф.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Минатогодишното испитување на јавното мислење на емисијата Детектор на телевизија Сител покажа дека половина од македонските граѓани немаат пари за одмор. Во ЕУ, пак, секој трети граѓанин не може да си дозволи седумдневно летување, покажуваат податоците на Еуростат.
Бесплатни патарини и попусти за српски гости, бесплатни ПЦР тестови за странците на кои им требаат
Македонските хотели, пак, најмногу очекуваат домашни и гости од регионот, а ако пандемијата стивне и вакцинацијата се интензивира, во поголем број може да дојдат и гости од Холандија и од Полска. За српските туристи има специјални попусти во хотелите, бесплатни патарини, а се разговара и за бесплатен паркинг во Охрид и бесплатна посета во музеите. Отпочнати се и преговори за повторно воспоставување на авио линијата Белград – Охрид информира директорот на Агенцијата за поддршка и развој на туризмот, Љупчо Јаневски.
Видете и ова: Хрватска во трка со коронавирусот до стартот на туристичката сезона„Разговарав со градоначалникот на Охрид, иницијативата е веќе прифатена. Веќе и Хотелската асоцијација на Македонија ХОТАМ дава попусти за српските туристи како една голема благодарност за сè она што го направи соседна Србија со вакцинацијата на македонски државјани. Се надеваме за брзо време од страна од општината да има иницијатива за ослободување на паркинг услуги за туристите од Република Србија, а се надеваме дека во многу брзо време истото тоа ќе се случи со билетите за музеите. Очекуваме оваа година да имаме многу повеќе српски туристи“, вели Јаневски.
Претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески вели дека очекуваат повеќе гости од Србија, за кои има попусти во хотелите како знак на благодарност за вакцинирањето македонски граѓани, меѓу кои и вработени во туристичкиот сектор, но оти ќе биде тешко зашто скоро сите земји даваат попусти.
„Секој маркетиншки потег секако дека добро влијае. Ако ништо друго, значи ве очекуваме со раширени раце, пријателски“, вели тој.
Доаѓањето на странски гости во Македонија исто така ќе зависи од условите за патување, односно дали матичните земји ќе им бараат карантин или негативен ПЦР тест при враќањето дома. Претседателот на Угостителско – туристичката комора Владимир Граматиков вели дека е за поздравување владината одлука за 50 илјади бесплатни тестови за странските туристи кои ќе ја посетат земјава.
„Оваа година многу спектакуларни најави нема, има од Полска, има од Израел, има од Холандија некакви најави, ама дали ќе се остварат ќе видиме. Голема пречка за туристите коишто доаѓаат овде е после или карантинот којшто треба да го поминат во својата матична земја, или да вадат дополнителен ПЦР тест на влез во своите земји“, вели Граматиков.
Блажески исто така посочува дека има договори со странски тур-оператори, но се чека на подобрување на ситуацијата со пандемијата во земјава.
„Мислам дека сме на добар пат. Се надеваме дека во текот на мај секторот ќе се вакцинира и ќе имаме понуда на една побезбедна дестинација и тоа чекаат да го чујат партнерите од странство за да може да сметаат барем од почетокот на јуни да летаат авионите и тоа ќе биде показател за останатите странци дека Македонија е безбедна дестинација“, вели Блажески.
Видете и ова: Грција постила ќилим за добредојде на туриститеАгенцијата за промоција и поддршка на туризмот почна снимање на промотивни видеа под мотото „Safe like home“, односно „Безбедно како дома“ со кои сака да ја промовира Македонија како безбедна дестинација за летување. Со кампањата ќе бидат таргетирани неколку земји од соседството, рече директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски.
„Македонија во овој момент е една од најслободните земји кога е патувањето во прашање, но странските туристи сега имаат друг проблем кога ќе отидат во своите земји, каде што имаат одредени карантини од 7 до 14 дена. Затоа, започнавме дополнителната дипломатска офанзива, ја имаме во месец мај и ќе продолжиме понатаму. Имав средба со неколку европски амбасади, минатата недела се сретнав со заменик амбасадорот во холандската амбасада, ги објаснувавме протоколите, објаснивме дека Македонија е безбедна дестинација за летото 2021, исто така и со чешката амбасада, и секако фокусот ќе биде на регионот и на традиционалните наши пазари“, рече Јаневски.
Бавни реакции на владата за помош на туристичкиот сектор
Туристичкиот сектор е еден од најпогодените од пандемијата на коронавирусот. Туристичките работници најмногу се жалат на бавните реакции на владата за обезбедувањето помош за фирмите од оваа дејност.
Сопствениците на туристички агенции минатиот месец излегоа на протест пред Министерството за финансии со барање помош за опстанок. Тие бараат ланските ваучери за летување дома, кои останаа неискористени, да важат и оваа година, а резервациите да одат преку агенциите.
„Првото барање беше финансиска помош за опстанок на секоја туристичка агенција. Второто барање беше за ваучерите, да не се доведеме во ситуација да пропаѓаат ваучерите и агенциите да не може да ги вратат истите, баравме рокот да се продолжи и да се даде можност и наредната година и нашето трето барање беше за кампањата „Дома си е дома“ туристичките агенции да бидат првите, односно да мора тој ваучер да помине низ туристичка агенција за да може да бидат опфатени сите чинители, односно агенцијата да го ангажира хотелот, превозникот и секако и да заработи. За жал се уште немаме дефинитивен одговор на овие барања, освен тоа што излезе дека со шестиот пакет мерки ќе се добие грант за туристичките агенции, меѓутоа сè уште го чекаме јавниот повик“, вели Алексова.
Грција ги отвори границите – вакцинираните може слободно на одмор
Сезоната во Грција официјално почна вчера, иако кон средината на април земјата се отвори за патници од Европската унија, САД, Велика Британија, Србија, Израел и Обединетите Арапски Емирати. Сега веќе и македонските граѓани ќе може да патуваат во Грција. Граничниот премин Евзони ќе биде отворен за сите македонски државјани кои ги примиле двете дози од вакцината против коронавирус, без разлика за која вакцина се работи. За останатите ќе биде потребен негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или доказ за прележаност на вирусот, односно тест кој покажува дека граѓаните имаат развиено антитела. Грчките хотели засилено се подготвуваат во пресрет на сезоната.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Па, како што гледате тоа е секојдневна рутина, ние го подготвуваме хотелот со цел да започнеме веднаш штом владата ќе ни даде зелено светло. Подготовките не престанаа од пред неколку месеци. Знаеме дека ги очекуваме конечните протоколи за хотелите што ќе ги следиме, подготвени сме“, вели Јоргос Целиос, генерален директор на хотелот „Сан Бич“ на Родос, чии клиенти се од Скандинавија, Германија, Австрија и Британија.
Родос, чија сезона обично трае од март до октомври, веќе има поставено лежалки и чадори на плажа.
Во Грција рестораните, баровите и кафулињата повторно беа отворени на 3 мај, давајќи ѝ го потребниот поттик на економијата зафатена од ограничувањата поради коронавирусот. Тие беа затворени од 2020 година, кога само 7,4 милиони луѓе ја посетија Грција, што е помалку од рекордните 31,3 милиони во 2019 година.
Туризмот е од витално значење за земјата, која минатата година се врати во рецесија, генерирајќи една петтина од својот БДП.
Грција вели дека е подобро место летово бидејќи подобро се справи со пандемијата благодарение на широко распространетите тестирања, хотелите во карантин и плановите за вакцинирање на островјаните и туристички работници.
„Имаме многу повеќе алатки во наши раце и многу повеќе податоци на располагање. Оваа година имаме вакцини, имаме брзи тестови, имаме само-тестирања, имаме празни хотели и верувам дека можеме да дадеме, да понудиме уште подобро гостопримство и повисок стандард од дури и она што го сторивме минатата година“, рече Јоргос Хаѕимаркос, гувернер на најпопуларниот регион на Грција, островите на југот на Егејот, кој покрај Родос ги вклучува и Миконос и Санторини.
Видете и ова: Отворени плажите во ГрцијаМинатата година се отворија само околу половина од нејзините 650 хотели, соопшти здружението на хотелиери на Родос. Бројот на посетители падна на 600.000 од околу 2,2 милиони.
Досега, резервациите се одвиваат бавно, а најмногу за август до октомври, рече претседателот на хотелиерите на Родос, Манолис Маркопулос, прогнозирајќи резервации во последен момент.
„Резервациите одат навистина бавно. Неколкуте резервации што ги добивме се главно за август, септември и октомври и силно веруваме дека ќе биде претежно сезона во последен момент. Можеме да го разбереме затоа што гостите сакаат навистина да бидат сигурни дека ќе летаат“, вели тој.
Маркопулос додава дека планот е прво да се отворат само 20 - 30 проценти од хотелите во средината на мај.
Додека Грција се снајде подобро од поголемиот дел од Европа во спречувањето на првиот бран на пандемијата, континуираниот пораст на инфекциите ја принуди да наметне неколку заклучувања бидејќи нејзината здравствена услуга не може да се справи со бројките.
Многу бизниси добиваат државна помош и не можат да си дозволат уште едно изгубено лето, вклучително и оние на Јанис Чаликиас, кој управува со девет бизниси на Родос вклучени во услуги за храна, сместување и забава. Само еден ресторан работи, но само за подигнување на храна или достава. Тој вели дека целиот персонал е суспендиран и добива сума со која може само да преживее до летото.
„Ние сме трпеливи, чекаме од ден на ден луѓето да се вакцинираат за да го достигнат потребниот процент за да можеме да се отвориме и да имаме нормална сезона“, рече тој.
Сопственикот на хотелот „Сино море“, Јоанис Хаѕис вели дека следните месеци ќе покажат дали туристичкиот сектор на Родос може да преживее уште едно ковид лето.
„Ако нормализацијата биде постигната тука до јуни, тогаш мислам дека до јули ковид-19 ќе биде минато, но ако тоа не биде случај, тогаш се соочуваме со непозната средина и ќе биде многу тешко за бизнисот“, рече Хаѕис.