Европското јавно обвинителство и многуте негови пречки

Европската обвинителка Лора Ковеси

Малиот буџет, отсуството на одредени клучни држави, византиските игри и каприците на земјите-членки ќе стојат на патот на првата европска обвинителка Лора Ковеси и нејзините обиди да ги заштити парите на европските даночни обврзници. Коментар на Рикард Јозвиак.

Европското јавно обвинителство конечно започна со работа оваа недела со многу помпа. Додека некои ја возвишуваат оваа институција на која се работеше две децении и која треба да се бори против финансиски злоупотреби на огромниот буџет на ЕУ, постојат многу причини да се верува дека главната обвинителка Лора Кодрута Ковеси ќе се соочи со тешка битка.

Видете и ова: СЈО - разочарување или успех?

Малиот буџет, отсуството на одредени клучни држави, византиските игри и каприците на земјите-членки ќе стојат на патот на нејзините обиди да ги заштити парите на даночните обврзници во Унијата.

Секако, може да се разбере возбудата во седиштето на Европското јавно обвинителство кога конечно ги отвори вратите на своето седиште во Луксембург на 1 јуни. „Историски“ беше зборот што често се употребуваше тој ден. И навистина може да биде историски. За првпат Унијата си овозможи соодветна алатка за борба против финансиските нерегуларности. Таа доаѓа во вистинско време кога членките на ЕУ почнаа да го трошат највисокиот седумгодишен буџет некогаш договорен – 1,8-те билиони евра треба да ја вратат ЕУ на нозе по разорната пандемијата на коронавирус.

Се проценува дека прекуграничната измама со Данокот на додадена вредност ја чини ЕУ меѓу 30 и 60 милијарди евра годишно. Ковеси верува дека обвинителството ќе работи на околу 3000 случаи годишно, главно во секторите здравствена заштита, земјоделство и јавни набавки. Веќе на првиот ден биле пријавени два случаи – по еден во Германија и во Италија.

Додека во Брисел нема сомнеж дека борбената Ковеси е вистинската личност за работата, не може да се избега од помислата дека нејзината канцеларија нема да ги оправда очекувањата.

Само погледнете го нејзиниот буџет. Годишното финансирање од 45 милиони евра не е баш многу. Всушност, обвинителствата во многу земји-членки имаат повеќе пари од неа. Канцеларијата на ЕУ за борба против измами ОЛАФ, која за разлика од обвинителството нема моќ за донесување одлуки и само може да издава препораки, во 2019 година имаше буџет од скоро 60 милиони евра.

Она што може да се покаже како уште позагрижувачко е збинувачката структура на Европското обвинителство. Ковеси тоа прилично елегантно го опиша на првата прес-конференција.

„Имаме комплексна структура, централно ниво со 15 постојани комори во кои различна комбинација од 22 европски обвинители и јас ќе ги носиме клучните одлуки за илјадници случаи годишно. Имаме децентрализирани канцеларии за сите 140 делегирани европски обвинители со различна опрема, технологии, методи и јазици. Ние сме единствената институции која ќе работи под 22 различни режими за кривична постапка“, рече таа.

Видете и ова: Ковеси доби поддршка за европска обвинителка од ЕУ амбасадорите

Потоа со некаква гордост заклучи:

„Никогаш порано немало ваков обид“.

Некој цинично може да забележи „со добра причина“.

Луѓето со кои разговарав сметаат дека и покрај сите пречки, обвинителството може да има некаков успех по првичните проблеми и дека буџетот може значително да се зголеми во иднина. Сепак, институцијата ќе се соочи со истите пречки како и другите институции формирани од ЕУ – досадни земји-членки, уморни, како и секогаш, од предавањето на власта на Брисел, во овој случај на Луксембург.

Само 22 од 27 земји-членки досега се пријавиле да учествуваат. И тоа може и да не е толку лошо имајќи предвид дека беа само 14 кога за прв пат беа изготвени законодавните акти за ова тело пред неколку години.

Проблемот е што меѓу петте земји кои не учествуваат се и некои клучни членки, особено Унгарија и Полска. Актуелниот „незгоден пар“ веќе имаше неколку судири со Брисел за владеењето на правото и други прашања, а двете земји треба да добијат големи исплати од буџетот на ЕУ за кои постои стравување дека владејачките партии ќе ги искористат на несакани начини.

Иако постои можност Европското јавно обвинителство да биде вклучено и во тие земји ако има докази дека се работи за прекугранична измама, останува фактот дека има дупки во мапата на ЕУ кои се недостапни за оваа институција. И ова не е вистина само во однос на Будимпешта и Варшава. Западните членки, како што се Данска, Шведска и Ирска, исто така се определија да останат надвор од обвинителството, иако последната земја може да се приклучи наредната година.

Конечно, обвинителството ќе биде следено од каприците на земјите-членки. Само погледнете ја Словенија, каде што сè повеќе конфронтирачкиот премиер Јанез Јанша минатиот месец го откажа официјализирањето на назначувањето на двајца словенечки обвинители со што му отежнува на Европското обвинителство да истражува случаи во неговата земја. Финска досега исто така не го придвижи процесот на номинации, по тензични преговори за пензиите и дали може да назначат обвинители со скратено работно време, зашто веруваат дека само мал број случаи ќе дојдат под надлежност на Европското обвинителство.

За крај, се потсетив на тоа што ми кажа еден европски дипломат кога го прашав дали други земји ќе ја напуштат ЕУ по Брегзит. Не, ми одговори тој и објасни:

„За парите што ги вложуваат добија многу повеќе во исплати и пристап до пазарот“.

Системот на посипување на членките со европски пари е стар колку што е стара Унијата. Всушност, може да се спореди со масло во машинеријата на ЕУ. Можеби некогаш е валкано. Обидите на Ковеси да го прочисти може да бидат успешни само ако земјите-членки ѝ дадат одврзани раце.