Амбасадоре, дали има ли надеж за Македонија по бугарското вето? Дали е реално да се очекува одржување на меѓувладината конференција за време на португалското претседателство?
Моето мислење би можело да ве шокира, затоа што јас не мислам дека е тоа толку важно. Она што е важно е што во последната година оваа земја доби зелено светло за започнување пристапни преговори во март минатата година, важно е оваа земја да ги заврши реформите кои треба да ги спроведе. Кога тој процес ќе биде зад нас, земјата ќе стане членка на ЕУ. Дали има пречки на патот? Очигледно дека има. Тие треба да се надминат. Но, прашањето не е дали Северна Македонија ќе биде членка на ЕУ, туку кога? И ќе видите дека во некои области оди побрзо од очекуваното или побавно од колку што очекувате.
Според мене, нема потреба да се прави драма од секоја пречка на патот. А јас ја гледам позицијата на Бугарија како пречка на патот. Не можам да предвидам кога точно ќе се случи меѓувладината конференција, дали за време на португалското претседателство, се надевам дека тоа ќе се случи. Но, важното е да не се разочарувате секој пат кога има пречка на патот, продолжете натаму, спроведете ги реформите и ќе ве поздравиме како членка.
Како гледа Холандија на бугарските условувања заради усвојување на преговарачката рамка?
Ги гледаме како што ги гледа и секоја друга членка во Унијата. Како листа на билатерални прашања кои немаат места во преговарачката рамка. Во март кога беше договорено Северна Македонија да ги почне преговорите, земјите членки со месеци работеа на преговарачката рамка со Европската комисија и како и во сите случаи пред Северна Македонија, нема место за билатерални прашања во тие рамки. Земјите треба да ги решат тие прашања пред да станат членки.
Дали Бугарија е изолирана во своите барања да не почнат преговорите за Северна Македонија или има поддршка и од други земји членки?
Сите земји членки беа согласни дека треба да се одржи првата меѓувладина конференција. Сите, и тоа треба да е јасно. И да, Бугарија беше сама. Но, сепак тоа е прашање кое треба да се реши, не од ЕУ, туку помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Кога тоа ќе се случи можеме да тргнеме напред. И тогаш можеме да го планираме датумот за првата меѓувладина конференција. Уште еднаш, многу поважно е во меѓувреме земјата да продолжи да ги спроведува реформите. И тоа е единствената работа која ќе ве внесе во Европската унија.
Меѓународните претставници постојано ја нагласуваат потребата од резултати во областите правосудството и борбата против корупцијата. Како ги оценувате реформите во овие области особено по последните случувања со поранешни функционери осомничени за криминал?
Последните настани нема да ги коментирам, се работи за тековни судски случаи, но наш став отсекогаш бил, и на тоа сме работеле, да постои независно и доверливо судство, независни судии, обвинителство. Се разбира, добро е да се знае каде ви се обвинетите.
Земјата направи значителен напредок во оваа област, се уште има уште работа. Преговорите во рамката ќе се отворат со поглавјата 23 и 24 што се однесуваат на владеењето на правото и човековите права. Во мојот јазик има една изрека која вели „хартијата трпи“, значи не ви треба само вистинската легислатива и закони, вие всушност треба да ги спроведете нив. Тоа е долг и тежок процес. И тука имате проблем со капацитетите, просториите, потребно е да ги најдете стручните луѓе кои ќе ја сработат работата. Во пракса тоа не е направено, но се работи на тоа и го гледаме напредокот. Па, јас сум оптимист во врска со тоа.
Она за што не сум оптимист е што во оваа земја практично секоја политичка партија во парламентот ја изрази својата поддршка кон евроатланските аспирации на оваа земја. А тоа значи дека е јасно што треба да се направи. Агендата е добро структурирана и кога според преговарачката рамка ќе се знае што точно треба да се направи, проблемот претставува поларизацијата. Ако сите партии изразуваат поддршка на овој процес, тогаш спроведете го. Заедно, не е тешко. Не треба да има дебата за насоките како да се направи, туку само да се направи. Па затоа мислам дека моменталната поларизација не помага во оваа насока.
Целото интервју со амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп можете да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.