За над 1200 лица зголемен е бројот на невработени во Битола во период од една година, поточно од март лани до истиот месец годинава, според податоците на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Лани биле 4987 невработени, а годинава 6206 лица. Една од причините е ковид - кризата поради која пропаднаа одредени бизниси во градот, а дел од жителите ги изгубија работните места. Во Битола во услови на пандемија се вратија и голем број од битолчаните кои работеа во странство, а немаа регулиран престој, па така и бројката на лица кои бараат работа дополнително порасна.
„Работевме во Германија по сендвичари и меркети, но немавме регулиран престој и со пандемијата се вративме назад во Македонија, сега тука ќе се обидеме да најдеме работа.“
„Имаше битолчани кои работеа во Германија, Франција, Англија, но со ковидот се искомпицираа работите, не можеа да останат таму и мораа да се вратат во родниот крај. Сега тука ќе се обидат да најдат работа што не е воопшто едноставно. Дел од нив се вратија пак на Запад , ама во мал број, повеќето останаа тука“, велат битолчани.
Видете и ова: Работничките протести скромни, барањата гласниБлизу 40 проценти од луѓето од Западен Балкан кои немале странско државјанство или биле со привремен престој во земјите на ЕУ со појавата на пандемијата се вратиле и останале дома, рече Сашо Додовски директор на Младинскиот културен центар од Битола, повикувајќи се на истражувања до Европската унија.
„Национални истражувања максимално релевантни барем јас не сум видел и мислам дека не постојат за тоа колку млади со пандемијата се вратија и останаа дома, но има истражувања на Европската унија за шесте држави на Западен Балкан каде стои дека близу 40 проценти од луѓето кои немале странско државјанство или кои што имале привремен престој во земјите на ЕУ се вратени во земјите на Западен Балкан. Најголем дел од нив се сè уште тука, со можности поголемиот дел од нив да останат во своите држави и тука да почнат да придонесуваат со работа , преку отворање на сопствени бизниси или вклучување како експерти во различни бизниси“, рече Додовски.
Деновиве во Битола се одржа петтиот Саем на кариера во организација на МКЦ со цел бизнис заедницата да се поврзе со невработените лица, околу 25 фирми презентираа 200 отворени работни позиции.
„Со саемот добиваат можност младите луѓе, самохраните родители, а воедно и оние кои ги доживеале последиците од пандемијата во својот работен ангажман да добијат шанса повеќе“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Агенцијата за вработување ги реобјави огласите за активните мерки и политики за вработување.
„Во тек се огласите за самовработување, практиканство, субвенционирање на плати, програмата за јавни работи, обука за познат работодавач. Кај младите од Битола најголем е интересот за мерката практиканство. Има голем број апликации и голем број заинтересирани млади лица кои сакаат да извршуваат практична работа кај одреден работодавач во градот“, рече директорката Јешим Сејфуловска.