Доаѓам од Валандово, мало место, мал град, и по default на нас отсекогаш се гледало како едно од последните места кое би имал значаен придонес за нашето општество. Можеби и биле во право, ете не знам. Некој пред 5-10 години да ми кажеше дека Валандово може да биде пример во нешто позитивно за младите, искрено, како млад човек не би верувал. Но, факт е дека работите се менуваат и се движат во добра насока. Причините за пресвртот во моето размислување, се дел од сплет на околности, дел од лични заложби, но најмногу од зацртана цел и желба за прогрес на заедницата. Во овој случај, сакам да зборуваме за младите, за идна соработка на младите од Валандово и регионот со млади од соседна Грција.
Што можеме да направиме сами, а што можеме ако се здружиме? Што не поврзува, а што не разделува? Ова се само прашања на кои треба да работиме, а одговорите да ги унапредуваме.
Спомнав сплет на околности, со тоа мислам на потпишувањето на договорот од Преспа, помеѓу Северна Македонија и Грција. Е сега, за некого тоа е во ред за некого не е, нема да навлегувам во темата. За младите од нашата држава ќе речам дека е просперитет, шанса за соработка и отворени можности кои треба да ги искористиме. Тоа е само мој став и не мора да се согласувате со истиот.
Видете и ова: Апатијата кај младите како проблем во општествотоОва го велам затоа што пред неколку години не можевме ни да помислиме дека еден ден ќе соработуваме со млади од Грција како што знаеме да соработуваме со млади од државите на поранешна Југославија на пример. Едноставно не се чувствувавме блиски поради „Х“ причини. Младите не сакаат препреки, не дека нема да ги прескокнат, но навистина не се потребни во ваков отворен свет кој самите си го правевме затворен. Единствено на младите што им требаше е пример за добра волја, решителност и желба за напредок бидејќи ние сакаме да напредуваме, да се дружиме и да стекнуваме нови пријателства.
Овој Договор отвори можности за формирање на инфо центри, еден вид почетни точки за соработка на младите од двете соседни држави. Држави кои до вчера се гледаа како непријатели а денес како другари, така некако оди тоа во животот. Овие инфо центри имаат за цел да ги поврзат младите од Северна Македонија и Грција, да направат систем на функционирање за да им овозможат шанса за нивна меѓусебна соработка на повеќе теми и сигурен сум дека ќе се успее во таа цел.
Младите се една живописна материја, богата со разноликост, која се движи со fast forward низ времето и се чини како да брзаме да искусиме сѐ, сега и веднаш. Не чекаме бидејќи не сакаме да ги испуштиме шансите кои ни ги носи развојот на општеството. Не сакаме препреки, туку сакаме чист пат по кој ќе го движиме и градиме својот живот. А по тој пат сакаме и сојузници до нас, за да не го чекориме сами. Поради тоа, го поставувам прашањето: која е улогата на мојот град во градењето на младинска добрососедска соработка?
Одоговорот е прилично едноставен. Ако се има желба, ако се сака, сѐ се може. Така, со заеднички теми и цели помеѓу Општина Валандово и Младински Сојуз, со поддршка од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија и други партнери, во мојот град се отвори инфо центарот кој е почетна точка на соработка на младите од Валандово и околните места со млади од Солун и други места во Грција.
Видете и ова: Ученичка компанија со цел да се намали ширењето на коронавирусотЌе си земам за право да кажам дека во Валандово го имаме еден од најмладите градоначалници во државата и секако дека, во овој момент, полесно е да се работи на младински политики, да се најде заеднички јазик на теми кои се од интерес на младите, теми кои би придонеле до подобра соработка на секое поле во младинскиот активизам.
Но, улога во градењето на младинска добрососедска соработка нема само градоначалникот, или институциите, или државата, улога овде има и младинскиот НВО сектор, спортските и културните друштва, организациите низ училиштата и вон нив, улогата ја имаат и самите граѓани кои овде се гостопримливи, топли и дружељубиви. Сигурен сум дека е така некако и од другата страна на јужната граница, и со нетрпение чекаме да се интензивира младинската соработка за развивање на културни и уметнички настани, едукативни сесии, спортски активности, итн. Затоа улогата на мојот град ја гледам како целина, со добро создадена клима за добрососедската соработка.
Сега сигурно се прашувате зошто е важно во Валандово да имаме инфо центар? Зошто баш во Валандово од толку градови?
Спојувалка, инфо центар „Спојувалка“ е името на овој центар кој, како дел од иницијативата „Соработка за заедничка иднина“, треба да ги спои младите од двете држави и кој треба да биде младински генератор на идеи, активности и авангарда за нешто што досега го немавме. Во некаков центар се наоѓа и самото Валандово, на пример овде во југоистокот сите околни градови се на околу 25 километри оддалеченост, Гевгелија, Струмица, Дојран, Богданци, Демир Капија. Некако доаѓа и на средина помеѓу Скопје и Солун па можеби и имаме некоја добра геостратешка положба што придонесе за отварање на инфо центар од ваков тип.
Пораката која сакаме да ја испратиме од Валандово е дека, без разлика на различните јазици, размислувања и начини на живеење помеѓу двете држави, имаме многу работи кои би не поврзувале, а малку кои би не разделувале. Еве, неодамна дознав дека градот Воден во Грција е познат по црешите, а ние во Валандово сме познати како град на калинките и сето тоа не поврзува на некој начин, не прави слични. Не поврзува исто и медитеранската клима, која преовладува во Грција, а која има силни влијанија во валандовскиот регион. Како млади луѓе, делиме исти стереотипи, исти проблеми кои треба да ги надминеме, имаме заеднички идеи кои треба да ги оствариме и навистина би било штета да не ја искористиме можноста да изградиме едно добро другарство помеѓу нас, за да бидеме и ние пример некому. Улога има секој но главната ја имаме ние младите, и се што треба е да сме отворени, емпатични и солидарни.
Како што еден човек некогаш рекол, „Светот останува на младите“, така, ние младите ќе кажеме дека наша е обврската да го водиме тој свет кон подобро.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.