„Јавна соба“ затворена, но се проверуваат и слични групи

Илустрација логото на социјалната мрежа Телеграм.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го поздрави чекорот на Телеграм за бришење на групата, а воедно информираше дека се приведени 4 лица. Притоа МВР следи и слична група на социјалната мрежа, а по реакциите во јавноста и сведочења од жртвите се најавуваат измени на Кривичниот законик.

Групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм која предизвика бројни реакции во јавноста е затворена, а досега се приведени 4 лица во врска со случајот. Во меѓувреме МВР проверува и слична група. Случајот со „Јавна соба“ повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа над 5.600 членови на групата споделуваат експлицитни фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки.

„Го поздравувам ваквиот чекор на платформата Телеграм и порачувам дека оние што го прекршиле законот ќе бидат казнети бидејќи ние целосно ги документираме случаите. Истовремено, апелирам за внимателност бидејќи на платформата Телеграм има и друга слична група и ние соодветно ќе постапиме и за членовите на оваа група“, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Видете и ова: Ако не овој февруари, ќе се вакцинираме другиот март

Спасовски порача дека сите што го кршат законот соодветно ќе одговараат. Тој претходно информираше и дека двајца од приведените со од Битола, а еден е од Велес и еден од Штип, кои како што наведе министерот, се директни учесници во групата на Телеграм.

„Се работи на откривање кој ја креирал ваквата група и кои се биле членови. Секој еден кој се наоѓа во групата ќе се истражи и ќе понесе кривична одговорност, напиша Спасовски на Фејсбук.

На Твитер реагираше и премиерот Зоран Заев кој напиша дека е постигнат мал, но значаен успех, покрај приведувањето на дел од осомничените лица.

„Телеграм конечно презеде чекор и ја затвори групата „Јавна соба“. Апелирам да останеме сите будни и одговорни, имаме уште многу заедничка работа во искоренувањето на ова зло“, напиша Заев на социјалната мрежа.

Измени на Кривичниот законик

Во меѓувреме, девојки-жртви во случајот јавно почнаа да сведочат за злоупотребата, а психолози и здруженија понудија помош за жртвите. Mинистерот за правда Бојан Маричиќ порача дека случајот ќе биде катализатор за потребните законски измени да се случат побрзо, а јавната свест за проблемот да се издигне на повисоко ниво.

„Сите сме длабоко вознемирени од случајот „Јавна соба“ кој го потресе цело наше општество. Пред се како човек изразувам поддршка на жртвите кои поминале и сѐ уште поминуваат низ тежок период. Ги охрабрувам да бидат гласни и укажувам дека може да сметаат на нас, и дека заедно ќе се бориме против вакво зло“, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Тој додаде дека Министерството за правда ги изработило измените на Кривичниот законик со кои се обезбедува значително поголема заштита на жртвите, како оние од „Јавна соба“. Измените, според него, се во согласност со Истанбулската конвенција и опфаќаат широк спектар на случаи кога жртви на сексуално, психичко и физичко насилство се жените.

Правото на приватност загарантирано со Устав

Претседателот Стево Пендаровски денеска побара од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно законските прописи.

Видете и ова: Македонија историски најлошо рангирана според индексот на корупција

„Деновиве сме згрозени што повторно сме сведоци на случајот „Јавна соба“, случај во кој фрапантно се крши приватноста на илјадници жени и девојчиња, понижување, сексизам и насилство кои оставаат трајни последици на нивните животи. Правото на приватност е загарантирано со највисокиот правен акт – Уставот на Република Северна Македонија“, изјави за МИА, Пендаровски.

Според Пендаровски, одговорност мора да има во најкус можен рок.

„Доколку не се дејствува сега, се создава можност за креирање на култура на неказнивост за кривични дела со кои се уништуваат животите на илјадници жртви. Како општество, секој од нас треба да покаже солидарност и поддршка на жртвите, да не дозволиме двојна виктимизација. Да дејствуваме веднаш“, вели тој.

Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи вчера ги повика сите граѓани кое се жртви на злоупотреба во случајот „Јавна соба“, да пријават во најблиската полициска станица.

Пред една година за прв пат се дозна за групата „Јавна соба“, а од јавното обвинителство за РСЕ соопштија дека за тој случај се уште се води предистражна постапка. Сопственикот и администраторот на групата тогаш беа идентификувани од страна на МВР.