Тимот „Нешто нетипично“ кој ја создаде апликацијата Walkiie е меѓу седумте победници на глобалниот натпревар „Идеи за акција“, што го организира Светска банка и Зиклин центарот при Бизнис школата Вартон на Универзитетот во Пенсилванија.
Sвезда Иванова, Лазе Димов и Елена Божиновска го сочинуваат тимот „Нешто нетипично“. Тие за време на младинскиот предизвик „Генерација без граници“, под менторство на Боро Петковски, ја создадоа апликацијата „Walkiie“.Со апликацијата се поврзуваат волонтери кои сакаат да помогнат на лица со попреченост при излегување и шетање.
Нивната апликација, во конкуренција од четири илјади идеи, е меѓу седумте победници на светскиот натпревар „Идеи за акција“, што го организира Светска банка и Зиклин центарот при Бизнис школата Вартон на Универзитетот во Пенсилванија.
„Историски успех, бидејќи, досега воопшто нема победено тим не само од Балканот, туку ни од Европа! Секако дека ова ќе продолжиме да го правиме, за нас, за вас, за нашата иднина и за едно поинклузивно и подобро општество за сите!“, напиша тимот на фејсбук страната на апликацијата.
Видете и ова: Мобилна апликација за олеснета мобилност на лицата со попреченостТимот ја создаде апликацијата на младинскиот предизвик Генерација без граници 2019 година, каде млади иноватори беа поканети преку јавен повик да креираат иновативни решенија како одговор на прашањето „Како може дигиталната технологија да придонесе кон поактивно вклучување на децата и младите во образованието и во секојдневниот живот?“. Младинскиот предизвик се одржува на светско и локално ниво. Националниот младински предизвик е дел од партнерството на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, а го спроведува Лабораторијата за социјални иновации Смарт Ап со локална поддршка од Сојузот на извидници.
Ова е второ големо признание за младите тимови кои се дел од младинскиот предизвик. Неодамна, тимот e-Bionics победи на глобалниот младински предизвик Генерација без граници 2019/2020, во категоријата тимови на возраст под 18 години. Нивното решение VenusArm (Раката на Венера) е 3Д печатена бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет.