Од 50 пријавени тимови со млади на возраст од 14 до 24 години избрани се 10 кои ќе ќе работат на предизвикот „Како може дигиталната технологија да придонесе за поактивно вклучување на децата и младите со попреченост во образованието и во секојдневниот живот“. Повикот до млади иноватори за вклученост на деца и лица со попреченост го објавија УНИЦЕФ и Фондацијата „Телеком“ за Македонија во октомври.
Тимовите веќе почнаа да работат на пред-работилници каде што се запознаа со основите на асистивната технологија и дигитална инклузија и работеа врз формулирање на своите идеи, кои ќе се развиваат во наредните две недели.
„На работилниците кои ќе се случуваат од 13 до 15 декември 2019 година, ќе бидат избрани најдобрите пет идеи кои ќе бидат наградени со финансиски средства и со менторска поддршка. Во јуни 2020 година, двете најдобри решенија од финалето во земјата ќе влезат во светскиот избор на глобалниот младински предизвик „Generation Unlimited 2019/20“ што се одвива во над 40 земји низ светот“, соопштија организаторите.
Младинскиот предизвик на УНИЦЕФ и на Фондацијата „Телеком“ за Македонија се реализира во соработка со СмартАп и Македонскиот извиднички сојуз. Минатата година меѓу победниците на глобалниот предизвик беше и македонскиот тим „Андромета“ со својата апликација „SpeakOut“, која е наменета за помош на жртви на врсничко насилство.