Бајден побара единство на нацијата во победничкиот говор

Џо Бајден ја прославува изборната победа со своите поддржувачи во Вилмингтон, Делавер

Враќање на душата на нацијата ќе биде една од главните цели на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден. Ова е време за заздравување на Америка, порача тој. Бајден вети дека прва работа со која ќе се зафати е справувањето со епидемијата на коронавирусот.


Демократот Џо Бајден ги истакна своите цели за враќањето на душата на нацијата и обединување на земјава во победничкиот говор одржан доцна синоќа, откако сите поголеми американски медиуми го прогласија за победник на претседателските избори одржани на 3 ноември.

„Луѓето оваа земја си го кажаа своето. Тие ни дадоа јасна победа, убедлива победа“, рече Бајден пред насобраните поддржувачи во близина на неговиот дом во Вилмингтон, Делавер.

Видете и ова: Кој решава кој ќе биде идниот претседател на САД?

Луѓето се собраа на паркинг за да може да останат во своите автомобили, како дел од мерките за претпазливост против ширењето на коронавирусот. Тие свиреа со автомобилските сирени и вееја американски знамиња додека Бајден ветуваше дека ќе биде претседател кој „не сака да разделува, туку да обединува“.

Тој им порача на славенички настроените поддржувачи дека е време „да се стави настрана острата реторика, да се намали температурата, да се видиме повторно, да се чуеме повторно“, нагласувајќи:

„Ова е време за заздравување во Америка“.

Бајден рече дека неговата работа започнува со ставањето на епидемијата на ковид-19 под контрола и рече дека „нема да штеди напори“ во борбата против заразата.

Тој забележа дека освоил рекордни 74,5 милиони гласови, оценувајќи дека тоа е мандат за двопартиска соработка за прашања како што се системскиот расизам и климатските промени, но оти негова прва задача ќе биде да се справи со пандемијата на коронавирус. Бајден утре ќе формира група научници кои ќе служат како транзициски советници за спроведување на неговиот план за справување со пандемијата веднаш кога ќе ја преземе функцијата во јануари.

Избраната потпретседателка Камала Харис, пак, рече дека можеби е првата жена избрана на таа функција, но оти нема да биде последна.

Бајден беше прогласен за победник на претседателските избори, откако победи во сојузната држава Пенсилванија, чии гласови во Изборниот колеџ му се доволни за освојување на потребното мнозинство. На тоа му претходеше неколкудневно неизвесно пребројување на гласовите во неколку сојузни држави, каде што разликата е тесна.

Ниту Харис ниту Бајден не го споменаа претседателот Доналд Трамп, кој одби да го признае поразот, најавувајќи судска битка за резултатите.

„Едноставен факт е дека овие избори се далеку од завршени“, стои во соопштението од кампањата на Трамп, најавувајќи дека ќе бара повторно пребројување на гласачките ливчиња.

Изборниот штаб на Трамп, покрена тужба во Аризона. Во тужбата поднесена во Врховниот суд во округот Марикопа се наведува дека имало проблеми со гласачките машини, што довело до тоа некои гласови да не бидат изброени. Не се прецизира за колку гласови станува збор, но според тужбата, тие гласови би можело да бидат одлучувачки за резултатите во Аризона. Аризона има 11 изборни гласови. Со преброени 99 проценти од гласовите во Аризона, Бајден има предност од околу 20 илјади гласови.

Претходно, со пребројувањето на гласовите во Пенсилванија, Бајден ги освои потребните 270 електорски гласови за да биде избран на нов претседател на САД, што значи дека Аризона нема да биде клучна за резултатите од претседателските избори. Но, сепак Трамп одби да го признае поразот.

Видете и ова: Трамп и Бајден, борбени на последната ТВ дебата

Многумина изборни претставници рекоа дека е малку веројатно пребројувањето да го смени исходот и оти без докази за наводна изборна измама жалбите тешко дека ќе поминат на суд.

Бајден е поранешен сенатор од Делавер. Тој прв пат влезе во Сенатот на 7 ноември 1972 година, а неговата родна држава Пенсилванија сега му ја донесе победата на претседателските избори. Тој е роден во Скрантон, Пенсилванија. Бајден ја освои Пенсилванија со околу 34.400 гласови разлика, освојувајќи 49,6 проценти од вкупните гласачки ливчиња, наспроти 49,1 проценти на претседателот Доналд Трамп. Со тоа тој ги доби 20-те гласа што Пенсилванија ги носи во Изборниот колеџ. Со гласовите од Пенсилванија, Бајден добива најмалку 273 гласа од потребните 270.

Неколку часа подоцна и сојузната држава Невада објави дека Бајден победил и ги добил нивните шест електорски гласови, со што Бајден дојде до 279 гласа.

Пребројувањето на гласовите не е завршено во Џорџија, Северна Каролина и Аризона, но кој и да победи таму, не може да го смени исходот од претседателските избори.

Поддржувачите на 78-годишниот Бајден излегоа на улиците на Вашингтон, Њујорк, Филаделфија и други градови да ја прославата победата.

Бајден е најстариот претседател во историјата на САД и втор католик избран на таа функција по Џон Кенеди. Победата е кулминација на неговата скоро петдецениска политичка кариера. Ова е негов трет обид за освојување на Белата куќа, откако тоа не успеа да го стори во 1988 и во 2008 година.
Од 2008 до 2016 во два мандати беше потпретседател на САД во мандатите на претседателот Барак Обама.

Бајден водеше на сите анкети против претседателот Трамп, чие владеење беше нарушено од епидемијата на коронавирус од која во САД починаа над 230 илјади луѓе.

Поради пандемијата, рекорден број од над 100 милиони гласачи на овие избори гласаа порано, најчесто по пошта, што го одложи броењето на гласовите. На претседателските избори гласаа рекордни скоро 145 милиони Американци.

Кој е Џо Бајден?

Бајден, кој треба да наполни 78 години подоцна овој месец, е најстарата личност некогаш избрана за претседател на САД.
Џо Бајден во два мандати беше потпретседател на САД во времето на претседателот Барак Обама, и е долгогодишен сенатор. Тој победи на изборите во третиот обид да стигне до Белата куќа, со што става круна на неговата кариера од речиси половина век. Бајден беше американски сенатор повеќе од три децении.

Харис гради мост меѓу умереното и прогресивното крило

Избраната потпретседателка Камала Харис, пак, се обидува да изгради мост меѓу умереното и прогресивното крило на Демократската партија. Таа ја изгради својата политичка кариера гонејќи криминалци како обвинител во Калифорнија. Нејзиниот избор за потпретседател ѝ ги отвора вратите за четири години да се кандидира за претседател на САД, ако Бајден одлучи да се повлече. Таа е првата жена и првата обоена личност што е избрана за потпретседател на САД. Нејзините родители потекнуваат од Јамајка и од Индија. Харис е демократска сенаторка од Калифорнија.

Како може да изгледа претседателството на Бајден?

Како кандидат, Бајден вети поправање на односите со сојузниците, кои смета дека биле нарушени за време на претседателот Доналд Трамп и ќе го врати американското лидерство во борбата против глобалните закани, како што се авторитаризмот, пандемијата на коронавирус и климатските промени. Сепак, надворешната политика може да остане во втор план, поради решавањето на акутни внатрешни прашања, како што се нееднаквоста, невработеноста и расните тензии.

Светските лидери му честитаат на Бајден

Земјите сојузнички на Америка брзо го поздравија изборот на Џо Бајден за следен претседател на САД. Русија, пак, сè уште не честитала.

Германија го оцени како „ново и возбудливо поглавје“ во трансатлантските односи, а другите изразија желба за брзо започнување на соработката со новата администрација, кога ќе ја преземе функцијата.

Германската канцеларка Ангела Меркел, рече дека со нетрпение ја очекува идната соработка со претседателот Бајден.

„Нашето трансатлантско пријателство е незаменливо ако сакаме да ги совладаме големите предизвици на нашето време“, рече Меркел.

Во официјалното соопштение на германската влада се поздравува „новото и возбудливо поглавје“ во трансатлантските односи.

Канадскиот премиер Џастин Трудо вели дека со нетрпение очекува да соработува со новата администрација.

„Бидејќи заедно ќе се справиме со најголемите светски предизвици“, додаде Трудо.

Британскиот премиер Борис Џонсон, кој многумина го сметаат за близок сојузник на Трамп и негов поддржувач, им честиташе на Бајден и на Харис за „историската победа“.

„САД се нашиот најважен сојузник и со нетрпение очекувам тесно да соработуваме на нашите заеднички приоритети, од климатските промени до трговијата и безбедноста“, рече Џонсон.

Честитки испрати и францускиот претседател Емануел Макрон.

„Мораме многу да направиме за да ги надминеме денешните предизвици. Ајде да работиме заедно“, напиша Макрон.

Урсула Фон дер Лајен во име на Европската комисија напиша дека ЕУ и САД се пријатели и сојузници.

„Како што се менува светот и се појавуваат нови предизвици и можности, нашето обновено партнерство ќе биде од голема важност“, додава Фон дел Лајен во соопштението.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така го поздрави изборот на Бајден и Харис.

„Господинот Бајден го познавам како силен поддржувач на НАТО и на трансалтантските односи“, напиша Столтенберг во изјава објавена на сајтот на НАТО.

Честитки од македонските политички лидери

Победата на Бајден на изборите во САД ја честитаа и македонските политички лидери. Премиерот Зоран Заев ја објави честитката на Твитер.

„Честитки за новоизбраниот претседател и потпретседателката. Сигурен сум дека ќе продолжиме да ги развиваме одличните односи кои ги имаме со САД и да го продлабочуваме нашето сојузништво во НАТО, но и на сите полиња. Иднината е светла“, напиша Заев во честитката на Твитер.

Претседателот Стево Пендаровски во честитката изрази надеж за продолжување на американско-македонското стратешко партнерство.

„Честитки за Џо Бајден и Камала Харис за изборната победа! Очекувам македонско-американското стратешко партнерство да продолжи, а САД да ја реафирмира својата глобална улога во зачувувањето на заедничките вредности: мирот, безбедноста и демократијата“, напиша претседателот Пендаровски на својот Фејсбук профил.

Изборот на Бајден го честиташе и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Посакуваме многу успеси, плодна работа и истрајност во борбата против глобалните предизвици. Се надеваме дека политиките на меѓународно поле ќе донесат мир и стабилност и ќе го обезбедат толку посакуваниот просперитет на секаде во Светот, но и во нашиот регион. Светот минува низ тежок период, можеби најтежок по Втората светска војна, затоа потребни се одлучност, крупни чекори и промени. Секој поединечно може да направи добри работи, но сите заедно и обединети во нашите заеднички цели можеме да постигнеме големи дела“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Во честитката од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, пишува дека „нашето пријателство со САД е вечно“.

„Нашиот голем пријател Џо Бајден се врати, сега е на чело на Соединетите Американски Држави. Му посакувам добро здравје, успех и добра работа на претседателот Бајден и им честитам на Соединетите Држави за завршувањето на изборниот процес и новоизбраниот Конгрес, Сенатот и Белата Куќа. Голема благодарност и до претседателот Доналд Трамп и неговиот придонес во изминатите 4 години. Нашето пријателство со Соединетите Држави е вечно“, напиша Ахмети во својата честитка.