Претседателскиот кандидат, Џо Бајден, во својата прва изјава откако американските медиуми го прогласија за победник на претседателските избори, рече дека е „почестен и понизен“ што е избран да ја води Америка.
„Работата што е пред нас ќе биде тешка, но ви го ветувам ова: Јас ќе бидам претседател на сите Американци - без разлика дали гласавте за мене или не“, се наведува во изјавата на Бајден објавенa на Твитер.
Ќе ја оправдам довербата која ми да доверивте, рече кандидатот на Демократите.
Во изјавата на Бајден објавена од неговиот Изборен штаб се наведува дека Бајден е почестен од тоа што американскиот народ им ја даде довербата на него и на новоизбраната потпретседателка Камала Харис.
„Рекорден број на Американци гласаа соочувајќи се со невидени пречки, уште еднаш докажувајќи дека демократијата е вкоренета длабоко во срцето на Америка. Со завршувањето на кампањата, време е да го оставиме гневот и острата реторика зад нас и да се обединиме како нација. Време е Америка да се обедини и да заздрави“, се наведува во соопштението од Изборниот штаб на Бајден.
Претседателот Доналд Трамп одбива да го признае поразот. За него, како што вели, изборите се далеку од завршени. Тој најави дека битката продолжува во судовите.
„Едноставен факт е дека изборите се далеку од завршени“, соопшти денеска Трамп, откако беше објавено дека Бајден веќе има недостижна предност во Изборниот колеџ.
„Почнувајќи од понеделник, нашата кампања ќе почне судски случај да се обезбеди дека изборните закони се целосно спроведени и оти ќе биде избран вистинскиот победник“, стои во соопштението од Изборниот штаб на Трамп.
Агенцијата Асошиејтед прес на Твитер објави дека Бајден ги освои гласовите од Пенсилванија, кои му се доволни да ги добие 270-те електорски гласови потребни за победа. Во САД се гласа по системот на електори. Секоја држава бира свои претставници, вкупно на број се 538, а за некој кандидат да биде избран за претседател на САД треба да освои минимум 270 гласа.
Бајден ја освои Пенсилванија со околу 34.400 гласови разлика, освојувајќи 49,6 проценти од вкупните гласачки ливчиња, наспроти 49,1 проценти на претседателот Доналд Трамп. Со тоа тој ги доби 20-те гласа што Пенсилванија ги носи во Изборниот колеџ. Со гласовите од Пенсилванија, Бајден добива најмалку 273 гласа, а сè уште не е завршено пребројувањето на гласовите во Аризона, Невада, Џорџија и Северна Каролина. Некои американски медиуми јавија дека и Аризона му ди дала своите 11 гласови на Бајден. Фокс њуз јави дека Невада ги дала своите шест гласа за Бајден.
Откако медиумите јавија за победата на Бајден, неговите поддржувачи почнаа да прославуваат во многу градови во Америка.
Доколку неговата победа биде потврдена, Бајден би ја презел функцијата на 20 јануари 2021 година.
Кој е Џо Бајден?
Бајден, кој треба да наполни 78 години подоцна овој месец, е најстарата личност некогаш избрана за претседател на САД.
Џо Бајден во два мандати беше потпретседател на САД во времето на претседателот Барак Обама, и е долгогодишен сенатор. Тој победи на изборите во третиот обид да стигне до Белата куќа, со што става круна на неговата кариера од речиси половина век. Бајден беше американски сенатор повеќе од три децении.
Харис гради мост меѓу умереното и прогресивното крило
Избраната потпретседателка Камала Харис, пак, се обидува да изгради мост меѓу умереното и прогресивното крило на Демократската партија. Таа ја изгради својата политичка кариера гонејќи криминалци како обвинител во Калифорнија. Нејзиниот избор за потпретседател ѝ ги отвора вратите за четири години да се кандидира за претседател на САД, ако Бајден одлучи да се повлече. Таа е првата жена и првата обоена личност што е избрана за потпретседател на САД. Нејзините родители потекнуваат од Јамајка и од Индија. Харис е демократска сенаторка од Калифорнија.
Како може да изгледа претседателството на Бајден?
Како кандидат, Бајден вети поправање на односите со сојузниците, кои смета дека биле нарушени за време на претседателот Доналд Трамп и ќе го врати американското лидерство во борбата против глобалните закани, како што се авторитаризмот, пандемијата на коронавирус и климатските промени. Сепак, надворешната политика може да остане во втор план, поради решавањето на акутни внатрешни прашања, како што се нееднаквоста, невработеноста и расните тензии.
Земјите сојузнички на Америка брзо го поздравија изборот на Џо Бајден за следен претседател на САД. Германија го оцени како „ново и возбудливо поглавје“ во трансатлантските односи, а другите изразија желба за брзо започнување на соработката со новата администрација, кога ќе ја преземе функцијата.
Германската канцеларка Ангела Меркел, рече дека со нетрпение ја очекува идната соработка со претседателот Бајден.
„Нашето трансатлантско пријателство е незаменливо ако сакаме да ги совладаме големите предизвици на нашето време“, рече Меркел.
Во официјалното соопштение на германската влада се поздравува „новото и возбудливо поглавје“ во трансатлантските односи.
Канадскиот премиер Џастин Трудо вели дека со нетрпение очекува да соработува со новата администрација.
„Бидејќи заедно ќе се справиме со најголемите светски предизвици“, додаде Трудо.
Британскиот премиер Борис Џонсон, кој многумина го сметаат за близок сојузник на Трамп и негов поддржувач, им честиташе на Бајден и на Харис за „историската победа“.
„САД се нашиот најважен сојузник и со нетрпение очекувам тесно да соработуваме на нашите заеднички приоритети, од климатските промени до трговијата и безбедноста“, рече Џонсон.
Честитки испрати и францускиот претседател Емануел Макрон.
„Мораме многу да направие за да ги надминеме денешните предизвици. Ајде да работиме заедно“, напиша Макрон.
Урсула Фондер Лајен во име на Европската комисија напиша дека ЕУ и САД се пријатели и сојузници.
„Како што се менува светот и се појавуваат нови предизвици и можности, нашето обновено партнерство ќе биде од голема важност“, додава Фон дел Лајен во соопштението.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така го поздрави изборот на Бајден и Харис.
„Господинот Бајден го познавам како силен поддржувач на НАТО и на трансалтантските односи“, напиша Столтенберг во изјава објавена на сајтот на НАТО.
Изборот на Бајден и на Харис го поздравија и македонските политичари.