Достапни линкови

Претседателски избори во САД, поделби и страхувања од нереди


Претседателски избори во САД
Претседателски избори во САД

Американците гласаат на едни од најконтроверзните избори во последните неколку децении. Неизвесноста се зголемува и поради гласањето по пошта кое многу држави го применија поради пандемијата со коронавирусот.

Американските гласачи избираат помеѓу двајца многу различни кандидати. Претседателот Доналд Трамп, републикански аутсајдер кој донесе свој бренд на конзервативизам во Белата куќа пред четири години и бара уште еден мандат на функцијата и поранешниот потпретседател Џо Бајден, демократ и политичар со корени од работничката класа, кој вети дека ќе „го победи вирусот“ и ќе ја обедини земјата.

Претседателски избори во САД: Традиција, закани и можни исходи

Тие ги завршија нивните кампањи, а нивните изборни штабови се подготвуваат за постизборни спорови што може да го одолжат резултатот од претседателските избори. 77 годишниот Бајден во Охајо го обвини Трамп за предавство во борбата против пандемијата, од која починаа повеќе од 230.000 Американци, а милиони други останаа без работа.

74 годишниот Трамп пак, на финалниот ден од кампањата имаше пет митинзи во четири држави каде што ги отфрли анкетите кои покажуваат дека заостанува и предупреди дека Бајден како претседател ќе им ја даде „власта на глобалистите и комунистите“.

И покрај анкетите кои покажуваат дека Бајден е во водство, трката ќе се решава во држави како Пенсилванија и Флорида, каде што испитувањата покажуваат помала разлика помеѓу кандидатите. Секој кандидат се бори да собере вкупно 270 од 538-те т.н. електори во Изборниот колеџ.

Рекордни 97 милиони гласови се веќе дадени по пошта или при раното гласање во многу држави чии граѓани го искористија ова изборно право поради пандемијата на коронавирусот.

Бројот претставува околу 70 проценти од целата излезност на гласачите за изборите во 2016 година.

Клучните разлики меѓу Трамп и Бајден во кампањата за претседател
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:10 0:00

Тоа невидено ниво на предвремено гласање вклучува 60 милиони гласачки ливчиња по пошта, за кои може да бидат потребни денови или недели за да се пребројат што значи дека победникот не може да биде прогласен во ноќта по изборите, како што се случуваше досега.

НАТО меѓу жестокиот поддржувач Бајден и честиот критичар Трамп

Поголемата излезност на гласачите и предвременото гласање се очекува да бидат во корист на демократите, додека кампањата на Трамп се надева на масовна поддршка од гласачите на денот на изборите.

Трамп предизвика контроверзии во кампањата и со неговите сомнежи за гласачките ливчиња по пошта, оценувајќи дека тие се погодни за измама.

Многу државни изборни службеници ја оспоруваат таа идеја, велејќи дека инцидентите со измама на американските изборите се исклучително ретки.

Државните изборни власти велат дека очекуваат пребројувањето да трае подолго бидејќи некои држави како Пенсилванија нема да започнат да ги бројат гласови по пошта се до завршувањето на изборите.

Трамп продолжува да сугерира дека ќе распореди адвокати ако државите сè уште бројат гласови по 3 ноември.

Трамп изјави дека плановите на Пенсилванија да се бројат гласачки ливчиња што ќе пристигнат и три дена по денот на изборите ќе значат измама.

Неговиот изборен штаб најави дека ќе се бори против секој обид на демократите за „уривање на државните рокови за примање и пребројување на гласачките ливчиња“.

На Твитер, Трамп напиша дека одлуката на судот во Пенсилванија е „МНОГУ опасна“ и оти „ќе предизвика насилство на улиците“. Твитер ја обележа неговата порака, наведувајќи дека нејзината содржина е „спорна“ и „може да биде погрешно сфатена“.

Трамп го обвини Бајден за преувеличување на здравствената криза

„Под никакво сценарио Доналд Трамп нема да биде прогласен за победник ноќта на изборите“, изјави пред новинарите менаџерот на кампањата на Бајден, Џенифер О’Мали Дилон.

Поранешниот претседател Барак Обама, кој го поддржува неговиот поранешен потпретседател, рече дека обидот на Трамп да се престане со броење гласови на ноќта на изборите е недемократски.

„Ако верувате во демократија, треба да имате пребројување на секој глас“, рече Обама.

Во меѓувреме, некои гувернери во САД ги ставија во готовност припадниците на Националната гарда, а трговците во повеќе градови почнаа да ги заштитуваат излозите на нивните продавници од потенцијални немири на или по изборите на 3 ноември.

Во центарот на Вашингтон пак, со иверица се покриени некои деловни и владини згради. Во Њујорк, многу продавници, ресторани и хотели се со забарикадирани влезови и излози. Слично е забележано во Денвер, Минеаполис и Лос Анџелес.

Американските трговци се сериозно погодени од протестите за мерките против пандемијата и расната неправда во текот на летото.

Се очекуваат собири и демонстрации низ градовите низ целата земја без оглед на резултатот од изборите.

Властите во Вашингтон ветија дека ќе го одржат мирот и оти полицискиот оддел ќе биде на работа на денот на изборите. Улиците во центарот на Вашингтон ќе бидат затворени за сообраќај на 3 и 4 ноември.

Гувернерите на Масачусетс, Илиноис, Орегон им наредија на припадниците на Националната гарда да бидат подготвени во случај на немири.

Ризикот за насилство е зголемен затоа што се смета дека пребројувањето на гласачките ливчиња ќе трае со денови или недели подолго од вообичаеното.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG