Неактивни градоначалници во борбата со загадувањето

Скопје - поглед на главниот град на Македонија во момент на високо ниво на аерозагадување.

Градоначалниците од општините во околината на Скопје се неактивни во борбата против загадувањето, вели градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов. Еко-организации сметаат дека инспекцискиот надзор и мерките против загадувањето треба да се водат централно и синхронизирано.

Загадувањето на воздухот во Скопје доаѓа и од општините во неговата околина, кои не се дел од неговите административните граници, како на пример Арачиново, Чучер Сандево, Илинден, Петровец... Затоа за проблемот треба да се направи притисок и врз градоначалниците на овие општини, смета градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

„Остатокот од општините коишто се присутни во скопската котлина за жал се неактивни во делот на аерозагадувањето. Што сакам да кажам? Скопје е еден административен центар во рамки на скопската котлина во која ги имате и општините Чучер Сандево, Арачиново, Илинден, Петровец, Сопиште... Мислам дека дел од притисокот треба да го насочиме, институционално и медиумски, и кон тие градоначалници“, вели Шилегов во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Загадениот воздух во главниот град Скопје е долгогодишен проблем кој претставува ризик за здравјето на неговите жители. Со слична ситуација се соочуваат повеќе градови во Македонија.

Видете и ова: Јосифовски - Забрана за увоз на отпад до влез во ЕУ

Според градоначалникот Шилегов, загадувањето на воздухот кое произлегува и од околните општини на Скопје, влегува во скопската котлина. Тој посочува дека не може да се очекува воздухот да биде чист, доколку се спроведуваат мерки само во административните граници на Скопје.

Децентрализацијата како извор на проблемот

Извор на ваквиот проблем е децентрализацијата, смета Ана Чоловиќ – Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“

Таа вели дека децентрализацијата на локално ниво направила ингеренциите за прашањата за животната средина да се преклопуваат, а со тоа и да не се преземаат акции од страна на локалните власти.

„Аерозагадувањето не познава општини, па така и инспекцискиот надзор и мерките треба да се водат централно и синхронизирано. Во спротивно топката постојано ќе се префрла од одна во друга општина, а поради тоа ќе страда здравјето на граѓаните“, вели Чоловиќ – Лешоска.


Индустријата, домаќинствата, градежништвото, сообраќајот, депониите се познати извори кои го загадуваат воздухот во Скопје.

Но, во јавноста постојат сомнежи дека и помали погони загадуваат преку горење на искористени масла од автомобили, преку топење на некои метали земени од отпад и горење на различни материјали на отворено.

Шилегов вели дека инспекторатот на Град Скопје во изминатиов период ги контролирал и казнувал помалите компании кои употребувале искористено моторно масло за затоплување на работилници, односно дека биле казнети над 230 такви субјекти.

Тој наведува дека овие случаи се намалени со воспоставувањето на системот за пријавување.

Дека во државата треба да функционира „посебен и единствен“ систем на инспекциски надзор, а не како што е во моментов кога постои државен и повеќе локални инспекторати, смета и Дарко Блинков – раководител на секторот за поддршка, аналитика и меѓународна соработка при Државниот инспекторат за животна средина.

„Со мирна совест може Владата да ги укине локалните инспектори од сите области и практично да излезат од ростерот на општините за да имаат независност“, вели Блинков.

Континуирано надминување на дозволените граници

Пред околу три години Шилегов критикуваше дека Скопје е најзагадена европска престолнина и дека проблемот ќе го решава од првиот ден по преземањето на функцијата градоначалник.

Но во Скопје и натаму секоја година има надминување на бројот на загадени денови во однос на пропишаните градници за безбедност на здравјето на граѓаните.

Надминувања на среднодневната гранична вредност на ПМ10 честичките во количина од 50 микрограми на метар кубен, е дозволено да се случува максимално 35 денови во текот на една година, со цел да не биде загрозено здравјето на граѓаните.


Но, според податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање добиени од мерните станици во Скопје, оваа граница досега во 2020 година е надмината во сите делови од градот, најмногу во населбата Ново Лисиче со 79 надминувања.

Шилегов вели дека загадувањето е перманентна борба „која се води на повеќе фронтови“ и уверува дека тој не престанува да ја води.

Според него, потребни се сет мерки во различни области на урбаното живеење за намалување на бројот на загадени денови во текот на годината.

Видете и ова: Затворени училишта и универзитети во Иран поради загадувањето

Тој вели дека Град Скопје презема мерки од „постратешки карактер“, но и 27 мерки кои ги немало во претходната градска администрација, а со нив бил намален бројот на загадени денови над дозволеното.

„Она што не сакам да се случува и никогаш не сум општел ниту јас, дури и во периодот на кампањата, е дека тоа е проблем којшто можете на копче да го решите. Тоа е дефинитивно најпогрешниот пристап кога е загадувањето во прашање“, вели Шилегов.


Загадениот воздух во Скопје е долгогодишен проблем кој претставува ризик за здравјето на неговите жители, а е присутен во повеќе градови во Македонија.

Проценките на некои меѓународни организации се дека токсичниот воздух во земјава предизвикува предвремна смрт кај илјадници луѓе.

Такви проценки пред неколку години прво објави Светската банка, која наведе дека загадениот воздух во Македонија убива над 1.300 луѓе годишно и дека истовремено со тоа се предизвикува штета врз македонската економија во вредност од 250 милиони долари.

Европската агенција за животна средина, пак, во 2019 година објави дека во Македонија има 3.000 предвремени смртни случаи годишно како последица од аерозагадувањето.

Светската здравствена организација проценува дека на глобално ниво седум милиони луѓе годишно предвреме умираат како последица од изложеност на аерозагадувањето.