За што не се зборува - а треба - во Собранието на Република Северна Македонија?

Андреа Угриноска, заседавач со Европскиот комитет за млади при Советот на Европа

Дојде време каде што младите можат да се состанат и дискутираат со своите врсници во собранието, и тоа е одличен почеток за унапредување на младинската политика во Македонија, пишува во младинската он лајн колумна Андреа Угриновска , заседавач со Европскиот комитет за млади при Советот на Европа.

Собранието на Република Северна Македонија официјално почна со работа. Досега, ако не грешам, имаме најголем процент на млади пратеници кои ја живеат реалноста на младите и можат достоинствено да го претставуваат нивиот глас. Дојде време каде што младите можат да се состанат и дискутираат со своите врсници во Собранието, и тоа е одличен почеток за унапредување на младинската политика во Македонија - нешто кое го тврдев уште пред изборите - младинската понуда е навистина искрена кога е пропратена со млади кандидати за пратеници. Тоа го гледаме и денеска, каде младите кандидати се оние кои притискаат за младински политики.

Што можеме да очекуваме од новиот собраниски состав, тогаш? Кои промени ќе се спроведат унапредувајќи ја позицијата на младите - или кои теми треба да се дебатираат во Собранието во контекст на млади?

Видете и ова: Младинска понуда

Најнапред, нешто кое полека се подобрува но секогаш може повеќе и подобро е транспарентност во работата на пратениците. Пратениците се истовремено уши и глас на граѓаните. Според мене тие имаат еднаква одговорност да го канализираат гласот на граѓаните во Собрание, колку што имаат одговорност да ги информираат граѓаните на едноставен начин за процесите кои се одвиваат внатрешно. Некои пратеници, особено младите, веќе почнаа да го прават тоа, и редовно да информираат за постоечки дискусии и одлуки јавно, користејќи ги нивните профили на социјалните медиуми. Зошто е ова важно за младите? Оваа генерација на млади е малтене израсната дигитално, и нивниот свет е значително дигитален. Со тоа што пратениците посегнуваат кон овие платформи на социјални медиуми значи дека свесно сакаат да досегнат до младите. Едноставен чекор кој може да вроди со многу позитивни плодови и доверба од страна на младите.

Видете и ова: Корона криза и мерки - угоре високо, удолу длабоко

Од кога ја установивме важноста на транспарентноста, наредно е да се осврнеме на неодамна усвоениот закон за млади - беше тоа голем момент на прослава за сите оние кои деноноќно и посветено работеа на истиот. Како што прославивме, така веќе никогаш не слушнавме за истиот. Сметам дека пратениците мора да се гласни и да бараат увид и отчетност во имплементацијата на овој закон. Им беше ветено на младите дека ќе можат значително да се вклучат во носењето на одлуки на агенцијата за млади и спорт и останати министерства, но колку што знам ништо не е спроведено од ветеното ко-менаџмент тело.

Позитивно е што се подготвува нов закон за младински стандард. Кoга зборував за транспарентност, мислев токму на ова - иако знаеме дека се припрема законот, многу малку знае јавноста за дискусиите кои се одвидаат и потенцијалните теми кои овој закон би ги опфатил. Она што се надевам дека ќе биде опфатено, а не знам се уште дали е, се неплатените стажирања. Ова е тема која е многу актуелна на Европско ниво, и заедно со Европскиот Младински Форум имаме поднесено тужби кон цели држави директно во Стразбур пред Судот за Човекови Права, и неколку од нив се добиени. Односно благодарение на оваа иницијатива, судот даде пресуда дека Белгија не смее да нуди не платени стажирања во ниту еден сектор.

Планот беше да одиме држава по држава и да ги тужиме сите држави каде што има докази за неплатени стажирања - каде што памтам дека јас ја предложив Македонија како една опција. Се надевам дека пратениците, обединето, бар оние младите, ќе успеат да донесат закон кој ќе забрани не платени стажирања целосно. Во спротивно Македонија може да наиде на тужба директно од Судот за човекови права во Стразбур.

Следејќи ги Европските трендови за унапредување на животот на младите, актуелна е темата за намалување на возрасната граница за млади гласачи и дозволување на гласање на 16 и 17 годишни млади. Еден од предизвиците околу унапредување на животот на младите е фактот дека тие не се дел од изборниот примерок, и како такви не се директен таргет на политичарите. Оние на 16 и 17 годишна возраст најчесто работат и плаќаат активно даноци, дел се од социјалниот и општествениот живот, во некои држави им е дозволено да возат - а не им е дозволено да гласаат за оние кои ќе ги претставуваат во Собранието. Ова е често набројано како причина за раната политчка апатија кај младите. Оваа дебата е и те како спремна да се отпочне и во Собранието и искрено се надевам дека младинските пратеници ќе изнајдат начин за истата. Следејќи останати европски примери, промената на оваа легислатива е долга и бавна, па што побрзо се отпочне тоа подобро. Една од најдобрите анегдоти кои ги имам чуено во овој контекст и која е секогаш релевантна - 16 year olds are alowed to have sex with a member of parliament, but not vote for them.

Оваа генерација на млади е доста засегната со социјална вклученост на маргинализирани групи. Моментално се дискутира новиот закон за анти-дискриминација кој е огромно подобрување и унапредување на претходниот. Поради тоа, сметам дека овој собраниски мандат има шанса да почне да зборува за легализација на истополови бракови, како и ефективни владини мерки за заштита против семејно насилство.

Менталното здравје е уште една тема која е актуелна за мојата генерација. Грижата за себе и тие околу нас, како и достапност до установи кои нудат поддршка при справување со проблеми околу менталното здравје е приоритет. Се надевам дека младите пратеници ќе говорат јасно и гласно околу оваа тематика, и ќе успеат да ги убедат постарите дека депресијата и анксиозноста не се измислени, и да им ја доловат потребата од превенција и грижа за менталното здравје. Она што е важно да се спомне тука е дека треба да постои механизам за младите да учевствуваат во носењето на одлуки на здравствените институци и да ги обелоденуваат здравствените предизвици на младите, со што здравствениот систем би можел да се приспособи и подобро да одговори на истите.

Пред самиот крај,(иако е далеку од крај и има уште многу младински теми на кои може да се дискутира во Собранието) важно е да се препознаат новите форми на младинско учевство кои се воглавно дигитални. Доколку пратениците сакаат да се во тек со младинските трендови и барања, тогаш треба да нурнат длабоко во дигиталниот свет. Повеќе од тоа, се надевам дека новите млади пратеници имаат амбиции да ја донесат дискусијата за онлајн гласање на локални и национални избори, во Собранието.

За крај, се надевам дека младите пратеници се доволно амбициозни и во контекстот на Македонија, храбри, да започнат дискусии на теми кои не се лесни за дискутирање. Мојата замисла за младите пратеници е токму таа, да се предвесници на теми кои не се сеуште актуелни или прифатени и да креираат нов пат и начин на работа на Собранието.

Бидејќи таквиот пат не е лесен, тие треба да посегнат кон исто мисленици, невладини движења и иницијативи кои ги поддржуваат нивните политики. Често пати сум ги слушала пратениците како велат дека не посегнуваат кон одредени дебати и тематики бидејќи немаат поддршка од партијата. Апелирам дека ова не смее да е причина за цензура бидејќи пред се пратениците се во Собранието на индивидуална основа од моментот кога се изгласани. Собранието не смее да служи како отскочна даска за нечива кариера, туку само и само како отскочна даска за унапредување на општеството.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.