Кога човек ќе помисли на менталитет обично го поврзува со начинот на однесување на одредена група луѓе во определена просторија. И тоа е генерално точно, и без навлегување тоа е збир на особини на еден човек и тие како му влијаат (свесно и потсвесно). Зборот менталитет може да се поврзува индивидуално со некоја личност, група или маса (народ). И тука доаѓаме до терминот “балкански менталитет“. Како прво, јас не сметам дека може така лесно да се генерализира и да се обележи еден народ со само еден термин, но со фрлање на поглед во општата ситуација од минатато до денес можам да сфатам како сме се стекнале со тој балкански менталитет.
Кај нас не е само популарен терминот “балкански менталитет“ туку исто така преовладува и “македонскиот менталитет“ во друга форма може да го сретнеме како “македончето“. Последниве неколку месеци во светот владее пандемија со која сите ние се бориме, вирус кој претставува закана за човештвото, која за елиминација на истата опасност потребни се колективна свест и колективна одговорност. Ова е ситуација каде сите мора одговорно, без исклучоци, активно да учествуваме. Низ текот на овие неколку месеци, додека сведочев како ние и целиот свет се справуваме со оваа криза, дојдов до одредени заклучоци.
Како прво, како е возможно во оваа ера, во екот на глобализација каде преку интернет можеме сè што сакаме да знаеме со само едно гугл побарување, пак да има луѓе кои не ја сфаќаат ситуацијата таква каква што е? Менталитетот на гореспоменатото “македонче“ се покажува кога наместо да седи дома и да ги почитува мерките, тој или таа се групираат под мотото “не постои корона“, а додека е дома за време на полициски час (дека не веруваат во вирусот) стануваат фејсбук активисти, фрлаат камења по 5г антени додека истовремено се караат дека не постои короната, или пак кога постои короната е поради тие 5г антени кои се поставени од страна на Сорос и Бил Гејтс со цел да ги чипираат.
После одредено време сфатив дека всушност ние не се бориме со само еден вирус, туку со повеќе вируси. Самиот менталитет кај тие одредени фејсбук анти-5г активисти и нивните постапки ги сметам како сојузници на вирусот, или пак како независен вирус, кој кога тогаш ние ќе ја победиме короната, но не и овој менталитет кај самите тие луѓе. За да го победиме коронавирусот, треба сите да се мобилизираме и да ги почитуваме мерките со едноставна цел да се заштитиме од вирусот, не на демократски начин, под тоа мислам, бесцелно е 90% да ги почитуваат мерките кога тие 10% можат да ја вратат ситуацијата на почетокот, треба на авторитативен начин, сите без исклучоци да се пазиме, во спротивност ќе бидат испратени на “голи оток“, или пак модерно “коронаград“.
Второ, еден заклучок кој го донесов за време на оваа пандемија е погледот кон сите професии пред коронавирусот и после вирусот. Кризата од коронавирусот сè уште трае. Периодот кога беше „претходната нормалност“ погледот кон сите работници и професии беше различен, но светот повеќе не е ист како што беше. Годинава се откажани сите концерти, спортски настани, фестивали итн. Долго време затворени беа кафаните, рестораните и туристичките агенции, додека останатите кои можеа се префрлија на работење од дома. Но, на работа останаа тие без кои општеството не може да функционира. Збориме за работници чии професии се оценети како недостојни, професии кои се потценети и ниско платени.
Професиите од типот на медицински сестри и останатиот здравствен кадар кој ден и ноќ се во првиот фронт против коронавирусот, кои иако се наоѓаат во потешки времиња и работат во лоши услови, тие несебично вложуваат колку што е човечки можно, или пак текстилните работници кои работат прекувремено со цел произведување на маски, ракавици и заштитна облека.
Други професии кои се потценуваат можеме да ги наброиме: хигиеничари и вработени во комуналните претпријатија, во оваа пандемија сите имаме зголемена свест во однос на лична хигиена, но замислете колку е важна јавната хигиена во борбата со вирусот, додека вработените во комуналните претпријатија поинтензивно работат со цел да се придонесе кон горенаведениот термин, јавна хигиена. Во текот на оваа криза најизложени се продавачите во маркетите, кои нетрпеливо и брзо ни ги продаваа сите продукти потребни за преживување, но секојдневно се приморани да имаат контакт со стотици луѓе.
Како што наведов погоре, во овој период потребно е сите да се обидеме што повеќе да се заштитиме се додека не се најде некој начин веднаш да се победи коронавирусот. Иако не сум стручен, според мене има само две опции, а тие се, пронаоѓање на некаков лек со кој ќе ја победиме короната, или преку колективен имунитет, но навистина се надевам дека нема да дојдеме до втората опција, поради тоа што преку тоа огромни се шансите сите да изгубиме важни личности во нашиот живот, и логично, никој не сака тоа. Поради таквите можни последици, треба да следиме препораки, маска, дистанца и хигиена, ништо повеќе, ништо помалку И на крај, Господ нека ни е на помош, бидејќи изгледа само тој ни помага на нас балканците, иако сè уште не ја знаеме причината за тоа.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.