Корисници и поранешни корисници на дроги рециклираа пластика и и палети и создаваа креативни дела за заедништво. Однесоа девет различни интерактивни дела за децата од Малите групни домови и центрите за деца од улица во Шуто Оризари и поставија две инсталации во Градскиот парк во Скопје.
Градскиот парк во Скопје беше надополнет со две креативни инсталации кои беа создадени од лица кои користат или користеле дроги. Инсталациите се дел од проектот „РеУпотреби го умот“ на невладината ХОПС-Скопје. Проектот има за цел подобрување на ресоцијализацијата и реинтеграцијата на оваа маргинализирана група.
„Создадовме клупа за да не зближи и здружи, за да го чуе љубовниот шепот и убавите желби и во себе да ги скрие искажаните тајни. Оваа клупа е за заедничка почивка на млади и стари, за долги разговори и плодни договори. Ова дело индирекно претставува визија на луѓето кои употребуваат дроги“, напишаа од ХОПС - Скопје во најавата за втората креативна инсталација.
Покрај тоа, инсталациите се од рециклирани материјали, со што идејата е да се да влијае на свеста на околината.
„Во креативна акција за општествени промени се вклучија луѓе кои употребуваат или употребувале дроги. Со нив создадовме 9 различни интерактивни дела за децата од Малите групни домови и центрите за деца од улица во Шуто Оризари. Исто така, изработивме и две инсталации за јавен простор, кои веќе го красат Градски парк во Скопје. Во целост се изработени од реупотребени материјали кои заедно со учесниците во оваа акција ги собиравме. Инспирација за делата наоѓавме секаде околу нас. Секој со собраниот отпад даваше идеја, што може од донесениот предмет да изработи. При тоа, учесниците доброволно истражуваа какви можности нуди реупотребата и кои се личните и општествените бенефити од истото. Особена мотивација беше изработката на делата наменети за деца и млади, бидејќи станува збор за интерактивни дела кои им помагаат во структурирање на слободното време, но им нудат и забава или веселост во домот, објасни Благородна Коцева Симјанов, проектен координатор во ХОПС.
За првата инсталација вградиле повеќе од 400 реупотребени пластични шишиња, 6 палети, 160 растенија, 400 литри земја и минерал, и како што велат оттаму, „7 пара вредни раце, многу љубов и желби за заедништво“. За втората пак, реупотребиле 10 палети, 70 пластични шишиња, како и 200 литри земја и минерал.
Целта на активностите е да се препознаат работните капацитети на, како што објаснуваат од ХОПС, „заедниците кои живеат во дискриминација и тешки социо - економски услови“. Објаснуваат дека инсталациите се нивни визии за рамноправно општество во кое има место за секого.
„Очекуваме клучни чинители на нашето општество, да придонесат кон развој на работно реинтегративните процеси со создавање соодветни програми. Должност на сите нас како општество е да создадваме рамноправно место за живеење, чиста и здрава околина“, објасни Коцева Симјанов.
„РеУпотреби го умот“ е поддржан од Цивика Мобилитас, во соработка со Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“.