Според деловникот за претседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно 61 пратеник, а ако за претседател е предложен еден кандидат и ако при првото гласање не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
Предлогот досегашниот собраниски спикер и претседавач со конститутивната седница Талат Џафери да биде избран за претседател на Собранието е потпишан од 62 пратеници, а го образложи пратеникот од ДУИ Изет Меџити кој кажа дека во минатиот период Џафери ефикасно и успешно раководел со законодавниот дом, согласно законите и Уставот.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците, Алтернатива и Левица, најавија дека нема да гласаат за изборот на Џафери.
„Предлогот што го доставувате, нема да биде поддржан. Во делот од предлогот во прочитав една реченица дека Џафери во минатиот мандат успешно ги менаџирал сите процеси од надлежност на Собранието“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски нагласувајќи дека во претходниот состав Џафери го злоупотребил деловникот и дека 40 отсто од законите биле донесени со скратена постапка.
И Скендер Реџепи, како претставник на Алијанса за Албанците и Алтернатива рече дека тие нема да гласаат за предлогот Џафери да биде нов претседател на Собранието и дека нема да присуствуваат на гласањето за него. Тој обвини дека ДУИ ги крадела гласовите на Албанците.
Видете и ова: Нема „меден месец“ за новата владаИнаку, Меџити, кој го претстави предлогот Џафери да биде нов претседател на Собранието, деновиве во медиумите се споменуваше како еден од двајцата пратеници од ДУИ кои се противеле на предлогот на Ахмети за двајца министри од скопското партиско крило и поради тоа одбивале да гласаат за Џафери.
Во дискусиите, најголем дел од нив од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ преовладуваше критика кон старо-новата влада, предвидувања за краток рок на траење на ова мнозинство, а често беа споменува и меѓусебните препукувањата меѓу лидерите на СДСМ и ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети во предизборниот период.
Инаку, од оваа старо-нова влада, која ја сочинуваат истите партии како пред изборите, шест министри ги задржуваат истите позиции- Радмила Шекеринска- одбрана, Венко Филипче- здравство, Оливер Спасовски, техничкиот премиер се враќа во Министерството за внатрешни работи, Насер Нуредини останува во животна средина, Крешник Бектеши во економија и Горан Милевски во локална самоуправа. Нови министри, пак, стануваат Бојан Маричиќ во правда, Ирена Стефоска во култура, Јагода Шахпаска во труд и социјала, Благој Бочварски во транспорт и врски, Артан Груби, кој ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Аријанит Хоџа во министерството за земјоделство.
Видете и ова: Ќе издржи ли оваа влада четири години?
Во оваа влада има и неколку ротации- Бујар Османи од вицепремиер за европски прашања оди во Министерството за надворешни работи, од таму во ресорот кој досега го водеше, заминува досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Поранешната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска сега ќе го води секторот образование, а Фатмир Бесими, кој досега во различни влади беше министер за економија, за одбрана и вицепремиер за европски прашања, сега ќе биде министер за финансии. Се уште не се знае кој точно ќе биде прв човек на министерството за информатичко општество и администрација, ресор кој е еден од шесте кои ги доби ДУИ.
Од досегашниот владин состав во новиот ги нема министерката за правда Рената Дескоска, министерот за образовани Арбер Адеми, министерот за траспорт и врски Горан Сугаревски, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за земјоделство Трајан Димковски, министерот за култура Хусни Исмаили и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Садула Дураки.
Овој е десетти парламентарен состав во независна Македонија. Во него има 120 пратеници, 46 од коалицијата „Можеме“ на СДСМ, 44 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 15 од ДУИ, 12 од Алијансата за Албанците и Алтернатива, двајца од Левица и еден од ДПА. Oд нив 43 се жени и 77 мажи. Изборите се одржаа на 15 јули, а беа распишани по инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ откако земјава лани есента не доби датум за преговори со Европската унија и покрај промената на името.