Јулијана Величковска е поетеса, писателка, книжевен преведувач и основач и уредник во издавачката куќа ПНВ. Таа заедно со идејниот творец и основач, реномираниот македонски поет и писател Славе Ѓорѓо Димоски, цели 12 години е во тимот што со невидена енергија работи на зачувување на високите дострели на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ Велестово“, која во изминативе нешто повеќе од три децении се одржува во едно од најубавите охридски села, „Чардак на небото“, како што кажал во една прилика великанот Петре М. Андреевски. Онаму, кадешто се љубат небото и земјата, а спокојството е привилегија што бргу се стекнува ако пристапот ви е со чиста душа. А, во пресрет на новото, 32 – издание кое ќе се одржи во деновите од претстојниот викенд, на 21 и 22 август, и на кое програмата ќе им биде посветена на поезијата на Зоран Анчевски и скулптурите на Димитар Филиповски, на тамошните миризливи ливади на зајдисонце ќе се одржи настанот „Поезија – Залез“, а на Чешма ќе музицира „Скопје гитар трио“ предводено од Дарко Багески ... со Величковска говориме за позицијата на ПНВ во времево и просторот во кој недоволно се препознаваат ваквите културни случувања кои ѕидале и ќе ѕидаат мостови на разбирање и соработка и гласно ќе говорат за нашата, за автентичната македонска култура секаде по светот.
Во времево на светска пандемија, периодот што треба да ни биде ука за враќање кон вистинските вредности, кон себе и сопственото исцелување, на македонската култура ќе ѝ се случи 32-та Поетска ноќ во Велестово. Колку е манифестацијата поразлична од другите години и колку го следи изворниот момент за нејзиното постоење? За потребата да се чествува зборот во зло време и силно да се упати крик за негување на вистинските вредности.
- Иако во услови на пандемија, во поглед на програмата се потрудивме да не отстапиме многу од она што е препознатливо како наш концепт, единствено не беше можно да гостуваат планираните поети од странство, бидејќи доаѓаат од една многу далечна земја, од Исланд, па беше навистина тешко да се планира нивното патување во вакви услови. Да беа гости од регионот, можеби и ќе беше изводливо, но ете, одлучивме нивното гостување да се случи следната година. Разликата во однос на сите претходни години ќе биде најважното во врска со Поетска ноќ во Велестово, а тоа е сето она што се случува зад сцената, во деновите пред, за време на и по официјалните настани ̶ сите дружби, прошетки, разговори и песни до доцна во ноќта со нашите учесници, со гостите што доаѓаат да ја следат манифестацијата, со велестовци... Но, некаков надомест за таа радост се надеваме дека ќе биде читањето на зајдисонце „Поезија ̶ Залез“, одбравме одлична екипа, па дури и така, дистанцирано, ќе се дружиме, ќе читаме поезија, а можеби и ќе испееме по некоја песна по велестовските ливади.
Што се однесува на времето што го живееме, да бидам искрена, не знам кога времињата биле добри за поезија, а можеби токму таквите зловремиња создаваат квалитетни поети. Уметноста е она што го одржува светот во некаква рамнотежа и поетите се тука гласно да кажат дека гледаат сѐ, не само куклите во овој театар од марионетки во кој живееме и нивната инструирана игра, туку јасно и смело им гледаме в очи на фигурите во мракот што алчно се држат за конците, убедени дека тие ги управуваат! Годинешната Поетска ноќ во Велестово ќе биде посветена на поезијата на Зоран Анчевски и скулптурите на Димитар Филиповски. Со нив се продолжува низата на врвни творци кои ја испишуваат успешната приказна за манифестацијата.
Колку нашата културна јавност, колку институциите во неа се свесни за тоа? Колку е таа препознаена од државата?
- Ова прашање го дискутиравме меѓу нас деновиве, и заклучокот е дека нашата културна јавност и институциите се недоволно информирани за тоа што го работиме. Луѓе од фелата секоја година упорно прашуваат како да учествуваат на манифестацијата, каде да се пријават за читање, има ли некаков конкурс. Секоја година има барем стотина објави во медиумите во врска со манифестацијата и нејзината програма и концепт, зад нас имаме 20 изданија на ревијата „Поетска ноќ во Велестово“, три монографии по повод јубилеите 10, 20 и 30 години Поетска ноќ во Велестово, други поетски изданија, бројни интервјуа... И за чудење е колку и дали нашите луѓе од културата, попрецизно од книжевноста, следат што прават другите што се бават со слични активности. Се чини дека голем дел од нив воопшто не следат или можеби имаат куса меморија. Поетска ноќ во Велестово повеќе од 30 години се држи до својот основен концепт: претставување на еден современ македонски поет и неговото севкупно поетско творештво и претставување на еден современ македонски ликовен уметник, преку поставување ликовна изложба. Отстапки имало за јубилеите, на 25-годишнината беше претставен портрет на најмладата македонска поезија, преку настап на 14 млади македонски поети, а за 30-годишнината претставен беше портрет на поновата македонска поезија, со читање на неколку поети од застапените триесет и двајца во панорамата што по тој повод ја објавивме.
Што се однесува на институциите, долги години имаме нефункционално министерство за култура. Еве и сега, додека се шпекулира составот на новата влада и кому кое министерство ќе припадне, ниту во шпекулациите никој не го спомена Министерството за култура, ете на тоа ниво сме во земјава. Нашите политичари немаат однос кон културата, ова се тие нови генерации технократи кои, за жал, се занимаваат само со теми што содржат бројки, буквите и зборот ним не им значат ништо, за нив немаат тежина. Со години аплицираме со голема, широка програма за која бараме средства што се смешни во споредба со буџетот што им се доделува на некои други анонимни манифестации, па така цела година правиме разни компромиси, кратиме ова и она и, сепак, на крајот, склопуваме пристојна, но висококвалитетна програма, оти нашата цел не е само да организираме некаква каква-таква манифестација, туку настан за кој ќе се зборува долго, ќе се памети, настан по кој нашите гости се инспирирани и пишуваат песни, есеи, репортажи... Ја носат Поетска ноќ во Велестово како исклучително животно искуство и тоа го споделуваат со своите пријатели.
Во денешнината кога брзо и лесно забораваме на суштествените нешта и кога ни се случува силна експанзија на електронските медиуми, преку социјалните мрежи, се обидовте да ја натерате публиката да трага по придобивките од манифестацијата. Какви беа реакциите и колку тие ви даваат за право позасилено да ги продолжите усилбите?
- Дигиталната експанзија се случува на секое поле, не само на социјалните мрежи и нам, и како поединци, и како организатори на манифестација, и како издавачи, наместо да одиме против овие трендови, ни останува да се прилагодиме и да функционираме во новите услови. Секоја година се појавуваат некои нови генерации поети и вљубеници во книжевноста и уметноста, воопшто, и засега нашите обиди да им се доближиме и да им ја претставиме и историјата зад нас и актуелните настани со помош на новите технологии и помултимедијално се успешни. Реакциите се одлични, а нам ни останува да се потрудиме да го следиме нивното темпо.
Од поранешните изданија на Поетска ноќ Велестово
Согласно на ова, размислувате ли за благи концептуални промени на ПНВ кои би се зафатиле и со засилена промоција на крајоликот и неговите културни, но и туристички потенцијали?
- Ние, всушност, тоа веќе долго време го правиме. Општина Охрид е мошне свесна за нашиот труд и нашите заложби во тој поглед и секоја година во рамки на своите можности ја поддржуваат нашата манифестација. Токму од тие причини и решивме планираните гости од Исланд, извонредните поетеси Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир да дојдат следната година, наместо онаа сега популарна опција за онлајн претставување. Како што споменав и погоре, нашите гости, особено оние од странство, се тука на повеќе денови. Организираме за нив прошетки и низ Охрид, и до сите знаменитости крај езерото и тури низ Галичица, а ги носиме преку планина и на Преспанско Езеро и во Ресен. Целта е тие да ја запознаат Македонија, нашиот јазик, нашата култура, оти ова се луѓе од културата, ним не им е важно да пропатуваат илјадници километри само за да прочитаат неколку песни во времетраење од дваесетина минути, туку љубопитни се за тукашниот културен и етнолошко-етнографски контекст, а потоа нивните искуства остануваат трајно запишани во нивните дела инспирирани од нашите краишта. Пред неколку години објавивме и цела збирка „Песни за Велестово“ од сите учесници на Поетска ноќ во Велестово дотогаш. Една од таквите работи несомнено е и интернационализацијата на манифестацијата.
Колку таквиот чекор од денешен агол е оправдан и колку сето тоа може, во едни поинакви услови, надалеку да го шири гласот за ПНВ?
- Овој чекор времето покажа дека е апсолутно оправдан, оти и преку издаваштвото и преку манифестацијата, една од нашите главни мисии е да се случи тоа мешање и запознавање на културите. Во таа насока и ги работиме оние панорами на современата поезија. Досега ги објавивме книгите „11 Ирски поети. Избор од современата ирска поезија“ и „16 Бугарски поети. Избор од современата бугарска поезија“, како и „32 Македонски поети. Гласови на новиот век“, а во моментов работиме на слични изданија во кои ќе бидат застапени по неколку современи поети од Исланд, Хрватска, Латвија и Колумбија. Мошне важно е за една мала земја како нашата, да не остане изолирана и бавно да се развива само во своите граници и рамки, туку да бидеме во контакт со актуелните книжевни случувања, не само во регионот, туку општо, на европско, па и на светско ниво, оти само така верувам дека ќе се случи подобрување во квалитетот на домашната продукција, а новите имиња чиишто први изданија ги издадовме преку ПНВ Публикации го потврдуваат тоа.
Иако годинава беше планирано претставувањето на исландската поезија, поради мерките за превенција и заштита од Ковид-19, таа вечер во месноста викана „Каменон“ ќе биде одржан настанот „Поезија – Залез“ со читање на дузина македонски поети како Тоде Илиевски, Владимир Мартиновски, Биљана Стојановска, Ѓоко Здравески, Павлина Атанасова... ја крепи ли ова идејата за засилено претставување на една нова генерација на домашни творци што треба да се вивнат во светот?
- Ова читање во природа со неколкумина исклучителни современи македонски поети го замисливме како некој вид поетски пикник. Наспроти официјалноста при претставувањето на поетот на првата поетска вечер, сакавме да направиме еден убав настан на кој ќе присуствуваат дел од пријателите на Поетска ноќ во Велестово, со кои посакавме да споделиме една убава локација во селото, од која имаме прекрасен отворен поглед и кон селото, и кон Елен врв, и кон езерото, и кон Охрид. Целосна панорама од 360 степени. И причината и идејата зад овој настан е меѓу другото обид да се надомести за долгата пауза од културни настани што се случи поради мерките за заштита од КОВИД 19. Настанот ќе биде снимен, како и главниот настан на првата вечер, а ќе се обидеме да се емитува и во живо со пренос на социјалните мрежи, за што повеќе луѓе да ја почувствуваат магијата на Велестово, особено убавината на залезот виден одовде. И, секако, сите наши активности секогаш и засекогаш ќе бидат насочени кон промовирање на она што е квалитетно во македонската култура, а тенденциите ќе ни бидат нашите автори да си дојдат до своите читатели и преку преводи на други јазици. Низ годините наназад, нашите гости од странство не биле само поети, туку некои од нив биле и организатори на поетски фестивали и слични манифестации, преведувачи, издавачи и слично, а тоа неслучајно било така. Нашата идеја е да ги запознаеме со домашните автори, а потем нештата да си се случат во свое време.
Размислувате ли за соработки и размена на програми со сличните манифестации кај нас, а зошто да не и во регионов?
- Секако, неколкупати соработуваме со Арт Поинт Гумно и таа соработка ќе продолжи и во иднина, иако нивниот фокус е ликовната уметност, сепак, имаме заеднички точки со кои се надополнуваме. Што се однесува до книжевните, односно, да бидам поконкретна, поетските манифестации, верувам дека и вие новинарите сте добро запознаени со состојбата таму. За оние што не знаат, еве, во оваа прилика ќе го цитирам нашиот поет Ѓоко Здравески кој принципот на кој функционираат ваквите манифестации го опишува со зборовите „јас тебе сердаре, ти мене војводо“. Ваквите манифестации што се организираат во затворени кругови и претставуваат дел од добро познатите книжевни шеми и долгогодишната пракса на „на ти го-дај ми го“ принципот за секаквите награди што си ги измислуваат и доделуваат, разните фотошопирани дипломички што си ги разменуваат, доведоа до ерозија на нивниот квалитет толку многу што, едноставно, не играме во иста лига, па ете, оттаму претпоставувам доаѓаат и оние чудни прашања за тоа дали кај нас може да читаат „падобранци“ и слични такви несериозни идеи и предлози. Сѐ додека работите се такви, можностите за соработка со нив се речиси непостоечки. Што се однесува до регионот, но и пошироко, сме имале неколку соработки, и планираме да има уште такви, но тука би додала и дека нам регионот не ни е граница, планираме да се случат уште и повеќе соработки во европски, но и во светски контекст. Ќе продолжиме со нашата работа и се надевам ќе успееме да ги оствариме нашите големи планови.
И, за крај, ќе успеете ли да го одржите сигурниот чекор во вашата издавачка дејност, во она што како објава го носи знакот на ПНВ?
Да, силно верувам во тоа. Имаме квалитетен и мотивиран тим, имаме квалитетни автори и наслови, воведуваме новитети и во издаваштвото и во начинот на кој ги организираме промоциите, фокусирани сме на висококвалитетна и уметничка литература, примарно кон поезијата и немаме намера од тоа да отстапиме.