Преговори за формирање влада, нејасно дали ќе се оди на училиште

Стево Пендаровски и Зоран Заев

Претседателот Стево Пендаровски му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа е противуставно. Во меѓувреме, на две недели до почетокот на школската година нема одлука дали ќе се оди на училиште.

Некогаш помалку некогаш повеќе, но изминатава недела има и тоа колку многу теми што доминираат во печатените и електронските медиуми. Заврши темата дали Заев или Мицкоски ќе биде мандатар за формирање Влада со доделувањето на мандатот на Зоран Заев.

Видете и ова: Премиер Албанец и суетите – пречки во преговорите за влада

Одиме по ред. „Пендаровски му го предаде на Заев мандатот за составување нова влада“ и „Заев ќе го врати мандатот ако не обезбеди мнозинство“ – ова се само два од повеќето наслови во Нова Македонија. „Нема да го носам мандатот дома, ако не направи влада Заев ќе му го дадам мандатот на Мицкоски, изјави Пендаровски“ – гласи насловот на порталот СДК.МК. Порталот Курир.мк со следниов наслов: „Пендаровски без доказ за мнозинство го даде мандатот на пратеникот Заев, ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнува односите кон претседателот на државата“. Оваа вест ја објави и порталот Република и електронските изданија на печатените медиуми.

Инаку, Курир.мк пред два дена излезе со ваков наслов: „Студен туш за Заев: СДСМ нема мнозинство, Пендаровски ќе го крши Уставот, без уверение ќе додели мандат“.

Вечер во изјавата на претседателот Пендаровски гледа признавање дека „мандатот е доделен без докази и спротивно на Уставот“, и заклучува дека „Пендаровски директно му овозможи на Заев купување на време за непринципиелно купување гласови на пратеници“ – го цитира весникот соопштението од најголемата опозициска партија.

Република смета дека мандатот е доделен на „жими мајка – Заев му јавил на Пендаровски дека е на пат да обезбеди мнозинство, а овој му поверувал“. Истиот портал ја цитира изјавата на Мицкоски: „Ниту еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ нема да му даде поддршка на Заев за формирање влада“.

Видете и ова: Едукација и пандемија - кој модел е најдобар

Вечер, покрај другото, ја објавува реакцијата на СДСМ: „Губитникот Мицкоски да го научи Уставот, Заев е мандатар. Очајни се обидите на Мицкоски да пронајде алиби за поразот на изборите“.

Нова Македонија информира за средбата Заев – Ахмети, веднаш по доделувањето на мандатот, и во наслов вади заеднички именител од изјавата на двајцата лидери на партии: „Постојат добри основи за напредок“, најавувајќи дека разговорите помеѓу двете партии ќе продолжат и викендов на ниво на генерални секретари. Порталот Плусинфо пишува: „Заев и Ахмети по три часа разговори: Постигнат е напредок, викендов нови средби“. Неделникот Фокус со фото-шоп фотографија на разголените лидери на СДСМ и на партиите од албанскиот кампус со даски за сурфање и со наслов: „Нудистички коалиции – кој ќе излезе гола вода, а кој голгетер во преговарањата“.

Во еден текст неделникот забележува: „Партиските лидери сепак не се мразат, туку како што покажуваат преговорите за составување владино мнозинство, тие се спремни да се галат, нежно и милно... Идеологијата им е идентична – да се налапаат пари на сметка на работниот народ“.

Владата ќе одлучи за одвивањето на школската година – информираат медиумите. „Комисијата за заразни болести предлага учениците до трето одделение да одат на училиште, другите онлајн“ – пишува Слободен печат, кој ја објавува и изјавата на министерот за образование Арбер Адеми: „Во училиштата каде има мал број ученици, наставата може да се одвива со физичко присуство“.

По стечајот на Еуростандард банка, Вечер објавува: „100.000 граѓани останаа без плата и пензија“, а во друг наслов прашува: „Како пропадна Еуростандард банка? Зошто се молчеше досега?“

Слободен печат објавува дека „Во Минск е тензично по претседателските избори на кои повторно победи Лукашенко, илјадници демонстранти на улиците“ и „Амбасадите на Белорусија и во Москва и во Киев под опсада: Најмалку шест лица уапсени“. Порталите и весниците објавуваат и дека „Антивладините протести во Бугарија не се смируваат веќе 36-ден, шатори во Софија“.

Се разбира, вестите за корона вирусот се неодминливи: сите медиуми информираат дека повторно се зголемува бројот на новозаболени во повеќе европски земји, а дека на пример во Германија, најголем број нови заразени се „увезени“ од земјите на Западен Балкан.