Педалините се едни од најнебезбедните пловни објекти по езерата во земјава зашто многу често не се почитуваат законските одредби за заштита, велат експерти од оваа област. На педалина, според Законот за внатрешна пловидба, дозволено е да се плови само доколку лицето користи елек за спасување, а плажите каде има концесионери да имаат минимум барем еден спасувач. Ова не беше случај при неодамнешната трагедија во Преспанското Езеро каде се удави 16-годишно момче кое со двајца тинејџери пловеле со педалина, а според нуркачи не носеле елеци, а на плажата во Претор и надлежните потврдија дека немало ангажиран спасувач.
Видете и ова: Туристичките водичи на респиратор
Туристите во Преспа бараат на плажите да се обезбеди максимална безбедност, да се почитуваат законските одредби и капачите да бидат внимателни.
„Би апелирале до сите оние капачи кои не се добри пливачи да влегуваат само на оние плажи кои се безбедни, односно каде што водените површини се обележани и имаат спасители. “
„Потребно е сите плажи да имаат обезбедено услови за безбедност на капалиштата, пред сè обезбедување на спасители на вода. Сите посетители мора да бидат безбедни.“
„Езерото е полно со микро и макрофлора, најголем проблем е што никој ништо не презел со Преспанското Езеро“, велат туристите.
Човекот го забрзува стареењето на Преспанското Езеро
Битолчанецот Александар Ацев, професионален нуркач, член на клубот „Врело“ од Скопје и координатор на спасувачите од Црвен Крст од Битола, вели дека педалините мора да се издаваат со заштитни елеци.
„Главен проблем со пловните објекти е секаде по езерата, не само по педалините, спасувачките елеци важат за обичните чамци, без разлика кој колку е искусен со моторен чамец, весла или педалинка. Елекот е безбедност, тоа е да споредиме како со сообраќајот да не носиш сигурносен појас. По закон е секој патник да носи заштитен елек“, вели Ацев.
Тој додава дека често пати при употреба педалините се преоптоваруваат со корисници.
„Според статистиките и моите сознанија педалините се најнебезбедни објекти за пловидба кај нас зашто во изминатите години често слушавме дека има некој давеник што скокнал од педалина или се случил друг инцидент. Важен е и бројот на корисници. Сите сме очевидци на такви настани. Таа е за четворица, а се качуваат од пет до десет лица и безбедноста при такви ситуации е катастрофална“, вели Ацев.
Педалини најчесто изнајмуваат младите капачи и треба да се претпазливи.
„Ги привлекува да земат педалина и со неа да одат во подлабокото каде што водата е почиста и така се случуваат немили настани“, вели Ацев.
Од Општина Ресен велат дека дел од плажите во Преспа немаат спасувачи, па испратиле инспекции да наложат да се стават вакви обучени лица, а со педалините задолжително да се издаваат и елеци.