Достапни линкови

Можност за гнездење на пеликаните од македонската страна на Преспа


Пеликани во Преспанското Езеро
Пеликани во Преспанското Езеро

Со подобрувањето на состојбата на Преспанското Езеро и зголемувањето на количината на риба, пеликаните сега имаат многу стабилна популација. Постојат надежи дека оваа птица ќе ги свие првите гнезда од македонската страна на езерото, велат во Македонското еколошко друштво.

Заштитен е опстанокот на пеликанот во Преспа. Еколозите велат дека со подобрувањето на состојбите во езерото, расте и бројот на овие птици.

„Сега засега можеме да кажеме дека на пеликаните им оди добро. Во голема мера тоа е поради подобрените услови во Езерани, а и на целото езеро. Со подобрувањето на состојбата на езерото и зголемувањето на количината на риба, пеликаните сега имаат многу стабилна популација“, вели Ксенија Путилин од Македонското еколошко друштво.

Постојат надежи дека оваа птица ќе ги свие првите гнезда од македонската страна на езерото.

„Во Македонија не знаеме дали некогаш имало гнездечка популација, но долго време ја нема. Нашите мониторинзи укажуваат дека Преспа може да стане поволно место за гнездење на пеликаните. Забележуваме дека тие веќе се однесуваат како да формираат колонија и се задржуваат подолго време заедно со бели чапји и корморани. Очекуваме во иднина да имаме и локална гнездечка популација“, вели Путилин.

За пеликаните потребни се мирни места за гнездење, премногу се чувствителни на вознемирување од луѓето.

„Тие за да гнездат им се потребни плитки делови со трска, каде прават платформи. Но, се многу осетливи на вознемирување, дури и да надлеташ со дрон над нив или да помине еден чамец го прекинуваат гнездењето“, вели Питилин.

Се очекува воспоставената ренџерска служба во природниот резерват Езерани да ја заштити трската.

„Се воспостави ренџерска служба која воспостави режим за заштита на природните ресурси на подрачјето. Претходно тоа подрачје се соочуваше со кражба на песок, палење на трска, а сега во близина на делтата на Голема Река бележи сериозно зголемување, проширување на површината“, вели Никола Здравески, стручен соработник во проектната канцеларија на УНДП.

За опстанок и зголемена популација на пеликаните придонесува и Програмата за реставрација на Преспанското Езеро, преку која УНДП и Швајцарската агенција за соработка и развој вложија над 5 милиони долари. Преку неа се намали загадувањето на езерото, концентрациите на фосфор и азот како остатоци на вештачките ѓубрива од земјоделството, оптимизирано е искористувањето на водата за наводнување, подобрен е третманот на отпадните води, се враќаат на блатата како природни прочистувачи на водите и други активности кои го спасија езерото од деградација. Анализите покажуваат дека во голема мера е подобрен квалитетот на водата.

Малото Преспанско Езеро ја има најголемата гнездечка колонија на кадроглави пеликани и заедно со големото Преспанско Езеро претставува еко-систем, кој поддржува скоро 10 проценти од светската популација на оваа глобално загрозена птица. Најголема концентрација на пеликани има во летниот период кога за време на мониторинг биле забележани до 1.300 единки.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG