Работите мора да се менуваат од корен, кажаа членките на платформата од жени за жени наречена „Без дозвола“. Иницијативата за заеднички настап на жените против формите на родово базирано насилство, во што спаѓа и сајбер насилството, ја покренаа четири битолчанки докажани во нивните професии - Софија Ристевска, режисерка и сопственичка на „Интимен театар“, Маја Андоновска -Илијевски актерка и директор на Центарот за култура, Марија Магдалена Петковска-Микаровска професорка по англиски јазик и заменик-директорка во Медицинско училиште, позната по акцијата „Мети си со класнето“, и Бисера Костадиновска-Стојчевска професор по англиски јазик на Педагошкиот факултет, продеканка и кандидатка за пратеничка.
„Сајбер насилство е доведено до ниво на грозна појава во сајбер просторот. Ќе најдеме начин како да им се пружи психолошка и правна помош за заштита од говорот на омраза и дискриминација, но и со законски, правни регулативи. Да се стремиме насилството и дискриминацијата кон жената во сите форми да бидат забранети со закон и соодветно третирани“, рече Ристевска.
Видете и ова: „Остани дома“ не е безбедно за ситеДел од членките биле жртви на сајбер насилство од една иста личност, што било само една од причините да се здружат и да ја создадат платформата за одбрана на жената.
„Лично деградирање, интернет булинг најчесто од луѓе кои на никаков начин не сме ги ни вознемириле, а не ги ни познаваме. Вознемирува фактот што најголем број на луѓе најчесто со криен идентитет ставаат на тапет жени кои си дозволиле да работата за подобрување на местото каде што живеат. Наша првична идеја е дека нештата треба да се менуваат од корен. Наша идеја е делувањето да го започнеме од формалното и неформалното образование“, рече Андоновска-Илијевски.
„Она што гои гледаме моментално и сите сме соочени со истото е војната на зборови која активно ја гледаме секојдневно на социјалните мрежи со едни говори на омраза од луѓе кои очигледно не ја научиле тенката линија меѓу говорот на омраза и слободата на говорот. Тешко е кога се мешаат семејства, деца, кога се добиваат закани по животот на најблиските, тоа веќе ги поминува сите граници, за тоа нема ниво, тоа е дно“, рече Петковска-Микаровска.
Говорот на омраза мора да се спречи додека не пламне на улица
Бисера Костадиновска-Стојчевска пред еден месец доживеала атак врз нејзината личност и семејството на Интернет, па одлучила да тужи.
„Слободата на говорот е изгубена во говорот на омраза посебно оној кој е родово базиран. Откако сите на еден свој начин, во засебна форма ги искусивме овие проблеми решивме дека мора да се стави точка и работите да се променат. Родовата еднаквост не се постигнува само со присутноста на жената на листите и во Парламентот, туку жените се рамноправни кога знаат какви политики поддржуваат и кога нивниот глас ќе се слушне“рече Костадиновска- Стојчевска.
Покрај советодавната поддршка и проекти за заштита на жената, ќе се бараат и законски основи за решавање на проблемите.