Достапни линкови

„Вечерите на женски права“ со повик за родова еднаквост во сите сфери на животот


Од 6 до 12 март, во МКЦ и во Кинотека, под глобалната тема „Јас сум Генерација Еднаквост – остварување на женските права за еднаква иднина!“, ќе се одржат 11-те „Вечерите на женски права“, настанот кој нуди културна алтернатива на прославувањето на Меѓународниот ден на жената – 8ми Март.

Замислена како поинаква, како културна алтернатива на прославувањето на Меѓународниот ден на жената – 8ми Март, на Скопје и генерално на македонската јавна сцена, како и во изминатата декада, ќе и се случат „Вечерите на женски права“ настанот зад кој со својот организациски габарит овојпат застанаа Град Скопје, Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕФТА, Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет од Скопје и Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women.

Ова подразбира дека, во периодот од 6 до 12 март, во Младински културен центар и во Кинотека, под глобалната тема „Јас сум Генерација Еднаквост – остварување на женските права за еднаква иднина!“, ќе се одржат низа содржини кои најдиректно ќе проговорат за положбата на жената во нашето општество и генерално во времето во кое живееме.

Така, в петок на 6 март, во 19 часот, во фоајето и во Галеријата на МКЦ паралелно ќе бидат отворени две изложби – едната на студентска фотографија насловена како „Кршење на обрасците“, а другата ликовна со меѓународно учество. И, кога сме веќе тука да кажеме дека во случајов кураторката и познатата македонска уметница Шќипе Мехмети за поставката насловена како „Будење“ одбра дела на Периен Кристиан од Велика Британија, Сандрин Бридиер од Франција, Србинката Драгана Заревац, Гордана Квајо од Хрватска, Татиана Коцмур и Лиза Шименц од Словенија, Романката Александра Санд и нашите Кристина Божурска, Ана Лазаревска, Гента Спахиу Мирзо и Ана Ивановска.

За 20 часот, во кино „Фросина“, се предвидени обраќања на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и Резидентната координаторка на ОН во земјава Росана Дуџак.

И, по таквиот чин во истиот простор ќе бидат реализирани разговорите на Ана Јовковска со нејзините соговорници Ленче Здравкин – хуманитарка и активистка, Бојан Јовановски – извршен директор на ХЕРА, активистката и феминистка Лулета Адеми и поетесата Ана Голејшка Џикова.

На отворањето на „Вечерите на женски права“ најнапред ќе биде прикажан и хрватскиот документарен филм „Дневникот на Дијана Будисављевиќ“ од режисерката Дана Будисављевиќ, кој на Пулскиот филмски фестивал минатата 2019 година ја доби наградата за најдобар филм и најдобра режија, а потоа церемонијата ќе ја затвори Киклоп со песни од жени изведувачки.

Сцена од филмот „Дневникот на Дијана Будисављевиќ“

Во недела на 8 март, пак, изложбата „Кршење на обрасците“ на Универзитетот за аудиовиузуелни уметности, ЕФТА од Скопје и Институтот за родови студии при Филозофски факултет ќе осамне во Кинотека, каде потем ќе биде прикажан хрватскиот игран филм „Куќата на малата ѕвезда“ на Слаѓана Лучиќ, по што следува и разговор со режисерката и продуцентката Бабун.

Во понеделник, на 9 март, е планирано да се случи проекцијата на филмот „Отворена врата“ на Флоренс Папаз од Албанија, а за 11 и 12 се планирани две прикажувања на документарецот „Тоа е тинејџерски свет“, по што Ана Јовковска во двата дена и одвоени сесии за свои соговорници ќе ги има најнапред професорот, поет и писател Владимир Мартиновски и Радмила Живковиќ – психолог и психотерапевт, а потем и нејзината колешка Ивана Хаџиванова и литературниот творец и критичар Ѓоко Здравески.

Сцена од филмот „Отворена врата“

- Уникатноста на „Вечерите на женски права“ како манифестација, од неговото прво издание до денес се луѓето кои работат во организирањето и публиката. Организацијата на „Вечерите... “ вклучува лица кои доаѓаат од различни сфери на дејствување – култура, новинарство, активизам, академија, филм и визуелни уметности, родови студии…. Град Скопје, UN Women, а некои години имавме вклучување и на амбасадите. Станува збор за колективен труд и огромна креативна енергија која се вложува за да се навратиме на вистинските вредности за тоа зошто го славиме 8-ми Март и зошто 8-ми Март ни е сеуште потребен. Сметам дека имаме и публика која го препознава и го цени тоа, и која исто така знае да започне дијалог за прашања поврзани со родовата еднаквост, вели Мирјана Недева задолжена за комуникации во UN Women.

Таа и со дополна дека во изминатата декада на „Вечерите на женски права“ се прикажани 45 филмови, и отприлика, дека имале околу 140 лица кои гостувале, или како говорници, или како автори или продуценти на филмовите.

За мене лично, а верувам дека и за сите кои се во организација на „Вечерите...“, уметноста – без разлика за кој уметнички израз се работи – има најголема моќ да поттикне на размислување и да предизвика промени, притоа не мислејќи дека самата по себе треба да има цел. Затоа, оваа година, да го одбележиме 8ми Март со славење на економските, социјалните, културните и политичките достигнувања на жените и да повикаме на остварување на родова еднаквост во сите сфери на животот, и на 8-ми Март, и не само на 8- ми март, туку во текот на целата година, дополнува Недева.

Во овој контекст не треба да се заборави дека годинешната темa за одбележување на Меѓународниот ден на жената е во согласност со глобалната мулти-генерациска кампања на UN Women, „Генерација Еднаквост“, која ја одбележува 25-годишнината од Пекиншката декларација и Платформа за акција. Усвоена во 1995 година, Пекиншката декларација и Платформа за акција е прифатена како најпрогресивната агенда за зајакнување на жените и девојките ширум светот.

Кампањата „Генерација еднаквост“ има за цел да ги собере новите генерации на активист(к)и за права на жените - од кои многумина можеби и не беа родени во 1995 година - со застапниците за родова еднаквост и визионерките кои беа клучни во креирањето на Пекиншката декларација и Платформа за акција пред повеќе од две децении, со цел да се забрзаат напорите за остварување на родовата еднаквост и правата на жените и тие да станат реалност.

Од таму, Кампањата цели кон предизвикување внимание и дејствување за клучните прашања, вклучително еднаква плата, еднакво споделување на неплатена грижа и домашна работа, крај на сексуалното вознемирување и сите форми на насилство врз жени и девојчиња, како и здравствени услуги кои одговараат на нивните потреби, еднакво учество во економскиот и политичкиот живот и донесување одлуки во сите области на животот.

Затоа и Извршната директорка на UN Women, Пумзиле Мламбо-Н’гчука, по повод новиот извештај на UN Women „Осврт кон женските права по повод 25-години по Пекинг“ ќе рече: „Во освртот кон женските права се покажа дека, покрај одреден прогрес, ниту една земја нема постигнато родова еднаквост. Еднаквоста не е само една четвртина од местата на масите на кои седат оние кои имаат моќ. Но, тоа е ситуацијата во рамките на раководствата. Мажите се 75% парламентарци, држат 73% од менаџерски позиции, присутни се во рамките на 70% кои се вклучени во климатските преговори, и скоро сите миротворци се мажи. Ова не е инклузивен и еднаков свет и ние мора да преземеме акција за да искреираме свет кој не е дискриминаторски спрема жените. Единствено половина е еднаков дел, и единствено еднакво е доволно“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG