Сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети. ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5 јули, напиша лидерот на СДСМ Зоран Заев на официјалниот Фејсбук профил.
Синоќа на полноќ истече четвртата по ред вонредна состојба во државата, воведена за справување со последиците од коронавирусот. Власта на ја продолжи вонредната состојба и според нив течат роковите за избори. Роковите за предвремените парламентарни избори кои требаше првично да се одржат на 12 април, беа замрзнати поради пандемијата со ковид-19. Според власта сега остануваат уште 22 дена до избори, па тие би требало да се одржат на 5 јули.
„Датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, тој е одреден од уставот и законите, напиша лидерот на СДСМ, Зоран Заев на официјалниот Фејсбук профил.
Тој пишува дека итно одржување на изборите е неопходно и екстремно важно за да се вратат институциите кои мора да им служат на граѓаните со полн капацитет и легитимитет. Вчера Заев, пак, рече дека во игра е и 8 јули (среда) како датум за избори.
Статусот на Заев уследи по прес-конференцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за кого 5 или 8 јули не се опција за одржување избори. За опозициската партија прв возможен датум би било некаде на средината на следниот месец. Партијата за одржување на избори испорача два услови – здравствен протокол и воспоставена мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Мицкоски побара претседателот на државата Стево Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба.
Видете и ова: Датумот за избори и натаму неизвесен, партиите преговараат
„Да изработиме протоколи со коишто ќе го заштитиме здравјето на граѓаните и втората работа, да имаме фер и демократски инклузивни избори во оваа држава. Што значи тоа? Тоа значи дека првиот ден кога мисијата набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат во Македонија веднаш по одржаната нивна прес-конференција следниот ден нека биде првиот ден од нашата кампања и од тој прв ден да го утврдиме датумот кога ќе бидат одржани овие избори“, вели Мицкоски.
Од Кабинетот на претседателот соопштија дека Претседателот ќе прогласи нова вонредна состојба, само ако има договор меѓу партиите за датумот за избори.
Досега лидерите на партите двапати во поширок состав, а во петокот само Заев и Мицкоски на средба кај Пендаровски се обидуваа да ги приближат ставовите за датум за избори.
Бујар Османи од ДУИ денеска на прес конференција рече дека без учество на релевантните политички фактори изборите ќе предизвикаат криза. Според него, таа криза ќе прерасне во институционална и ќе ги загрози преговорите со Европската унија.
Премиерот Оливер Спасовски на фејсбук објави дел од интервјуто што треба да излезе во новиот број на „Фокус“ во кој посочува дека датумот на предвремените парламентарни избори е завршена тема за Владата.
Во меѓувреме ОБСЕ/ОДИХР распиша конкурс за ангажирање на експери кои треба да ги набљудуваат предвремените парламентарни избори во Македонија на 5 јули. Во конкурсот објавен на нивната веб страница се наведува дека по покана од С. Македонија за набљудување на изборите и во согласност со мандатот што го има ОДИХР, се подготвуваат да распоредат Специјална мисија за проценка на изборите. Конкурсот трае до 16 јуни, а избраните кандидати во Македонија треба најрано да пристигнат на 19 месецов.
Деркоски не свикува седница на ДИК без решение за нов датум за избори
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски смета дека за да продолжи целиот изборен процес треба прво претседателот на Собранието Талат Џафери да донесе решение со нов датум за избори. Собранието се распушти на 16 февруари, на 100 дена пред избори кои требаше да се одржат на 12 април, и оттогаш не заседава.
„Претседателот на Собранието со решение го закажува датумот кога и да е, тоа мене не ме интересира кога ќе биде, битно е да има решение врз основа на кое ние после тоа планираме рокови и го носиме роковникот за избори. Без тој прв чекор не може да се организираат избори. Вториот основен чекор во Изборниот законик е избирачкиот список без кој, исто така, ако не е заклучен, потврден, прочистен комплетно согласно Методологијата за избирачки список донесена во февруари 2016 година од претходната ДИК, не може да се зборува дека одите на легитимни избори“, потенцира Дерковски.
Партиите се договорија да одат на предвремени парламентарни избори откако во октомври минатата година земјата не доби датум за почеток на преговори со ЕУ. Изборите закажани на 12 април беа ставени во мирување поради пандемијата на коронавирусот. Досега до ковид19 во земјава имаме 4057 заразени и 188 починати.