Три часа преговори на лидерите на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски завршија со договор за повторно да се преговараат. Мицкоски и Заев во претседателската вила Водно денеска не постигнаа договор за одредување на датум за парламентарни избори. Во соопштението од Кабинетот на претседателот е наведено дека на средбата се разговарало за различни аспекти на изборниот процец.
„И двете страни понудија аргументи во прилог на нивните позиции. На средбата не беше постигнат договор за одредување датум за предвремените парламентарни избори. Двајцата лидери се договорија да ја продолжат комуникацијата меѓу себе“ се вели во соопштението.
По напуштањето на вилата Заев за медиумите истакна дека нема да откриваат нови детали од разговорите.
„Оставивме можност во текот на утрешниот ден ако една од страните заклучи дека треба да се слушнеме, да се слушнеме, остануваме на соопштението“ вели Заев.
Мицкоски додаде дека во интерес на сложеноста на целата ситуација да остават претседателот во соопштение ја информира јавност.
„Деновите кои што се пред нас ќе добиете дополнителни информации, она што е важно дека до овој момент сè уште нема договор“ рече Мицкоски.
Претходно Пендаровски во обраќање до јавноста истакна дека избори треба да има, но оти тие треба да бидат во договор и со учество на сите политички субјекти. Ова е прва средба во ваков формат за изборите кај шефот на државата, откако на претходните две лидерски средби не беше постигнат договор.
„Јас знам дека најголемиот број од нашите граѓани не размислуваат за избори во време кога имаме пораст на заболени, меѓутоа, избори, и во време на корона, која нема да замине наскоро, се неопходни за да добиеме функционален, наместо распуштен парламент и легална и легитимна, наместо техничка влада“, изјави Пендаровски откако соопшти дека нема да прогласи нова вонредна состојба.
Тој во своето обраќање истакна дека власта и опозицијата се согласни дека на изборите мора да има набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Власта и опозицијата се согласни дека Државната изборна комисија во соработка со Комисијата за заразни болести треба да изготви посебни протоколи за безбедно гласање на граѓаните и безбеден престој во просториите за гласање на членовите на избирачките одбори и домашните и меѓународните набљудувачи.
Брнс: Важно е да се одржат избори
ЕУ известувачот за Македонија повика на договор за изборите
Ова во кое што се разликуваат ставовите на власта и опозицијата, како што претходно изјави Пендаровски е разлика од 15-тина дена. Власта сака избори на 5 јули, а опозицијата околу 19 рече Пендаровски.
Инаку првично изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Првиот случај на заболен од коронавирус во Македонија беше регистриран десет дена подоцна, на 26 февруари, а претседателот Пендаровски првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март. Втората беше со времетраење од 30 дена, а третата и четвртата која истекува в сабота се со времетраење од 14 дена.