Кој да управува со Офицерскиот дом и со Киното Манаки во Битола?

Кино Манаки во Битола

Локалната власт во Битола донесе одлука за формирање нова установа која ќе управува со Офицерскиот дом и со Кино Манаки. Опозицијата смета дека се прави простор за партиски вработувања, зашто веќе има доволно установи што може да го преземат работењето со овие објекти.

Советот на Општина Битола донесе одлука за основање на јавна општинска установа за култура која ќе управува со Офицерскиот дом, архитектонски бисер на Широк Сокак, кој години беше руиниран, а сега се реставрира и Киното „Манаки“, кое го изгради претходната власт, но го остави неопремено.

Советниците од опозицијата го критикуваа основањето на новата установа, зашто според нив имало веќе пет институции од културата во градот, а во ова гледаат и можност за партиски вработувања.

„Во однос на Киното ‘Манаки’, институција која функционира со кинодејноста повеќе од одлично од 2013 година кога се набави новата дигитална опрема е Центарот за култура и продолжува до денес со обучен кадар за програмирање на кино програма и технички кадар. И ова е предлог во која насока треба да се размислува, двете кино сали да не функционираат одделено. За Офицерскиот дом би можел да биде сцена за алтернативна уметност, исто така може да биде простор и за други уметности. Но, не класична институција бидејќи во Битола ги има повеќе од доволно“, рече Борче Димитровски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Реставрација на Офицерскиот дом во Битола

Игор Дурловски, носител на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица, на својот Фејсбук профил напиша дека Киното треба да му се даде на Фестивалот „Браќа Манаки“ или на Кинотеката, но и двете институции имаат седиште во Скопје.

Од локалната власт предводена од СДСМ возвратија дека претходната власт го објави на продажба Офицерскиот дом, а сега тие обезбедија пари од европски фондови и го реставрираат.

„Би требало да ви е позната историјата на сите, како и фактот дека Офицерски 20 години беше оставен на забот на времето. Кога колегите од опозицијата беа на власт и добија конечно можност и да го реновираат и да го вратат во служба на граѓаните, решија дека тој не им треба на Битола и битолчани. Поранешната власт се обиде и да го продаде. Тоа е болна приказна за тоа колку Офицерскиот дом му значеше на ВМРО-ДПМНЕ“, рече советничката Жаклина Наумовска.

Габриела Илиевска од „Поинаку“ критикуваше дека советниците од сегашната власт порано зборуваа за Киното дека е промашена инвестиција, ја критикувале неговата градба нарекувајќи го гулабарник на Широк Сокак, а сега „оваа локална самоуправа го исполнува вечниот сон на Владимир Талески“.

Видете и ова: Ќе се врати ли сјајот на Офицерскиот дом?

На ова возврати Борче Корлевски од СДСМ дека тие како власт не се однесуваат деструктивно со рушење на објекти.

„За киното 'Манаки', и за 'Скопје 2014', во цела Македонија се правеа објекти, настрана и од Скопје што во тој момент не им беше простор или начин, но ниеден објект од тие од 'Скопје 2014', па ни Киното оваа власт не одлучи нити да го сруши, нити да го обезличи, нити да го остави на забот на времето. Туку да го стави во функција на граѓаните. Тоа е пример како во иднина треба да се постапи со сите знаменитости и објекти кои ќе имаат културна намена“, рече Корлевски.

Градоначалничката Наташа Петровска образложи дека потребата од ваква институција е за да се грижи за објектите и нивниот опстанок зашто во изминатиот период биле сведоци како објекти во Битола проформа биле давани под надлежност на некои институции, а ништо не се правело за нив.