Достапни линкови

Кино „Манаки“ уште неотворено, а фасадата од стиропор се рони


Фасадата на киното „Манаки“ на Широк Сокак во Битола.
Фасадата на киното „Манаки“ на Широк Сокак во Битола.

Локалните власти користеле стиропор во изградба на киното „Манаки“ во Битола, покажаа сронетите орнаменти на фасадата. Објектот чини 900 илјади евра, а киното внатре уште не е опремено.

Општина Битола со денови молчи и не одговара на прашањата зошто при изградбата на фасадата од киното „Манаки“ на Широк Сокак, искористиле стиропор. Пред две недели работниците ги тргнаа преградите од пред киното и битолчани забележаа дека белите делови од градбата кои наликуваа како да се од цврст градежен материјал, се направени од стиропор. Дел од нив под дејство на атмосферските влијанија се изронија. Овие орнаменти се прикачени на цврстата градба и со нив требаше киното да го добие автентичниот лик како стариот објектот каде во 1923 година браќата Манаки прикажувале филмови.

Потоа од Општината го поправија изронетиот стиропор од украсните орнаменти, но и понатаму молчат зошто користела стиропор при градбата и во колкав процент го има на објектот стиропорот и лимот.

Дел од граѓаните критикуваат, а дел се задоволни што сепак се изградил објект посветен на големите сниматели.

„Киното изгледа како да почнува да се руши. Погледнете ги аглите, градени се со материјал кој не одговара на ваква градба. Тоа е стиропор.“

„Ние како заедница на Власите уште пред 15 години се боревме за да се изгради едно такво кино, кое локалната самоуправа дури сега сили за да се направи ова кино“, велат битолчани.

Покрај стиропорот напред, од задната страна за градба на киното, во делот каде треба да биди салата за проекции искористен е градежен материјал кој наликува на лим.

За градбата на киното „Манаки“ реагираше и локалната опозиција.

„Изградбата на објектот со големина од 400 метри квадратни опфати два мандати на градоначалникот Владимир Талески и за истиот, според информации од општината, се потрошени 900.000 евра. Наместо материјали кои ќе отсликуваат едно време искористени се стиропор и пластифициран лим. Од тука, денес битолчани го нарекуваат киното, гулабарникот на Широк Сокак“, рече Благојче Котевски, советник од СДСМ.

По ваквите обвинувањата побаравме одговор од Општината. Од таму писмено не известија дека деновиве на прес конференција стручни лица ќе информираат за сите детали кои се однесуваат на изградбата на киното, за реално да се информира јавноста. Но, од ветената прес конференција до сега нема ништо.

Изградбата на киното Манаки започна во 2013 година кога битолскиот градоначалник Владимир Талески изјави дека со градбата на надворешниот дел од киното ќе искажат почитување кон историјата и автентичната архитектурата.

„До крајот на следниот мандат можеби и порано ќе биде завршено и ќе биде ставено во функција. Киното Манаки покрај тоа што ќе го задржи оригиналниот изглед на фасадата и целиот надворешен дел кој мораме заради почитување на историскиот дел и вредноста на архитектурата од тој период, а внатре ќе се инсталира најсовремена опрема“, рече Талески.

Киното внатре се уште не е опремено, а општината минатиот месец распиша оглас за фирма која партерно ќе го уреди просторот.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG