Секоја криза, без разлика колку опасна и голема, има позитивен потенцијал за пoдобрување на нештата од кои сме незадоволни. Секоја криза отвара теоретска можност за преиспитување на моменталниот поредок, и практична можност за креирање на промена. Подолу ќе го споделам моето мислење околу можностите и одговорноста на младите за време на и по пандемијата, и како можеме да ја искористиме моменталната ситуација со цел создавање на нов општествен поредок во кој гласот и идеите на младите ќе бидат централни.
Навидум, тешко е да се биде лидер во вакви ново настанати услови. И многумина од моменталните лидери, вклучително и оние во полето на млади, доколку би знаеле што би ги пресретнало за време на нивниот мандат, можеби не би се ни согласиле на предизвикот уште на самиот почеток. И самиот овој факт мора да не втурне кон емпатија и разбирање кон оние кои се лидери во овој период, и кон мерките кои ги имплементираат. Но, тоа не значи дека лидерите треба да водат без одговорност, емпатија и отчетност во периодов, и пандемијата не смее да биде изговор за прекршување на Човековите Права долгорочно. Ова што го живееме денес не се нови услови, ова се истите услови на кои како млади бевме и сеуште сме изложени, но значително влошени и на моменти распределени.
Оваа криза е шансата за младите во Македонија, Европа, и целиот свет, да се вклучени значајно во редизајнирање на новиот општествен поредок и да се осигураат дека младите се во центарот на истиот. Преку надзорниот комитет за млади при Советот на Европа, го започнавме процесот на креирање на нов договор, од млади - за млади. Решивме да ги искористиме ресурсите, контактите и мрежите кои ни се достапни со цел гаранција на вклученост на младите во мерките за рестартирање на економијата и социјалниот поредок по пандемијата. Заедно со националните младински совети во секоја држава, и владините претставници задолжени за млади од државата, го бараме најдобриот договор за млади низ цела Европа, во секоја држава.
Што значи тоа за Македонија и младите? Истото што важи за сите останати Европски држави - повик за акција! Младите мора да се во првите редови, барајќи го своето заслужено место на масата за носење одлуки. Овој период младите беа искористувани медиумски на различни начини - редовно обвинети за негрижа околу почитување на мерките и пасивност околу помош на заедницата во овие тешки времиња. Но, младите кои јас ги знам и со кои работам, се токму спортивното од се набројано! Младите се оние кои ќе не спасат со нивната енергија, креативност и иновативност при пост-пандемските мерки за рестартирање на економијата и социјалниот поредок.
Да беше новиот пост-пандемски поредок целосно оставен на младите, ќе имавме нов демократски свет каде што секој/а има можности да изгради живот по свој мерак, и секој/а може да биде тоа што сака. Свет базиран на слобода и солидарност, и демократија базирана на плурализам. Гледано историски, младите се оние кои секогаш ја враќаат Македонија на правиот демократски пат кога ќе скршне (Студентски Пленум, Шарена револуција). Пост-пандемискиот поредок ќе биде изговор за многу авторитарни движења и тенденции во општеството кои ќе се трудат да ги искористат моменталните цивилизациски слабости со цел создавање нова норма на затворени општества кои се лимитирачки и дискриминираат. Младите имаат одговорност поголема од било која до сега - да се активно вклучени во градење на новиот општествен поредок преку сите достапни медиуми и канали на влијание кои им се достапни. Млади - верувам во нас!
Младите во Македонија се полни со борбеност и енергија и се жедни за промена - фактот дека многу македонци и македонки се на значајни Европски позиции и имаат успешни приказни надвор од Македонија е реалност која ја потврдува мојата изјава. Младите со својата борбеност се еден од главните двигатели на Македонија кон Европа. Меѓутоа истовремено, доста млади се, за жал, разочарани од процесот домашно, и решаваат да ја бараат својата среќа и да го искористат својот талент надвор од Македонија.
Според мене, ова не се единствените модалитети на младинско учевство. Младите имаат можност, да покажат пост-пандемски, дека немора да чекаме да влеземе во Европската Унија, за да почнеме да ги живееме Европските континентални вредности и домашно, и со тоа да сме промената која сакаме да ја видиме. Младите можат да се генерациски лидери по пример, преку секојдневно живеење на Европските вредности: демократија, владеење на право, Човекови Права, плурализам, еднаквост и достоинство - и многумина од нив веќе го прават тоа, свесно или не.
Пост-пандемскиот социјален поредок ќе биде преполн гужва со активисти/ки кои легитимно ќе застапуваат за своите каузи, со цел поттикнување на промена пост-криза. Младите не смеат да си дозволат да не се во првите редови за време на овие перговори, бидејќи само тие умеат да докажат дека нов светски поредок е возможен, и водејќи по пример, ќе докажат и како. И така и само така, Македонија ќе влезе во Европската Унија како еднакво силен партнер на останатите држави членки.
Приклучете се - сега е нашето време!