Македонскиот центар за научни истражувања и промоција на културата - ХАЕМУС и Поетски слем Македонија (Poetry SLAM Macedonia) деновиве горделиво застанаа зад уште една заедничка плодоносна идеја. Тие во јавноста, во времево на светска пандемија и нагласено строги мерки за превенција и заштита од корона вирусот, а во пресрет на 18 април - Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, го промовираа онлајн конкурсот за доставување на видео со слем поезија на тема „Заеднички култури, заедничко наследство, заедничка одговорност“.
Во појаснувањето на идејата за ваквиот потег потписниците во своето послание до јавноста наведуваат дека „темата го отсликува глобалниот контекст на наследството како дел од културниот идентитет во времето на брзата демографска промена, конфликтите и нестабилната животна средина“. Тие и со појаснување дела „независно дали се работи за локалитети, пејзажи, практики (обичаи) или збирки (артефакти и/или уметност), со оваа тема е опфатено разновидното културно наследството и нашата колективна одговорност да го заштитиме, презентираме и да го пренесеме на следните поколенија неговото значење и неговата вредност“.
„Идејата за интерактивниот онлајн настан „Сподели го твоето наследство“ е инспирирана од темата „Заеднички култури, заедничко наследство, заедничка одговорност“ која е овогодишна сеопфатна тема на ИКОМОС за 18 април, кој пак се прославува како Меѓународен ден на спомениците и локалитетите ширум светот. Овој меѓународен конкурс на којшто можат да аплицираат поети и уметници од целиот свет ХАЕМУС го организира во соработка со Поетски слем Македонија со коишто соработуваме долги години. Преку учество на поетесите и поетите кои би слемирале поезија на свој мајчин јазик целта ни е да ја подигнеме свесноста за разновидноста на материјалното и нематеријалното наследство кое што не опкружува, за неговото значење и неговата заштите употребувајќи ги алатките на новите медиуми“, вели Василка Димитровска, археолог и менаџер во културата од ХАЕМУС.
Од Поетски слем Македонија, пак, со појаснување дека се поканети сите поети и поетеси да достават авторска поезија како видео запис и како транскрипт. Тие, како што пишуваат во конкурсот, песните можат да ги изведуваат на мајчин јазик (сепак мајчиниот јазик е култура и културно наследство) или на англиски јазик, а доколку се одлучат изведбата да биде на мајчиниот јазик, потребно е да залепат превод на англиски јазик на самото видео. Видеата и транскриптите треба да се испратат најдоцна до 15. април 2020 година на мејловите: contact@haemus.org.mk и poetry.slam@yahoo.com.
Во нивната објава се вели и тоа дека пристигнатите материјали ќе бидат селектирани од страна на меѓународно жири формирано од страна на Поетски слем Македонија. Тие ќе бидат јавно публикувани како видеа, но и во електронска книга како официјална публикација во издание на ХАЕМУС. Видео материјалите ќе бидат емитувани на социјалните мрежи на ХАЕМУС на 18 април од 12 часот напладне па натаму, а, секако, ќе бидат достапни и понатаму на интернет сајтовите на организаторите на овој конкурс.
Искрено се надеваме дека ќе има голем одѕив затоа што живееме во време кога сите сме во домашна изолација, па секој чин на уметност ни е добредојден да го одржи нашето ментално здравје во кондиција. Исто така, напоменувам дека повикот е интернационален. Поетри слем Македонија, а и ХАЕМУС, имаме широка интернационална мрежа на соработништво и сметаме дека повикот ќе допре до многу поети и поетеси од сиот свет.
Најважно што сакам да истакнам е дека ги охрабрувам сите оние кои пишуваат, а не се занимавале со слем досега, да се снимаат како рецитираат своја поезија, затоа што слемот пред сѐ е поезија на изречениот збор, а не на напишаниот збор. Секако, вреди да се проба, а и овој период кога имаме време на претек е совршен за истражување и совладување многу нови изрази, вештини и сличо, ќе рече Елена Пренџова, поетеса, учесничка на бројни слем наптпревари во светот и член на Поетски слем Македонија.