Израелецот Амир Ор – лауреат на Струшките вечери на поезијата 2020

Амир Ор, израелскиот поет - лауреат на Струшките вечери на поезијата 2020. Фото: Анѓелко Васиљевиќ

Амир Ор, израелскиот поет, романописец и есеист, е добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2020 година. Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на фестивалот, предвиден да се одржи од 26 до 31 август.

Амир Ор е интригантен автор, кој доаѓа и се надоврзува на една, исклучително богата и влијателна книжевна и културна традиција, како што е хебрејската, која себеси постојано се градела низ вековите како своевиден палимпсест и синтеза на плодоносни гео-културни вкрстувања и разновидни творечки практики.

Уште на прв поглед и читање, творештвото на Ор плени со својата вибрантност и енергетски полнеж, непресушниот копнеж и радикалната потрага по новото и непознатото, извонредната сугестивност на лирската интонација, како и повеќеслојната симболика на античката митологија, што моќно ги проникнува овие, дијалошки обликувани стихови и молбени обраќања кон лирското Ти - кон Другиот/Другата.

Поезијата на Амир Ор е впечатлива, приемчива, поезија која не му дозволува на читателот да остане рамнодушен, изобилно натопена со својот сочен, свеж, императивен јазик, со танцувачкиот динамичен ритам на стихот, со комплексните, емоционални и духовни немири, изнедрени „директно од бедрото“.

Ова, меѓу другото, ќе го напише проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, во образложението за одлуката Израелецот Амир Ор да биде годинашниот добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.

Ор е водечки израелски поет, писател и есеист, познат како главниот глас на новата генерација од светската книжевност. Автор е на 13 збирки поезија, од кои најнови се: „Плен“ – избрани песни 1977-2013 (2013), „Крилја“ (2015) и „Дете“ (2018). Неговите песни се преведени на 50 јазици и биле објавени во поетски списанија, антологии и книжевни веб-страници, како и во 33 книги низ Европа, Америка и во Азија. Негови романи се „Песната на Тахира“ (2001), фиктивна епопеја во стихови, и „Кралството“, роман за животот на кралот Давид.

Тој е добитник на израелски и меѓународни поетски награди, како што се: писателската награда „Фулбрајт“ во 1993 година, признанието „Плејади“ седум години подоцна за неговиот „значаен придонес кон модерната светска поезија“, наградата „Бернстајн, „Премиерската награда за литература“ во 1996 година, наградата „Оенеум“ на Тетовскиот поетски фестивал во 2010 година, „Поетската награда за песна посветена на виното“ во 2013 г. од Струшките вечери на поезијата, меѓународната награда „Стефан Митров Љубиша“ од Градскиот театар „Будва“, наградата „Европски атлас на лириката“ во 2016, наградата „Светот низ поезија“ наредното лето од Блу Мет Монтреал за „неверојатната длабочина и квалитет на неговата поезија“, наградата „Европски Хомеров медал за поезија и уметност“ во 2019, неодамнешната награда за животно достигнување на директоратот „АКУМ“, како и бројни стипендии од Универзитетот Ајова, Еврејскиот институт на Универзитетот Оксфорд, Фондацијата „Валпараисо“ од Шпанија, „Замок Хоторнден“ од Шкотска, Ирската фондација „Хајнрих Бел“, Фондацијата „Ле Трел“, како и „Прага, град на културата“ на УНЕСКО, меѓу другите.

По веста дека тој е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2020 година, Амир Ори во своето поздравно обраќање до македонската јавност нагласува:

„Не можам да искажам колку возбуда и задоволство ми причини веста за добивањето на наградата Златен венец. Струга е преплетена во моето поетско патување над 20 години, откако мојата книга „Давејќи се, дишам жива вода“ беше објавена во едицијата „Плејади“ во 2000 година, долги години пред мојата избрана поезија да биде објавена на српски или бугарски јазик. Бев сведок преполн со восхит на овој годишен собир на истакнати претставници на нашата Меѓународна поетска република, кога Бонфоа, Транстромер и мојот пријател В. С. Мервин беа добитници на престижниот Златен венец на поезијата, и со враќањето тука во 2020 година како лауреат, чувствувам дека мојата работа е наградена заради тоа што овде се има слух и љубов за поезијата . Кога се враќам во Струга и Охрид, знам дека сум помеѓу луѓе кои читаат поезија, луѓе со префинет вкус за поезија, кои имаат потреба за почит кон уметноста на поезијата, луѓе кои ја разбираат нејзината длабока вредност и уникатно значење преполно со мудрост, убавина и дијалог, со мечта и креативност, како и со слободата индивидуално да размислуваме и да чувствуваме.“

Инаку, Амир Ор е роден во Тел Авив, 1956 г. Неговите баба и дедо емигрирале од Полска во 1930-тите и пристигнале во Израел како ционистички пионери. Тој е потомок на прославена династија рабини, меѓу кои Елимелех од Лежајск и Раши, чие фамилијарно стебло се протега дури до кралот Давид. Во неговите дваесетти, Амир живеел неколку години во Холандија и во Индија каде што учел медитација и техники за личен развој. По враќањето во Израел, тој основал центар за медитација и терапија, како и спиритуална заедница во Ерусалим. Студирал филозофија и компаративна религија на Еврејскиот универзитет во Ерусалим каде што и држел предавања за античката грчка религија.

Дебитирал во 1987 година со „Гледам низ очите на мајмунот“ за која ја добива книжевната награда „Хари Харшон“ на Еврејскиот универзитет. Потем следуваат книгите „Лица“ (1991), „Откупнина на мртвите“ (1994), „Па!“ (1995) и „Песна“ (1996), а објавил и голем број написи, статии и есеи за книжевност, општество, компаративна религија и за класиците, а пишувал и книжевна колумна за весникот „Хаарец“.

Во 1990 година, Ор го основал Друштвото „Хеликон“ за напредок на поезијата во Израел, а три години подоцна ја формирал Арапско-еврејската поетска школа со истото име, каде што развивал пионерски интегрирани методологии за учење на креативно пишување. Предавал во Израел, САД, Европа и во Јапонија, а во 2001 година го основал Меѓународниот поетски фестивал „Шаар“ и работел како негов уметнички директор.

Тој бил и главен уредник во списанието „Хеликон“, како и на серијата поетски збирки издадени подоцна. Уредувал и други книжевни списанија, како и неколку антологии од хебрејски и на различни европски јазици. За неговите уреднички придонеси, Ор е добитник на Наградата за уредништво на израелското Министерство за култура во 2017 година.

Авторот на хебрејски превел 10 книги проза и поезија, меѓу кои: „Евангелие по Тома“, „Растргнувачки копнеж“ – антологија на грчка еротска поезија, Приказни од Махабхарата, како и преводи на модерни поети, како Шејмас Хини, Ан Секстон, Шунтаро Таникава, Џиди Маџија, Фиона Сампсон и Анастасис Вистонитис. Неговите избрани преводи „Од еврејската страна“ беа објавени во 2017 година. За неговите преводи од старо грчки јазик, тој е добитник на Почесната награда од израелското Министерство за култура.

Конечно, Амир Ор е национален координатор на проектот „Поети за мир“ поддржан од ОН, основач на Светското движење за поезија и на Европската асоцијација на програми за креативно пишување.